Истражувањата велат дека разводот е на второ место по количината на стрес што го предизвикува кај луѓето. Смрт на блиска личност, па веднаш следува разводот. Во мојата секојдневна работа уште еднаш се уверувам во точноста на таа изјава, но не само кај луѓето кои се разведуваат….
Иако на прв поглед не изгледа така, често тие не се оние кои најмногу страдаат тогаш. Има мали суштества кои поминуваат низ сето тоа со нив, без да имаат никаков дел од одговорноста во целата приказна. Погодувате – тие мали невини суштества се нивните деца!
Ако сте во процес на развод или веќе сте разведени, прочитајте ги следните редови.
Иако мислите дека сѐ што правите правите за најдобар интерес на детето, верувајте кога велам дека при развод генерално, го правите спротивното. Вашето размислување е заматено од силата на емоциите кои ве обземале, а всушност, ја правите најчестата грешка во тие ситуации.
Не го одделувате вашето родителство од вашата брачна улога!
Како брачен другар очигледно веќе не можевте да функционирате и со разводот таа ваша улога ќе згасне, но секогаш ќе бидете родител на вашето дете.
Од една страна, ги разбирам грешките што ги прават партнерите за време и по разводот – тие се полни со секакви негативни и интензивни чувства, често изневерени, издадени, нападнати. Сепак, не сакам да ги одобрувам или поддржувам нивните грешки, особено кога тие се продлабочуваат и продолжуваат со текот на времето. А верувајте, во повеќето случаи е така.
На вас е да одлучите дали вашите поранешни животни улоги да ги подредите на родителската или ќе продолжите да го правите спротивното.
Што навистина значи сето ова?
Кога ќе кажете нешто како:
„Нема да го потпишам пасошот затоа што сакаш НАШЕТО дете да го однесеш на море со твојот нов партнер.
„Сега нема да го добиеш детето, бидејќи минатиот пат воопшто не дојде по него“.
„Не даваш алиментација, сега нема ни да го видиш детето (кога и онака не се грижиш за него).
„МОЕТО дете нема да влезе во куќата каде што е тој/таа. (Се мисли на новиот партнер)
Вие тогаш не размислувате за најдобриот интерес на детето. Реагирате од недовршени и силни чувства кон бившиот партнер, а всушност се одмаздувате преку единственото невино суштество во целата приказна – преку вашето дете!
Не е виновно вашето дете што ве изневерил поранешниот партнер.
Детето не е одговорно затоа што поранешниот партнер повеќе не ве сака. Или затоа што постојано се расправавте.
Ниту затоа што можеби сте биле вербално и/или физички нападнати.
Детето не ве избрало вас. Вие сте го создале!
А не мислите на вашето дете ниту во овие ситуации:
Кога и една година откако ќе го изгубите секој меѓусебен контакт со детето, ќе речете нешто како: „Тој прво да ми се јави. Тој е помлад!“
„Таа (ќерката) треба прво да се јави. Таа ме навреди“.
„Нема да се видиме некое време. „Многу сум тажен и треба да го средам тоа“.
„Твојата мајка / татко е таква и таква/таков и таков“.
„Кажи ѝ/му на мама/тато ова и она“.
Детето не е ваш поштар. Детето не сака да го вклучите во вашите кавги. Не треба да го лишувате детето од себеси само затоа што не се чувствувате „најдобро“.
На вашето дете му требате какви и да сте. Ако го прашате дали сака да ве гледа повремено само кога сте расположени или често, но во сите ваши расположенија, што мислите дека би рекол? Второто, тоа е сигурно.
Не го лишувајте детето од себе или од другиот родител заради лични несогласувања.
Немојте да го учите на некоја лекција така што нема да го гледате. Детето тогаш сигурно нема да научи што вие мислите дека треба. Единственото нешто што малото главче ќе го заклучи тогаш е најлошото:
„Татко ми / мајка ми не ме сака“.
Вашето дете ве гледа со очи полни со љубов и срце полно со желно исчекување. Денес, утре, за една година.
Детето не сака да биде дел од вашиот проблем. Сака да биде вашето совршено решение.
Продолжува да дише и да расте покрај вас. Тој сè уште ве гледа како негови родители и не сака да ве смени. Можеби ќе реагира бурно кога ќе сфати дека никогаш повеќе нема да се смирите, но бидете тука да му објасните што значи тоа.
Изјавувајте му ја вашата љубов секој ден. Кажете му дека вие повеќе не се сакате, ама дека него ќе го сакате цел живот. И двајцаата. Него. Безусловно, без граници.
Детето е најубавото нешто што сте го создале заедно. Немојте да ја извалкате таа негова светост!