Најтежок период ми беше кога близнаците беа во инкубатор, а јас не можев да ги видам

Љупка Христова, мајка на десетгодишните близнаци Георги и Михаил, во пресрет на Меѓународниот ден на предвреме родените деца (17.ноември), се потсетува на најтешкиот период од нејзиниот живот - кога пред цела деценија ги родила своите близнаци предвреме, и морала да си замине дома без нив.

0
1772

Љупка Христова e мајка на сега десетгодишните близнаци, Георги и Михаил, родени со мала родилна тежина во 31. недела од бременостa. Забременила на 35-годишна возраст, после второто ин витро во „Систина“ (во тоа време на Клиника сѐ уште не се правело ин витро).

При една контрола во 31. недела, на редовниот преглед било утврдено дека едниот плод бил со намалени параметри во однос на претходниот преглед.

„Неколку дена по прегледот, додека бев сама дома почнав обилно да крвавам и итно бев однесена во „Систина“, кадешто докторот кој ми ја следеше бременоста и од кого очекував помош, ми рече: ‘нашата работа е тука завршена, повеќе не можеме да помогнеме’ и ме упати на ГАК, затоа што како што ‘немаме апаратура, кадар и инкубатори, за во таа недела од бременост да прифатиме предвремено родени бебиња’. Болницата не ми обезбеди ниту амбулантно возило, па сопругот мораше да ме вози до ГАК.

Во тој период, во тогашна „Систина“, немаше вработено ниту неонатолози.

Сепак, се додека не дојдов на ГАК, не бев свесна дека не само животот на бебињата, туку и мојот живот е во сериозна опасност. Тогаш не ми беше ниту важно што ќе биде со мојата здравствена состојба, стравував само за животот на бебињата.

На ГАК ме примија во критична состојба и констатираа дека се работи за ‘плацента превија тоталис’ и ме сместија на интензивна нега кадешто поминав 3 дена за да ми се стабилизира состојбата.

На почеток бев убедена дека ме хоспитализираа за да им  се даде време на бебињата да пораснат. Меѓутоа, проблемот бил во тоа што во критична состојба сум била јас па се чекало да се стабилизирам за веднаш да ми биде направен царски рез за да не страдаат и бебињата.

И така, после три дена, на 24. ноември беше направен царски рез од страна на докторите Весна Ливринова и Игор Самарџиски. Бебињата се родија во 31. недела со мала родилна тежина. Михаил тежеше 1,650 г и 45 цм должина, а Георги – 1,130 г и 37 цм должина.

Двете се родија со сепса, поради крвавење (плацента превија) и во животно загрозувачка состојба. Михаил беше во инкубатор до 28. декември, а Георги остана подолго на ГАК и беше пуштен дома на 5. јануари.

Мене пак ме испишаа од болница на 30.11.2009. година.

Георги и Михаил во инкубатор

Поради вирусот А Х1Н1 на свинскиот грип во Македонија  посетите во болница беа забранети, особено на одделот за неонатологија на ГАК, што од денешна перспектива ми изгледа сосема оправдано. Но во тоа време ми беше сосема неразумно мајката да биде одвоена од своите бебиња и тоа недоразвиени, родени пред време. Можам да кажам дека тој период беше најтешкиот период од мојот живот, информациите за состојбата на  моите бебињата ги добивавме исклучиво преку телефон и тоа во периодот помеѓу 14 и 15 часот. Се случуваше да вртам по 30-40 минути додека да добијам некој од докторите кои се грижеа за нив, затоа што линиите беа секогаш зафатени бидејќи сите родители се јаавуваа за да добијат информации.

Тоа беше премногу стресно затоа што пред секое јавување си во голема неизвесност, се плашиш за нивната состојба, не знаеш дали се живи или не, дали се на маски, дали на дифузен кислород, дали реагираат на антибиотската терапија и слично. Се случуваше во тој период дури и да не дојдеш до информација за животот на бебињата. Но Господ ти дава некоја сила во тие моменти и веруваш дека мора да биде добро. Реков дека тие ќе преживеат, дека мора да преживеат. На 19 декември кога се стабилизирав, отидов во „Џамбо“ во Солун, додека тие сѐ уште беа во инкубатор и си реков дека не смеам да живеам во неизвесност. Затоа купив сѐ што треба за да ги дочекаме бебињата дома подготвени.

Поради стресот имав постојани несоници и здравствени проблеми.

Првата Нова година на Георги и Михаил

И така, еден месец за Михаил (кој го земавме дома на 28.12.2009.година по поминати 34 дена во болница) и 42 дена за Георги (кој го земавме  на 05.01.2010.година), ги видов само додека јас бев во болница и кога го земавме Михаил, ми го покажаа Георги преку стакло.

Сметам дека доколку постојат услови секако дека е многу позитивно мајката да биде покрај своите бебиња затоа што тие ја чувствуваат мајчинската топлина, нежност, љубов и заштита. Долго време потоа моите синови  беа буквално залепени за мене, едниот преку ден (Михаил), а другиот ноќе (Георги), затоа што им недостасуваше таа мајчинска љубов и топлина. Дури и кога спиеја посебно во своите креветчиња, стануваа ноќе за да легнат до мене. Дури и денес им се случува да дојдат среде ноќ (особено Георги), да легнат и да се гушкаат со мене.

Како и речиси сите предвреме родени деца, тие заостануваа со развојот, но после неколку месеци достигнаа некоја нормална тежина (Михаил – 4.600 г, а Георги – 4.000 г.) Подоцна проодеа – на 18 месеци, подоцна прозбореа – до 3 години имаа ограничен фонд на зборови, од 3, 5 години до нивната 6-та година одеа на логопед. Благодарение на упорноста, посветеноста и професионалноста на нивниот логопед, Дина од Заводот за рехабилитација на слух и говор, тие почна да зборуваат нормално и ги стигнаа нивните врсници.

Георги и Михаил се двојајчани близнаци и воопшто не си личат, ниту по физичкиот изглед, ниту по карактерот. Уште од раѓање кај нив беше присутна разликата и во должината (подоцна, во висината), и во тежината. Михаил е повисок од Георги за 10 цм и носи обувки 2 броја поголеми од брат му.

Што се однесува до карактерот и тука постојат големи разлики, тие се како „ден и ноќ“. Михаил е со светол тен, сензибилен, поинтровертен, срамежлив, повеќе посветен на  природата и уметноста. Герги е со потемен тен, слободен, комуникативен и отворен, лесно прилагодлив во секоја средина и посветен на техниката. Тие се среќни деца, ученици во 4-то одделение, двајцата сакаат да пешачат, да возат велосипеди и да спортуваат, порано одеа на пливање, тренираат таеквондо и кошарка неколку години. Во моментов Михаил се откажа од таеквондо бидејќи сметаше дека е агресивен спорт и сега посетува часови по цртање“, раскажува мама Љупка.

Таа за нивното раѓање им раскажала и на децата. Тие знаат дека се родени предвреме и дека биле во инкубатор долг период, а на нивното прашање зошто се родиле предвреме, обично им одговара дека биле нетрпеливи и љубопитни да го истражат светот надвор од ‘стомакот на мама’.

„Во себе си помислувам колку големи херои и  борци сум родила, кои ја добија најголемата битка – битката за нивниот живот. Сега се ученици во четврто одделение, активно се занимаваат со спорт и живеат со полн капацитет, како и другите деца“, завршува таа.

[better-ads type='banner' banner='999' ]