Научете ги децата што да прават ако се изгубат

Научете ги вашите деца на пет безбедносни чекори што треба да ги следат ако некогаш се изгубат.

0
169

На светот му олесна откако се прошири веста дека четиригодишното девојче Клео Смит кое беше исчезнато во западна Австралија пред 18 дена, е пронајдено живо и здраво во заклучена куќа и конечно вратено кај семејството.

Секој родител понекогаш помислува на такво сценарио. Што ако детето се изгуби, а вие не можете да го најдете? Затоа обидете се да ги научите вашите деца што да прават ако се изгубат, зада ги зголемите шансите да ги најдете без поголеми непријатности.

Што можат родителите да направат?

Постојат неколку работи што родителите можат да ги направат за да се подготват за оваа ситуација.

Зборувајте за тоа

Родителите треба да почнат да ги подготвуваат своите деца за можноста да се изгубат. Ова не треба да биде дискусија која ќе влева страв кај вашите деца. Наместо тоа, пријдете ѝ на темата позитивно и смирено.

Можете да започнете со тоа што ќе им дадете до знаење дека на места со многу луѓе е можно да се одделите еден од друг. Уверете ги дека сигурно ќе бидете во близина, но дека би било добро и вие и тие да знаат и да разберат што да правите за полесно да се најдете.

Научете ги вашите деца на вашето целосно име

Веднаш штом ќе можат да запомнат, научете ги вашите деца како се викате. Не мама или тато, туку име и презиме.

Зашијте им на нивната облека или дајте им на вашите деца некаква форма на идентификација

Зашијте го вашето име и вашиот контакт број во облеката на вашите деца или запишете ги во нивните чевли. Можете исто така да купите и нараквица за лична идентификација на која е наведен вашиот број. Ова ќе им помогне во случај да не можат да го запомнат вашиот телефонски број или ако не можат сами да комуницираат.

Направете безбедносен план

Секогаш кога ќе излезете, разговарајте за тоа каков ќе биде планот за безбедност. На пример, ако одите во продавница, можете да им кажете на вашите деца дека ако не можат да ве најдат, да одат до благајната број 1.

Ако вашите деца излегуваат со друг возрасен, на пример на излет со пријателите или дури и на училишна екскурзија, кажете им да го прашаат надлежниот возрасен каков ќе биде планот за безбедност.

Играње улоги

Вежбајте играње улоги со вашите деца. Преправајте се дека се изгубени. Вклучете други возрасни или децата нека играат различни улоги за да истражуваат различни ситуации. Децата учат многу подобро преку играње улоги отколку ако од нив се бара едноставно да запомнат што треба да прават.

5 безбедносни чекори за деца

Научете ги вашите деца на овие 5 безбедносни чекори. Треба да ги следат ако некогаш се изгубат.

Застани

Кажете им на вашите деца дека кога ќе сфатат дека се изгубени, треба да престанат да го прават тоа што го прават. Не треба да продолжат да си играат, да шетаат или што и да правеле, додека не ве најдат повторно.

Најди безбедно место во близина

Замолете ги вашите деца да погледнат наоколу и да видат дали се на безбедно место. Безбедни места се оние кои не се премногу прометни, не се блиску до опасни машини, големи водни површини или нестабилни подрачја.

Со други зборови, замолете ги вашите деца да се погрижат да не стојат на место каде што може да се случи несреќа.

Викајте го името на мама или тато

Кога се на безбедно место, замолете ги да погледнат наоколу. Понекогаш можеби сте поблизу отколку што мислат дека сте и тие само привремено може да ве изгубат од вид.

Ако вашите деца имаат мобилни телефони, можат да ви се јават да ви кажат дека се изгубени. Сепак, понекогаш мобилните сигнали не поминуваат, телефоните се губат или не работат. Во случај на мали деца, тие можеби не поседуваат мобилен телефон или не знаат како да управуваат со него.

Кажете им на вашите деца дека треба гласно да го извикуваат вашето име. Кажете им дека е во ред гласно да го извикуваат вашето име дури и ако се чувствуваат непријатно или ако се наоѓаат на место како библиотека.

Викањето на вашето име е побезбедно отколку да молчат. Повеќето грабливци ќе бараат деца кои може да бидат однесени незабележано. Расплаканото дете привлекува внимание и обично го избегнуваат.

Побарајте мајка со деца

Статистички, најбезбедната личност на која вашите деца можат да ѝ се обратат за помош е друга мајка со деца. Мажите се со помала веројатност да помогнат од страв да не бидат обвинети дека се киднапери. Додека постарите деца може да пристапат до одреден стручен персонал, помалите деца може да имаат проблем да разликуваат што значат различни униформи.

Замолете го детето да побара мајка со деца во близина и да ѝ пријде. Треба јасно и одлучно да ѝ кажат: „Се изгубив, можеш ли да ми помогнеш да ѝ се јавам на мајка ми, нејзиното име е… и ова е нејзиниот број“.

Користете го вашиот безбедносен план

Ако вашите деца во близина не видат мајка со деца која може да помогне, а тие ги презеле сите први безбедносни чекори, тогаш треба да го следите безбедносниот план за кој сте се договориле.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]