Колку често ги гушкате своите деца?

Истражувањата спроведени во текот на претходната деценија укажуваат колку е битна врската помеѓу приврзаноста и нежноста во детството и здравјето и среќата во иднина.

0
259
Фото: Freepik

Сите живееме брзо, водиме стресен живот и имаме безброј грижи како родители, но кристално е јасно дека е најважно да застанеме од време на време и нежно да го прегрнеме своето дете. Во изминатите 10 години биле спроведени низа истражувања кои нагласиле дека важна улога има врската помеѓу приврзаноста во детството и здравјето и среќата во иднина.

Врз основа на податоците од истражувачкиот центар „Child Trends“ – водечка непрофитна организација за истражување во САД, чија примарна цел е да ги подобри животот и изгледите на децата, младите и нивните семејства – научните истражувања докажуваат дека родителската топлина и посветеност имаат долгорочен позитивен исход во животот на децата.

Саканите деца израснуваат во добри луѓе

Како резултат од овој вид на приврзаност се јавуваат високо ниво на самодоверба, подобрен јавен настап, подобра комуникација помеѓу детето и родителите, помалку психолошки проблеми и проблеми во однесувањето. Спротивно на тоа, децата кои немаат приврзани родители често имаат пониско ниво на самодоверба и се чувствуваат оттуѓено, непријателски се настроени, агресивни и недружељубиви.

Врската помеѓу родителската наклоност и детската среќа и успех е потврдена во неколку неодамнешни студии.

На децата им треба љубов, а не скапи активности

Во 2010 година, истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот Дјук откриле дека бебињата чии мајки се многу приврзани и внимателни пораснуваат во посреќни, поотпорни и помалку анксиозни луѓе. Оваа студија вклучувала 500 луѓе од периодот кога биле бебиња до триесеттите години. Психолозите спровеле неколку развојни тестови додека ја набудувале интеракцијата на мајките со нивните осуммесечни бебиња.

Психолозите го оцениле нивото на приврзаност и внимание од мајката на скала од пет нивоа – од „негативно“ до „прекумерно“. Речиси 10% од мајките покажале ниско ниво на приврзаност, 85% покажале нормално количество приврзаност, додека околу 6% покажале високо ниво на приврзаност.
30 години подоцна, истите испитаници биле интервјуирани за нивното емоционално здравје. Возрасните чии мајки покажале прекумерна наклонетост биле многу помалку склони кон стрес и анксиозност од другите. Исто така, помалку е веројатно да бидат непријателски настроени кон другите луѓе и да имаат психосоматски симптоми.

Истражувачите заклучиле дека хормонот окситоцин може да биде одговорен за овој ефект. Окситоцинот е хемиска супстанца во мозокот што се ослободува кога човекот чувствува љубов и поврзаност. Докажано е дека им помага на родителите да создадат посилна врска со своите деца, градејќи чувство на доверба и поддршка меѓу нив. Оваа врска најверојатно му помага на нашиот мозок да произведува окситоцин, будејќи кај детето попозитивни емоции.

Потоа, во студија од 2013. година, спроведена на Универзитетот во Калифорнија, откриено е дека безусловната љубов и приврзаност кон родителите го прават детето емотивно посреќно и помалку анксиозно. Се покажало дека нивниот мозок се менува како резултат на чувството на приврзаност.
Спротивно на тоа, негативното влијание на злоупотребата кај децата и недостатокот на приврзаност влијаат врз децата, и психички и физички. Ова може да доведе до разни видови на здравствени и емоционални проблеми во текот на животот. Она што е интересно е дека научниците сметаат дека приврзаноста на родителите може да ги заштити индивидуите од штетните ефекти на стресот во детството.

Во 2015. година, Универзитетот во Нотр Дам спровело истражување, кое покажало дека децата чии родители се приврзани се посреќни кога ќе пораснат. Повеќе од 600 луѓе биле испрашувани за начинот на нивното растење, вклучувајќи и колку нивните родители ги галеле. Возрасните кои изјавиле дека нивните родители биле понежни во детството, биле сочувствителни и помалку депресивни и вознемирени. Оние кои изјавиле дека нивните родители не биле толку нежни, имале ментални проблеми, чувствувале непријатност во однос на другите луѓе и имале потешкотии да ги разберат мислите на другите луѓе.

Децата се второ име за љубовта

Истражувачите исто така ги проучувале придобивките од блискиот физички контакт помеѓу новороденчето и мајката. Оваа посебна интеракција помеѓу мајката и бебето особено му помага на бебето да се смири, да плаче помалку и да спие повеќе. Исто така, се покажало дека го подобрува развојот на мозокот. Во една статија објавена во американското научно списание „American Scientific“ се истакнува дека децата кои живееле во средина лишена од родителска љубов, како што е сиропиталиште, имаат поголемо ниво на хормон на стрес – кортизон, во споредба со децата кои живееле со своите родители. Научниците веруваат дека главната причина за овие физички промени е всушност недостатокот на физички контакт во сиропиталиштата.

Конечно, бројни студии ги покажале придобивките од масажата во намалувањето на анксиозноста кај децата. Масажата е исто така добар начин за родителите да се поврзат физички и емоционално со своите деца. Почнувајќи од раното детство, родителот може да започне да го масира своето дете, што може да создаде силна врска. Истражувањата покажале дека децата и возрасните кои се масираат не се склони на анксиозност во текот на периодот на образование, престој во болница и други стресни настани.

Па, како можете да внесете повеќе прегратки во вашето семејство?

Од моментот кога ќе го донесете вашето бебе од породилното одделение, не заборавајте да го држите, да го допирате и да го лулате во рацете. Поминете многу драгоцени моменти милувајќи го вашето бебе, такашто неговата кожа ќе може да ја допира вашата.

Како што растат, бидете разиграни и занимавајте се со забавни активности како танцување или гушкање.

Паметните деца растат таму кадешто има многу нежност и љубов

Поставете потсетник за да бидете сигурни дека гушкањето е дел од вашата дневна рутина. Во неодамнешниот филм за Троловите, тие носеа часовници на кои секој час се вклучуваше аларм кој го означуваше времето за гушкање. Доколку е потребно, поставете си аларм. Или, не заборавајте да ги прегрнувате своите деца во одредени периоди од денот, на пример пред да одат на училиште, кога ќе се вратат од училиште и пред спиење.

Друга интересна идеја е да бидете нежни додека го воспитувате вашето дете. Додека им кажувате што погрешиле, ставете ја раката на рамо и прегрнете ги на крајот од разговорот, за да бидете сигурни дека иако не сте задоволни од нивното однесување, сепак ги сакате. Ако вашето дете ги удри братот или сестрата, прегрнете го и покажете му дека прегрнувањето е подобро од удирањето.

На крај, внимавајте да не претерувате или да ги гушите децата премногу. Почитувајте ги нивните индивидуални потреби и бидете свесни дека тие ќе се менуваат во текот на минувањете низ различни фази.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]