Како тироидната жлезда влијае на плодноста?

Меѓу различните закани за плодноста, нарушувањата на тироидната жлезда е несомнено најлесно да се препознаат и да се лекуваат. Со соодветна терапија и редовни медицински прегледи, ќе можете да имате нормална бременост и здраво бебе.

0
158

Тироидната жлезда е една од многуте жлезди во нашето тело која се наоѓа во вратот, а некои дури и не знаат дека е таму. Оние кои се свесни за нејзиното постоење се всушност оние кои имаат проблеми со таа жлезда и хормоните што ги лачи. Ако тироидната жлезда не ја извршува својата работа правилно, можеби нема да можете да забремените или да имате здрава бременост. Тироидната жлезда произведува голем број хормони, a најважен е тироксинот (Т4) кој делува на метаболизмот.

Кога е зголемено производството на Т4, скоро секоја клетка во телото ја зголемува брзината со која ја извршува својата работа, вклучувајќи го и срцето кое чука побрзо. Спротивно на тоа, кога нивото на Т4 опаѓа, метаболизмот се забавува. Во идеален случај, телото одржува совршено ниво на хормонот Т4, а со тоа и совршена брзина на метаболизмот.

Најчестите нарушувања на тироидната жлезда се карактеризираат со премногу производство на хормонот Т4 (хипертироидизам) или премалку Т4 (хипотироидизам). Симптомите одразуваат премногу брз или премногу бавен метаболизам. Во зависност од тоа колку е сериозна нерамнотежата, симптомите можат да бидат суптилни и состојбата да не се открива со години, а во некои случаи лекарите едноставно не можат да ги забележат симптомите.

Хипотироидизам

Хипотироидизмот, односно намалената функција на тироидната жлезда, е нејзино најчесто нарушување. Забавениот метаболизам може да се манифестира како запек, потешка менструација, зголемување на телесната тежина, намален апетит, летаргија, депресија, когнитивни проблеми, замор, сува кожа, нетолеранција на студ или болки во мускулите. Одделни пациенти имаат различни симптоми кои се разликуваат по својата тежина.

Хипотироидизмот може да предизвика неплодност со спречување на овулацијата, дури и кога менструацијата е редовна. Жените кај кои не е дијагностициран хипотироидизам имаат зголемен ризик од спонтан абортус. Па дури и жените со хипотироидизам чија функција на тироидната жлезда се стабилизира со лекови треба внимателно да се следат. Метаболизмот се зголемува за време на бременоста и често тироидната жлезда не може да држи чекор.

Некои жени со недоволна активна тироидна жлезда може да имаат зголемено ниво на пролактин, хормон кој го стимулира производството на мајчино млеко. Вишокот на пролактин може да го отежне зачнувањето и да спречи овулација. Покрај тоа, хипотироидизмот може да доведе до проблеми со лутеалната фаза. Оваа фаза се јавува во втората половина на менструалниот циклус и трае од овулацијата до менструацијата. Нормално трае 12-16 дена, но ако лутеалната фаза трае пократко од десет дена, ќе се појави проблем со плодноста затоа што нема да дојде до секрециска трансформација на слузницата на матката.

Хипертироидизам

Со хипертироидизам, тироидната жлезда станува хиперактивна, а метаболизмот работи премногу брзо. Знаците на хипертироидизам вклучуваат: чести столици, губење на тежината, неправилни циклуси, зголемен апетит, несоница, нервоза, треперење на рацете и тахикардии.

Една од честите причини за хипертироидизам е Грејвсовата болест, автоимуно заболување кое влијае на целата тироидна жлезда. Без оглед на причината за хипертироидизам, резултатот понекогаш може да биде прекин на овулацијата и неплодност. Ако жена со хипертироидизам успее да забремени, постои ризик од спонтан абортус или фетална смрт.

Нарушувањата на тироидната жлезда лесно се откриваат со неколку едноставни крвни тестови кои ги мерат нивоата на тироидниот хормон Т4 (тироксин) и ТСХ (стимулативен хормон на тироидната жлезда). ТСХ делува како термостат, го произведува хипофизата и ја регулира функцијата на тироидната жлезда. Нивото на овој хормон исто така може да стане превисоко или прениско бидејќи хипофизата се обидува да ја надомести пребрзата или пребавната функција на тироидната жлезда.

Хашимотов тиреоидитис

Тука е и крвниот тест кој ја проверува присутноста на антитела на тироидната жлезда. Високите нивоа на овие антитела се типични за болест на тироидната жлезда наречена Хашимото тироидитис (синдром), што секогаш резултира со хипотироидизам. Хашимото-тироидитис е класифициран како автоимуна болест, бидејќи телото се свртува против себе, создавајќи антитела кои ги напаѓаат клетките на тироидната жлезда и го забавуваат производството на тироидни хормони.

Ако тироидната жлезда е премалку активна, вашиот лекар ќе ви препише некој облик на синтетичка верзија на хормонот. Во случај на хиперактивна тироидна жлезда, некои форми на терапија дејствуваат со забавување на лачењето на тироидните хормони. Радиоактивниот јод во суштина го забавува производството на хормони, но не треба да го користат жени кои се веќе бремени.

Меѓу различните закани за плодноста, нарушувањата на тироидната жлезда е несомнено најлесно да се препознаат и да се лекуваат. Со соодветна терапија и редовни медицински прегледи, ќе можете да имате нормална бременост и здраво бебе.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]