Сара Р. Мур, писателка, наставничка и мајка, го опишала своето искуство.
„Додека една вечер ја ставав мојата 6-годишна ќерка во кревет, таа ми рече: „Мамо, мојот мајмун ми изгледа поинаку. Дали тој порасна?“
„Таа спиеше со тој кадифен мајмун од својата втора година. Поточно, спиеше со еден од неколкуте идентични мајмуни што ги купивме во случај да му се случи нешто на некој од нив“, ја започна својата приказна.
Се разбира, нејзината играчка не пораснала, туку нејзината мајка ја заменила.
„Ова беше еден од родителските моменти што на некој начин за момент ми врза шлаканица“, признава Сара и додава: „Се прашував дали ја изневерувам нејзината доверба на некој начин со тоа што признавам дека имаме двојници на мајмунот“.
Како што вели Мур, надевајќи се на најдоброто, таа го направила она што мислела дека мора да го направи.
„Не, твојот мајмун не порасна. Имаме повеќе од еден мајмун. Кога беше мала, купивме неколку мајмуни за да бидеме сигурни дека секогаш ќе имаш еден чист со кој ќе спиеш, или дека ќе имаме друг идентичен ако нешто се случи со овој“, ѝ објаснила на својата ќерка.
Девојчето на почетокот молчело, а мајката додала: „Изгледа дека имаме приватна мајмунска забава“.
Девојчето се насмеало на тоа и не го споменало нивниот разговор повторно, а Сара е сигурна дека тогаш ја направила вистинската работа. Таа ја кажала вистината и со тоа била пример за пожелно однесување.
„Искреноста што ја моделираме секогаш е вистинскиот начин да се подигнат чесни деца. Подигањето чесни деца значи да се биде искрен со нив – дури и кога е тешко”, вели Мур, додавајќи: „Нашата чесност помага во обликувањето на нивниот морален карактер. Науката ни кажува дека колку сме поискрени со нашите деца, толку е поголема веројатноста да воспитаме чесни деца “.
Покрај тоа, експертите тврдат дека децата на возраст меѓу две и пет години почнуваат да го сфаќаат она што возрасните го нарекуваат лажење. Сепак, во нивниот свет лажењето има поинакво значење.
Деца на возраст под пет години
За возрасните, лажењето има негативна конотација, како што и би требало да биде. Но, светот на децата се заснова на игра и тие можеби не сфаќаат дека, тоа што го кажале, всушност не се случува во реалниот живот. Нивните мозоци едноставно сè уште не се доволно развиени за да ја разберат разликата помеѓу вистината и лагата.
Деца од пет до осум години
Играта за нив е сè уште вообичаена состојба на духот. Но, освен поради игра, децата на оваа возраст можат да лажат и за да опишат што би сакале тие да се случи. Тоа не мора да биде нужно свесен или злонамерен план, а понекогаш лажат и од срам.
Се разбира, не се сите лаги прифатливи и не се сите лаги развојно соодветни. Воспитувањето на чесни и фер деца може да биде потешко за некои семејства, такашто ако сте загрижени за однесувањето на вашето дете, треба да побарате професионален совет, советува Motherly.
Фото: Pexels