Мелита Пожгај, e дел од хрватското здружение за рамноправно родителство и голем борец за подобра иднина на сите деца. Таа е дел од оние ретки двојки, кои се „среќно разведени“, односно, кои успеваат да најдат заеднички јазик.
Вели дека не постојат шаблони за живеење на заедничкото родителство и дека е тоа лесно кога родителите ќе се договорат и кога потоа постапуваат во заедничка соработка, земајќи ги предвид своите и обврските, желбите и потребите на децата.
Но кога не е така, тогаш судот одлучува за точното време кое детето треба да го помине кај родителите.
„Има прекрасна сликовница од нашиот член Елвис Ела Овоно која е насловена како „Зарем е лошо да се имаат два дома?“ Токму така нарековме и една наша трибина која ја одржавме во Загреб, на 15.мај 2019.година. Тука е на едноставен начин опишано како детето има дом и кај мама и кај тато и ги ужива сите бенефити од двојната љубов на родителите и нивните семејства.
Пред 7 години мојот брак се распадна и после тоа запознав прекрасен човек. За жал, неговото раскинување со бившата партнерка тргна во првиот круг од пеколот. Додека мојот поранешен сопруг и татко на нашите синови, ми остана најдобар пријател и заедно се грижиме за момчињата иако се полнолетни, мојот партнер не можеше да воспостави комуникација со мајката на неговата ќерка. Сфативме дека ни е потребна помош и на интернет најдовме информации за хрватското здружение за еднакво родителство.
Колку и да беше олеснување што не бевме сами и единствени што влегле во зоната на самракот, толку бевме згрозени кога дознавме дека има премногу деца чии права се прекршуваат и многу родители на кои им треба помош за да ги заштитат. Потоа полека почна моето волонтирање во здружението.
Мојата желба е да им помогнам пред сè, на родителите за да можат тие да им помогнат и да ги заштитат своите деца“, објаснува госпоѓа Пожгај.
А дека таа и нејзиниот поранешен сопруг навистина одлично функционираат, исто како и со неговиот син од првиот брак и неговата поранешна сопруга, нивните заеднички синови и нејзиниот сегашен партнер, доволно зборува и фотографијата која ја сподели со нас.
„Ова е толку весела и убава фотографија и тоа е вистинска слика за моето семејство и начинот на кој нашето семејство – мојот поранешен сопруг, неговата поранешна сопруга, мојот партнер и јас ги воспитуваме децата … рамноправно. Ние го живееме РАМНОПРАВНОТО РОДИТЕЛСТВО и мојот партнер ја има поддршката од мојот поранешен сопруг (мојот најдобар пријател) и од нашите синови. Горди сме на нашите деца и се надеваме дека еден ден во нашето семејство ќе дојде и оттуѓеното девојче. Нашите синови имаат полубрат од првиот брак на нивниот татко и секогаш го викаат БРАТ, што тој и навистина е во нашите животи и во нашите срца.
Затоа јас и немам влакна на јазикот, мојот живот е јавен и сè што ставам на Фејсбук е видливо. Тука е и мојата тивка надеж дека овие слики ќе ги види ќерката на мојот партнер, која не го видела својот татко 7 години. За жал отуѓена до болка“, ни раскажа нашата соговорничка.
Госпоѓа Пожгај деновиве учествуваше на меѓународната конференција за заедничко родителство по развод која се одржа во Љубљана и ни остави впечаток со своето емотивно обраќање додека зборуваше за тажната судбина на еден татко, член на нивното здружение, чие дете било однесено од страна на мајката од Хрватска во Србија, а за неговото патешествие, снимен е и документарец. Имено, таткото повеќе од две години патувал 1.600 километри, од Пореч во Србија, за да може барем еднаш во два месеци да го види својот син на 2 часа, во ладната соба на Центарот за социјална работа. За жал, како што рече госпоѓа Мелита во своето обраќање, неговото срце не ги издржало болката, тагата, разочарувањето, неправдата и тој починал пред две години.
„Патувањето на тато Дарио од Истра до Србија траеше неколку години. Филмот е авторски и го сними екипата што Дарио ја ангажираше да патува со него и да го забележи неговото патување од преку 1.000 километри за да го види синот“, вели госпоѓа Пожгај.
За жал, тој не е единствен случај.
„Имаме случај на татко чија ќерка има 14 години и 7 години, односно, пола од нејзиниот живот се води судски спор за старателството над детето.
Против мајката се води постапка на Казнениот суд заради малтретирање и занемарување на детето, а општинскиот суд тоа исто дете ѝ го доделува на грижа на мајката откако детето кое е веќе оттуѓено од таткото, го опишало својот татко кој не го познава употребувајќи ги мајчините зборови и и одбилa да го види, па судот пресудил дека мајката треба да биде старател…мајката која го злоупотребува и го малтретира девојчето“, раскажува нашата соговорничка.
Таа не сакаше да го коментира случајот на Северина и само кусо изјави дека тие како здружение ги поддржуваат сите судски одлуки кои се во полза на детето, на кое било дете.
Она што се зборуваше на конференцијата, но и веќе подолго време за слични ситуации кадешто татковците го губат правото да си ги гледаат децата откако мајките ќе ги обвинат дека ги злоупотребуваат, а во меѓувреме, додека тие да ја докажат својата невиност, заради долготрајноста и одолговлекувањето на постапките, децата веќе се оттуѓуваат од родителот, госпоѓа Пожгај вели:
„За жал, лажните обвиненија за злоупотреба се во пораст и се идеален начин како да се оттуѓи детето од едниот родител, затоа што додека да се докаже невисноста, детето не го гледа тој родител и се оттуѓува од него во толкава мера што потоа самото одбива да го види или да го слушне“.
Нашата соговорничка е сепак оптимистка и верува во среќната иднина за децата.
„Верувам дека луѓето ќе прогледаат и ќе видат каква штета им нанесуваат на своите деца и дека ќе престанат а ги злоупотребуваат оневозможувајќи им да го гледаат едниот родител и честопати, целото негово семејство.
Решението за ова го гледам во едукацијата, првенствено на службениците од центрите за социјална грижа кои се првите на кои им се обраќаат родителите кога не можат да се договорат како да се договорат околу времето за видување со децата.
Постојат начини кои со научни методи и соодветни прашалници можат да предупредат на родителот кој одбива соработка, има пореметување во однесувањето и на таквиот родител не му се дава шанса да се поправи затоа што сето тоа време му ја одзема шансата на детето.
Кај сите одлуки, фокусот мора да биде на децата, а не на родителите.
Психолошкото насилство над децата е тешко препознатливо затоа што нема рани кои можеме да ги санираме, но остана непоправлива штета на нивната душа и е тешко излечиво.
Едукацијата на сите службеници во институциите кои одлучуваат за животот на децата е многу важна и сите тие лица не смеат да бидат поводливи и под влијание на гласот од улицата, полото на родителите, застарените митови , пристрасните медиуми и личните искуства.
Во оснивањето на семејните судови во кои за судбината би одлучувале едуцирани судии кои би работеле само на оваа проблематика, нашето здружение зборува и пишува веќе со години и се надеваме дека наскоро тоа и ќе го доживееме“, вели Пожгај.
Во однос на заклучоците од Меѓународната конференција објаснува дека тие се однесуваат главно на тоа дека она што е потребно е нов стандард, најдобар интерес на детето од перспектива на детето и пристап до одлучувањето за содржината на родителската грижа која се базира на цврсти темели oд емириспки истражувања.
„На децата им требаат и ги сакаат и двајцата родители во своите животи, надвор од ограничувањата на односите со „средби и дружења“ или по ново „лични односи“. Рамноправното родителство, како спроведлива и посакувана алтернатива, е во најдобриот интерес на детето од перспектива на детето. И на нема илузии, рамноправното родителство нема никој да ни го подари на тацна – за него треба да се избориме.
Она што го прави нашето здружение силно и видливо е нашето заедништво, нашиот волонтеризам, нашите деца на кои им треба среќно детство, на кои МАМА И ТАТО ПОДЕДНАКВО им требаат“, вели таа.
Хрватското здружение за рамноправно родителство има околу 600 членови во Регистарот и нема ден некој да не ги контактира за да побара помош или совет.
„Одговараме на повиците во работни денови и викенди и празници, без разлика во кое време од денот или ноќта, бидејќи знаеме низ што сме поминале самите и колку е важно да помогнеме на време. Не е лесно да се слуша родителската тага, беспомошност и неверување. Таа болка и неправда секогаш зема мал дел од мене. Но, секоја солза, секоја добра вест, секоја минута од детската среќа ми е знак да одам понатаму, да им помогнам на родителите и членовите на семејствата најдобро што можат за да им помогнат на своите деца и да изградат подобра и посреќна иднина за нив“, завршува нашата соговорничка.