Има аутизам и сака да биде доктор или поп

Нашата соговорничка е мајка на дете со аутизам и верува дека тој, како и другите деца со попреченост, имаат своја мисија заради која се дојдени на овој свет - за да нè научат како треба.

0
6010

Битолчанката Ирена Николовска Ристановска е сопруга и мајка на две деца, Лука и Јована. Работи како психолог и секојдневно патува по вкупно 120 километри, до своето работно место во село Жван и назад дома, во Битола. Очекува и се надева дека наскоро овој проблем ќе се реши и таа ќе го добие долгопосакуваното преместување. Нејзиниот сопруг Лазе пак, работи само за време на викендите кога најчесто, Ирена и децата одат во село кај дедо и баба или тие доаѓаат кај нив, затоа што е невозможно еден човек да се справи со двајцата во исто време.

Имено, иако Лука ја сака сестричката, честопати го вознемирува нејзиниот глас. Заради аутистичниот спектар на нарушувања на Лука му пречи детскиот глас, џагорот, но и звукот од сирените на возилата, лаењето на кучињата.

Затоа на Ирена и на Лазе им е постојано потребна помошта и поддршката на нивните родители. Таткото на Лазе се бори со канцер, но е секогаш подготвен да дојде кај нив кога им е неопходен. Родителите на Ирена пак, колку и да им е некогаш тешко, особено затоа што од нивното село кадешто живеат, во прилепско, до Битола, нема директна линија, никогаш не ги одбиле. Таткото на Ирена е поп во селската парохија, па Лука покрај него научил наизуст многу црковни песни, велигденски, божиќни, Оче Наш, Богородице Дево.

„Порано не сакаше да оди во црква, па не му наметнувавме, не го носевме внатре со сила, но со време се навикна и сега кога ќе влезе во црквата, оди сам кај иконата, се наведнува, ја кажува ‘Оче наш’, ја кажува ‘Богородице Дево помилуј ме’, се прекрстува и сето тоа со наведната глава. Среќна сум затоа што ја имам поддршката на родителите и на таткото на Лазе и на моите, а особено затоа што татко ми има некое смирение во себе. Јас знам да испаничам во некоја ситуација, а тој никогаш и во ниту една ситуација не кажал ‘леле, што ќе правите со детево’, туку секогаш ми вели: ‘полека ќерко, ќе биде сè како што треба’. Невидена поддршка ни се моите родители и свекорот. Татко му на Лазе, болен од рак, сега да му кажам да дојде, ќе дојде“, вели Ирена.

Таа вели дека многу ѝ значи и поддршката која ја добиваат во училиштето на Лука кадешто е тој сега четврто одделение.

„Годинава Лука конечно се адаптираше на образовниот процес. До лани беше со друга наставничка и остануваше најмногу 2 часа, ретко понекогаш 3 часа.

Навикната сум да ме судат затоа што сум го родила. Кога го запишував на училиште, една од стручните соработнички ми кажа дека според неа, Лука не е запишан затоа што не нацртал ништо што требало да нацрта, такашто имавме тешки борби додека го запишавме, а и потоа. Секогаш на инклузивните состаноци на кои учествуваат двајцата родители, стручен соработник, психолог, дефектолог и асистент, се чувствував како да сум на суд, но годинава за првпат мислам дека конечно не огреа сонце. Уште на почеток од учебната година додека сè уште немавме асистент, новата наставничка на Лука која претходните години повремено ја менуваше старата и јас секогаш по него знаев дека била таа, бидејќи во тие денови секогаш се враќаше насмеан, ми се јави и ми предложи да го донесам Лука, иако сè уште немавме асистенти. Досега бев навикната само да климам со глава и да прифаќам сè што ќе ми кажат, па прашањето на наставничката што да правиме и нејзиниот предлог, буквално ме изненадија, мислев дека сонувам“, раскажува Ирена.

Така, благодарение на ангажманот и посветеноста на наставничката Ана, Лука истуркал две недели без асистент.

„Откако дојде асистентот Оливер, кој е со него од прво одделение, тие функционираат одлично. Сега Лука седи сите на училиште сите шест часа. Јас ретко го земам од училиште, но кога понекогаш доаѓам по него, срцето ми се полни кога ќе слушнам како само од нивната училница се слуша пеење. Наставничката самата забележала колку Лука сака да пее и сега на одделенските часови или како се наречени сега, часови за животни вештини, кои ѝ се ставени последни, цело одделение пее и се адаптира на потребите на Лука. Тоа е инклузивност. Претходната наставничка знаеше дури и да ми се јави да ми се пожали дека Лука ѝ го нарушил авторитетот пред целото одделение зашто се вознемирил и ја потегнал за коса, не сфаќајќи дека тоа било само последица од неговата вознемиреност. Не од лошотилак. Сега сфаќам дека за да бидат прифатени овие деца во образовниот систем, најважна е наставничката, бидејќи таа го има кормилото во своите раце.

Знае да ми се јави и да ми каже дека се вознемирил претходниот ден, а тие заедно дишеле, односно, медитирале за да се смири. Завршија оние инклузивни состаноци на кои ме судеа зашто сум го родила, сега веќе го нема тоа. Лука ја чувствува енергијата и знае да процени кога е некој искрен и добар со него. Имаме голема среќа и со нашиот асистент кој ги следи сите обуки, се ангажира целосно околу Лука. Дефектологот му помага на асистентот да ги изработат оние образовни индивидуални планови по оние предмети кои му се тешки и сè заедно, конечно, одлично функционира“, задоволна е Ирена.

Вели дека во последно време кога ќе го праша Лука што сака да биде кога ќе порасне, еднаш ѝ вели доктор, а другпат – поп.

Ирена се надева дека еден ден Лука ќе може да функционира самостојно. Вели дека го гледа тоа во неговите очи.

„Децата со аутизам не сакаат да бидат изненадени, сакаат да имаат план, рутина, но ние некогаш ги прекршуваме рутините затоа што нема секогаш да бидеме со него за да му ги правиме. Ако една рутина се замени со друга, се вознемирува и тешко е да се смири, но низ годините и ние учиме со него, се прилагодуваме.

Иако има проблем со конверзацијата, ако е присутен, кога ќе прашам дали е добар, ќе рече ‘да’, ако е исклучен како што е почесто, ќе ми го повтори прашањето, но се научивме да комуницираме, па со нашите прашања и неговите куси одговори, ние знаеме како му поминал денот. Кај него нема лага, нема фолирање и измислување, додека Јована ќе ме купи и ќе ме продаде, без да знам, Лука си кажува сè точно. Тој за да има мир во куќа, сè прифаќа. Дури и за својот роденден, се согласи тортата да биде со Мики Маус, затоа што Јована му рече така, а тој сака на сите да ни угоди. Дури и на кучето кое летоска го касна веднаш му прости и по враќањето од лекар, повторно си играше со него. Затоа знам дека овие деца не се дојдени залудно во нашите животи – тие се тука за да нè научат како треба“, завршува Ирена и порачува дека на сите треба да им ја дадеме шансата, да ги усмериме, да ги осамостоиме и еден ден и тие да бидат корисни членови на општеството, а родителите, кога ќе дојде време, да можат мирно да ги склопат очите знаејќи дека нивните деца ќе можат да продолжат и без нив.

[better-ads type='banner' banner='999' ]