За нераскинливата врска помеѓу родителите и децата

Задржувајќи го вниманието на зборот родител, почнувам да се прашувам која е функцијата на родителот? Кои се оние елементи што ја прават оваа улога неопходна за растот и развојот на човештвото и општеството.

0
81
Фото: Freepik

Очигледно е дека родителите се оние што креираат нов живот во форма на бебе кое потоа се развива во оформена, возрасна и одговорна индивидуа. Но, доколку погледнеме од друг агол, родителот се појавува истовремено кога на светот доаѓа и детето. Како што без родители не би имало деца, исто така без деца не би постоеле ни родители.

Без разлика дали горенаведеното има смисла или пак звучи контра-интуитивно, не можеме да го негираме фактот дека родителите и децата се взаемно поврзани едни со други. Родителите секогаш ќе бидат родители на детето, а детето засекогаш ќе ги има нив како родители, без разлика на целиот спектар на животни ситуации кои можат да ги насочат засегнатите страни на различни патишта од животот.

Фокусот на овој текст е токму оваа нераскинлива врска помеѓу родителите и детето. Преку неа, родителот има можност да одговори на потребите на детето, а тоа пак има можност да расте и да го исполни сопствениот потенцијал. Дополнително, не е само детето тоа кое што расте во релацијата. Родителот исто така се менува, адаптира, реагира и се надоградува. Метафорички, можеме да го погледнеме овој процес како взаемен танц на потреби, конфликти, идеи, допири и емоции на целото семејство.

Интересно е тоа дека децата не му го даваат авторитетот на родителот за да ги воспитува и насочува само поради тоа што тие се возрасни или пак знаат подобро, како што велат и авторите Гордон Њуфилд и Габор Мате (2004). Само поради тоа што родителите ги сакаат децата или мислат дека сѐ што прават е за нивно добро, не гарантира дека детето постојано неминовно ќе ги следи пораките и насоките што доаѓаат од нив. Но доколку љубовта не е доволна, што е тоа што недостасува за целиот овој процес да се одвива спонтано и да им носи радост и исполнетост на двете засегнати страни?

Контекстот што дава простор за ваков вид на семејна атмосфера е вграден во самата релација помеѓу детето и родителот. За детето е помалку важно што прави родителот, од тоа каков е во суштина тој за детето. Затоа и тоа како родителот се чувствува самиот со себе е една од најважните карактеристики за креирање сигурна релација со детето.

Родителот кој умее да ги задоволи своите потреби, успева да остане и во интеракција со своето дете во онаква форма каква што му е потребно. Децата бараат физичка и емоционална блискост со родителот и токму оваа детска потреба ја дава благородната позиција на родителот да биде водач, модел, насочувач и учител. Исклучиво преку следење на детето и неговите потреби, кои се менуваат во секој момент, родителот има можност да изгради сигурна врска.

Градејќи ваков вид на врска, детето учи како да му верува на светот, се впушта да го истражува истиот и си дозволува да доживува и да го живее животот во полн капацитет и истовремено да го развива својот потенцијал. Фокусирајќи се на тоа какви родители сме за нашите деца овозможуваме раст за целото семејство во нови форми на блискост, радост и исполнетост.

Пишува: Кристијан Павловски, психолог (супервизор на линијата за родители)

[better-ads type='banner' banner='999' ]