Зошто се важни правилата и границите во воспитувањето на децата?

Колку и да звучи чудно, децата сакаат правила, сакаат граници и тие им се потребни, но тоа не значи дека нема  повремено да се бунтуваат против нив, напротив, сигурно дека ќе се бунтуваат и тоа е дел од детските развојни задачи.

0
535
Фото: Freepik

Секое родителско НЕ вербално или невербално, е обид да се воспостави граница.
Верувам дека сите ќе се сложиме дека границите во процесот на воспитување се неопходни, но сепак многу родители се мачат со прашањето и со одлуката каде и кога да ги постават.

Колку и да звучи чудно, децата сакаат правила, сакаат граници и тие им се потребни, но тоа не значи дека нема  повремено да се бунтуваат против нив, напротив, сигурно дека ќе се бунтуваат и тоа е дел од детските развојни задачи.

Однесувањето на родителите кон детето и нивниот воспитен стил се разликува од семејство до семејство. Пристапот кон воспитувањето зависи од личноста на родителите, нивниот вредносен систем, нивната визија за иднината, односно што сакаат за своето дете понатаму во животот.

Но и покрај сите различности, родителската намера е најчесто само една –  најдобро за нивното дете.

Најважна родителска задача е да го научат детето дека постојат правила и граници, да ги разбере и најпосле да ги почитува.  Во исто време ова е и тешка задача за родителите, бидејќи  малите деца се развојно  егоцентрични и бурно реагираат на фрустрација и на секое родителско  НЕ. Нивното однесување понекогаш може да ги поколеба родителите и да им предизвика дури и чувство на вина дека емоционално го вознемириле детето. Тогаш се поставува прашањето: Зошто е важно да бидеме истрајни и доследни во поставување на правилата и границите?

Затоа што поставувањето на границите и учењето на правилата ги подготвуваат децата успешно да се снаоѓаат во реалниот свет, во животот, надвор од топлината на родителскиот дом. Границите кои ние како родители ги поставуваме се првиот чекор кон запознавање и  учење на пишаните и непишаните правила на животот во модерното време.

Правилата и границите ја прават средината безбедна

Додека детето е мало границите најчесто ги поставуваме физички, во смисла да го одвоиме детето од предметите кои можат да бидат опасни (со физички препреки, огради). Како што детето расте преминуваме кон вербално поставување на границите. Правилата и границите во одредени ситуации го учат детето како да се грижи за себе и да се заштити од потенцијалните опасности. Едно од првите ограничувања со кои децата се запознаваат при истражување на околината се однесува токму на нивната безбедност:

„Не го фаќај штекерот; Не ја фаќај  ринглата …“

Подоцна овие забрани го учат детето да се заштити себеси во многу други потенцијално опасни ситуации (на улица, во училиште, со врсниците и на Интернет).

Правилата и границите даваат структура на детскиот свет

Пораките: „Ова смееш, ова не смееш, ова не е добро, ова е добро“, претставуваат патокази кои на хаотичниот детски свет на бескрајни можности му  даваат структура и овозможуваат полесно снаоѓање во истиот. Постоењето на граници и правила му овозможуваат на детето да разбере, што се очекува од него и воедно да ја научи најважната животна законитост – дека секое однесување има и последица која може да биде добра или лоша во зависност од избраното однесување.

Правилата и границите придонесуваат за развој на одговорност кај децата

Малите деца учат да почитуваат одредени правила бидејќи ние како возрасни постојано вербално ги потсетуваме на нив. Родителската доследност во повторување на некое правило ќе доведе до тоа во одреден момент ова потсетување да не е веќе потребно т.е детето само да го избира пожелното однесување.Така доаѓаме до самодисциплина.

Од друга страна на тој начин се развива  и чуството на одговорност за извршување на различни активности и обврски како што се: миење на раце, миење на заби, средување на облеката, собирање на играчките, пишување на домашната задача. По истата линија се развива и самодовербата и се развива детската независност во секојдневното функционирање.

Правилата и границите ги учат децата како да се справат со  непријатните емоции

Понекогаш неисполнувањето на детските барања доведува до бура од негативни емоции: лутина, бес, тага, што може да ги поколеба родителите и да се откажат од поставувањето на граници.

Но, токму соочувањето со овие за детето непријатни емоции ќе му овозможи да развие многу важна вештина. Секоја бурна детска реакција поради поставено ограничување, е шанса детето да вежба регулирање на сопствените емоции. Родителите се тие кои е потребно да понудат адекватни начини за  разбирање, именување, канализирање и надминување  на овие ситуации, за детето да научи како да се справува со фрустрациите понатаму во животот и адекватно да одговори на барањата на надворешниот свет.

Што е важно:  Како родители потребно е да знаеме дека децата полесно ги прифаќаат и почитуваат оние правила кои ги разбираат.

Правилата би требало да бидат јасни и едноставни. Важно е пред да му поставиме граници на детето да размислиме колку нам таа граница ни е важна и што би се случило, ако не ја поставиме. Потребно е едноставно да му објасниме на детето зошто е пожелно да се однесува на одреден начин во одредена ситуација. И да останеме доследни зошто доследноста води кон целта.

Правилата на однесување во сегашноста да станат позитивен начин на однесување на детето во иднината.

Кристина Лазаревска, психолог/лиценциран  гешталт психотерапевт, ЕАГТ, ЕМДР терапевт (супервизор на линија за родители)

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]