Зошто младите во Македонија долго живеат со мама и тато?

Родителските црни сценарија кои во суштина се плашат од синдромот на „напуштено гнездо“, психолошката матрица со која се воспитувани младите во Македонија,  но и економската немоќ, се причините што поголем дел од младите долго живеат под родителскиот покрив.

0
162

Додека во Америка и во поголемиот дел од европските земји младите си одат од родителскиот дом уште со 18, 19, 20 години, на пример, во Данска, Финска, Холандија, Шведска, во други, како Малта, Хрватска, Словачка, Италија, Грција, Шпанија, Португалија, Бугарија, младите ги напуштаат домовите на своите родители релативно доцна – на возраст од 31-32 години.

Македонија, според статистичарите од Евростат, е во втората група земји, па околу 74 отсто од младите на возраст од 18 до 34 години, сѐ уште живеат со родителите. Ова ги сместува меѓу најнесамостојните во Европа.

Најчесто, единствена причина заради која младите во Македонија се одделуваат од своите родители е за да заминат во странство, а оние од внатрешноста на земјата – во странство или во Скопје. Обично, за младите од помалите градови се мисли дека се посамостојни заради самиот факт што го напуштиле родителскиот дом најчесто веднаш после средното училиште за да се запишат на факултет, но за волја на вистината, ова баш и не е нешто што би можело да се подведе под поимот самостојност. Имено, обично парите за кирии и пакетите со храна за цело време на студирањето пристигаат од родителите во родниот град. А кога родителите ти го плаќаат станот и ти ги подмируваат трошоците за живот, не може да се зборува за самостојност во вистинската смисла на зборот.

Одговорот за тоа зошто кај нас младите се толку долго под закрила на родителите обично се бара во економската (не)моќ на младите, односно во вкупната општествено-економска криза. Меѓутоа, тоа е само еден од изговорите за одржувањето на оваа појава која во Македонија има длабоки корени па податоците од Евростат, според кои младите од Македонија се меѓу најнесамостојните во Европа, всушност ги потврдуваат традиционалните навики.

Својот став за тоа зошто голем број од младите во Македонија не живеат самостојно, побаравме и од неколку психолози.

„Тоа што голем процент од младите во Македонија не живеат самостојно, туку со родителите, се должи на сплет на околности и фактори и не може да се изолира една единствена причина. Прво, голема улога игра начинот на воспитување, бидејќи во нашето општество постои традиција младите да живеат под закрила на родителите сѐ додека не се осамостојат. Што значи осамостојување? Во конкретниов случај – заработување доволно средства за да може децата, односно младите, да живеат сами. Тоа значи наоѓање убава работа која ќе биде извор на финансиски средства. Сите сме свесни колку ‘лесно’ во нашата држава може да се најде добро платена работа. Секоја чест на исклучоците, бидејќи има и добри компании и прекрасни работодавци, но за жал тие не го сочинуваат мнозинството. Понатаму, ги имаме и оние млади кои ‘не работат за 15 илјади’, па немаат никаква работа и бираат уште долги години да живеат со своите родители. Но што и ако изберат да се осамостојат и да се преселат од дома? Некои имаат уште едно живеалиште на располагање (куќа, стан), но не сите. Па тука се накалемуваат трошоците за кирија и сметки, или пак купување стан/куќа, за што немаат доволно финансиски средства, па мора да се снаоѓаат преку подигнување кредити и сл. Сѐ на сѐ, на крајот е најлесно да се остане дома со мама и тато, па тие нека се грижат за сѐ. Или евентуално, младите се преселуваат во странство, па штом ќе заработат доволно пари за да си купат стан, не се заинтересирани воопшто за да се вратат во Македонија“, вели психологот Ангела Будиноска.

Според нејзината колешка, Ивана Ѓоргиевска, изговорот на младите кои на возраст од 18 до 34 години сѐ уште живеат со своите родители е тоа што дека колку и да сакаат да живеат самостојно, без своите родители, едноставно не можат финансиски да си го дозволат тоа.

Сепак, таа смета дека ова не е главната причина, туку дека во основа станува збор за психосоцијален проблем.

„Живеењето со родителите кај нас изгледа како традиција, но иако проблемот има елементи на традиција, во основа се работи за психосоцијален проблем. Повеќето родители, имаат големи очекувања од децата во врска со нивното образование (да дипломираат, да магистрираат, да се школуваат надвор од државата и сл.) и ги воспитуваат на тој начин „од тебе не барам ништо – освен да учиш“. Така, многу млади растат и завршуваат факултети и со впечаток дека ги исполниле очекувањата на своите родители и општеството затоа што завршиле факултет или повеќе од тоа, без притоа да ја имаат предвид пошироката цел на образованието – а тоа е да работат и да заработуваат за живот и да се осамостојуваат, да не бидат зависни од своите родители.

Исто така придонесува и фактот што многу родители не бараат и не очекуваат од децата самите да си најдат работа и да заработуваат за живот, па така ги издржуваат и на возраст кога тие можат да работат, но не сакаат да прифатат било каква работа туку чекаат на работа од „соништата“. Ова чекање го попречува и емоционалниот и професионалниот развој на младите и на тој начин остануваат со родителите затоа што така се чувствуваат побезбедно.

Исто така, кај нас често и самите семејни врски се многу интензивни, па не оставаат можност за осамостојување.

Секој родител треба да го охрабрува, да го поттикнува и да верува во своето дете  и само така тоа сигурно ќе чекори низ животот и ќе стане самостоен, смел и одлучен човек кој знае што сака и умее да го постигне она што го сака“, вели таа.

И психологот Ирена Николовска Ристановска вели дека ваквата појава се должи првично на психолошките матрици, усвоени шеми на размислување, однесување и делување наметнати од родителите.

„Детето од најрана возраст ја гради сликата за себе првично од родителите-старателите. Дали во растот и развојот ќе се развива однос на доверба и безусловна љубов, основан авторитет и флексибилност или детето ќе се соочи со ригидност, емоционална недостапност од родител кој испраќа пораки од типорт „Не можеш“, „Не знаеш“, „Нема да успееш“ или „За твое добро“, зависи од свесноста и едуцираноста на родителот. Овие деца во подоцнежниот период од животот се личности со нарушена самодоверба, односно негуваат нереална слика за себе, зависни се и стравот од осамостојување е сенка на нивниот идентитет. Со работа на својот раст и развој дел од нив успеваат да излезат од својата комфорт зона и ја земаат одговорноста за квалитетот на животот во свои раце. Трансгенерациски се наметнуваат и обрасци: „Нема да можете сами“ и предвидување на иднина и креирање на црно сценарио од родителите кои во суштина се плашат од синдромот на „напуштено гнездо“. Економскиот момент и тоа како во нашата држава е на незавидно ниво, многу семејства оправдано и привремено е пожелно да бидат заедно. Дали станува збор за негување на болен, надминување на економска криза, помош при одгледување на мали деца или нешто друго, меѓутоа сметам дека моралната и финансиска поддршка може да се одржува и на далечина“, вели Николовска-Ристановска.

Во меѓувреме, родителите во Македонија се оние што ја поддржуваат, дури и вложуваат во одржување на психолошката матрица за колку што е можно подоцнежно осамостојување на своите деца, па дури и откако тие ќе стапат во брак. На пример, често можеме да слушнеме како некој гради куќа на два спрата затоа што има едно дете за кое се планира едниот спрат, на три ако има две или повеќе деца. Имено, најчестото објаснување е дека треба им се обезбеди на децата барем простор за живеење откако ќе основаат свои семејства, а притоа сепак да бидат близу до родителите, што најчесто е причина, односно оправдување младите да не преземаат иницијатива за осамостојување.

И конечно, токму ова е причината што освен што голем број од младите долго живеат под покривот на родителите, кај нас е голем и процентот на пензионери што ги издржуваат дури и семејствата на своите деца.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]