Триесет и тригодишната Елена Арсовска и нејзиното семејство, сопругот Дарио и трите деца од пред нешто повеќе од пет години живеат во село Шлегово, во близина на Кратово.
Шлегово се наоѓа на околу 800 м н. в., има околу 200 жители, опколено е со ридови и планини и прекрасна и богата природа.
„Некогаш било многу богато и модерно село и изобилува со прекрасна стара архитектура и интересни приказни, обичаи, легенди, цркви и други свети места“, раскажува Елена која е родена токму тука, во истото ова село во кое се вратила да живее со семејството.
Елена слика уметнички слики, изработува различни ракотворби, декоративни предмети, накит и икони, но најмногу, вели, живеат од продажбата на накит.
Останатото, вели таа, на некој начин се подразбира, така е секаде во селата, сите си имаат свои обврски, можеби потешки физички активности, но и поедноставен, поспокоен и посреќен живот од градскиот.
Елена е најмногу посветена на изработката на накит и го изработува во повеќе техники, со повеќе видови на материјали, а она заради што ја побаравме деновиве е нејзиниот накит од пластични шишиња. Нејзиниот мал придонес кон заштита на животната средина, на природата која таа и нејзиното семејство толку многу ја сакаат.
Таа вели дека изработува накит откако знае за себе. Започнала многу мала, но тогаш главно ги растурала старите ѓердани од мајка ѝ и од баба ѝ и одново нижела нови.
„Бев креативно дете и секогаш сакав да работам нешто со рацете. Многу цртав, како мала научив и да плетам, изработував предмети од глина, па дури и денес, постојано имам потреба да работам нешто со рацете и кога немам нарачки и не изработувам накит, плетам, цртам, правам играчки за ќеркичката итн. На почетокот, освен стариот накит од моите мајка и баба, немав други достапни материјали, па истите ги наоѓав во природата. Изработував накит од камчиња, од гранки, од разни семиња, па дури и од препарирани бубачки. Еден ден дојдов до идеја, да се обидам да направам ѓердан од пластично шише и ми успеа. Тогаш за првпат имав материјал во изобилство и од тогаш почнав поинтензивно да изработувам накит. Од накитот од рециклирани шишиња ми се и првите заработени пари“, вели Елена која тогаш имала околу 16 години и им продавала накит на другарките. Подоцна имала соработка и со неколку локални невладини организации.
„Но процесот на изработка на накитот од шишиња е макотрпен, одзема премногу време и е неисплатлив, па затоа тогаш престанав да го работам тоа и почнав да изработувам накит во други техники, со други материјали, како што се полускапоцени камчиња, жица, полимерна глина и епоксидна смола, кои ги работам и денес. Моето навраќање на накитот од пластични шишиња е поврзано со враќањето во моето родно село. Неколку години живеев во Скопје, во Охрид и пак во Скопје и начинот на живот во голем град не ми се допаѓаше“, признава Елена.
Таа не успеала да му се приспособи на брзото темпо на живот, на чувството дека времето поминува брзо, на целиот притисок што го носи со себе градскиот живот.
Ѝ недостасувал едноставниот живот на село, природата и слободата која ја има таму.
„Никогаш не успеав да се приспособам на бетонот, на загадениот воздух, на сивилото во градот, на чувството дека треба некаде да брзаш, на времето поминато во јавниот превоз, на метежот …
Кога се вративме тука, во селото, се преродивме. Одеднаш времето почна бавно да тече и да имаме време за сè. Тишината, мирот, слободата и спокојот кои селото ги нуди, за мене се најголемото богатство и најголемата привилегија која можам да ја имам. Шлегово е прекрасно село, село со богата традиција, култура и историја, со огромно материјално и духовно наследство, опкружено е со прекрасна природа, има огромен туристички потенцијал, но за жал има многу отпад и никој ништо не презема околу тоа. До пред неколку недели во селото воопшто немаше контејнери, па селаните беа принудени да го фрлаат отпадот во реката која тече среде селото и во доловите. Се изборивме да добиеме контејнери од општината, но дел од селаните сè уште не ги менуваат старите навики и фрлаат во реката. Јас знам дека не можам да им ги променам навиките на другите луѓе, ниту пак можам да се справам со отпадот на некаков начин, но сфатив дека можам да бидам одговорна за своите постапки, да ги менувам своите навики, па со цел да го намалам својот отпад, почнав повторно да изработувам накит од шишиња. Освен да го намалам отпадот, на тој начин сакам да им покажам позитивен пример на другите луѓе, да ги поттикнам и да ги инспирирам и тие да реупотребуваат и да рециклираат, да покажам дека од отпадот можат да направат нешто навистина убаво и вредно.
Процесот на создавање на накитот од шише започнува со изработка на мониста. Најпрвин го мијам шишето, ја вадам етикетата, го сечам шишето на ленти, а потоа секоја лента на мали квадрати. Квадратите ги нижам на игла, нижам онолку квадратчиња колку што сакам да е долга монистата и полека, внимателно ги топам на свеќа. Внимавам да не се запали пластиката, ја топам само на топлината од пламенот. Квадратчињата се топат и слепуваат едно за друго и така се формира една монистра. Потоа од мониста добиена преку овој процес се изработува накитот. Значи, од почеток до крај изработката е целосно моја и целосно рачна, без да употребувам калапи и машини. Изработката на еден ѓердан може да трае и неколку дена.
Да бидам искрена, воопшто не очекував дека интересот ќе биде толку голем“, вели нашата соговорничка.
Таа неодамна на својот фејсбук-профил сподели фотографии од дел од накитот од рециклирани шишиња, заедно со неколку фотографии од процесот на изработка и доби многу позитивни реакции. Луѓето пишуваа пофалби, поставуваа прашања и многу брзо потоа продала неколку парчиња накит, па затоа дошла до идеја да направи Фејсбук страница Art cycle of recycle на која ќе ги споделува и ќе ги продава само изработките од пластични шишиња. Во план ѝ е да започне да снима и видеа во кои ќе го споделува и процесот на изработка за да можат и другите да научат и да се обидат сами да изработуваат накит од пластични шишиња.
„Досега ги рециклирав шишињата кои требаше да завршат во мојот отпад, исто така собирав и шишиња кои беа фрлени на некои од ливадите, каде што не е многу загадено па останале чисти. Дел од моите соселани знаат дека рециклирам шишиња, ги споделуваат моите изработки на социјалните мрежи и ме поддржуваат, па се надевам дека наместо да ги фрлаат во отпад, ќе ми ги даваат шишињата мене и на тој начин и селото да го зачуваме почисто“, вели таа.
Тие дома се трудат што помалку да употребуваат пластична амбалажа, а ако веќе мораат, тогаш се трудат да ја реупотребат и да ја рециклираат.
„Од пластичните шишиња изработувам и саксии, од секаква пластична амбалажа правам кутивчиња за чување на ситни предмети, старата облека која не можам да ја подарам или донирам ја сечам и од нејзе плетам чергички“, раскажува инспиративната Елена.
Ако ја прашате за тоа како тие ја преживуваат ситуацијата со ковидот, вели дека таа не им влијаела многу.
„Овде во селото промените не се чувствуваа многу, барем ние не ги почувствувавме. Најголема промена беше тоа што децата не одеа на училиште минатата учебна година, учеа онлајн и што помалку се среќаваме со нашите блиски роднини и пријатели од другите места и градови. Ситуацијата не ни влијаеше на работата многу, продажба имаше како и секогаш, проблем имаме само околу набавка на материјали и тоа не закочи неколку месеци, па не можеме да им излеземе во пресрет на сите што сакаа да порачаат нешто од нас. Што се однесува до продажбата, мислам дека поради ситуацијата, луѓето барајќи начин како да ги поминат деновите во изолација, како да ги оттргнат мислите од најлошото и да го преживеат целиот овој стрес, конечно имаа време и мотив да ја разбудат и онаа креативна страна и многумина започнаа да ракотворат, да сликаат, готват, пеат, пишуваат … исто така многумина почнаа и да уживаат во креативноста на другите, да купуваат ракотворби, да читаат книги, да го исполнуваат своето време консумирајќи каква било уметност“, смета нашата соговорничка.
Инаку, животот на ова семејство звучи како бајка. Кога е времето убаво, постојано се надвор, децата си играат, а тие се шетаат во природа и притоа собираат тревки за чаеви, печурки или шумски овошја.
„Знаеме и од утро до мрак да сме надвор и да береме. Има денови кои ги поминуваме и во градината, зависи од сезоната и од тоа какви ни се таму обврските. Одгледуваме зеленчук и зачински билки за свои потреби, последниве две години не сме многу активни на тоа поле, но секогаш имаме нешто посадено, барем за обновување на семињата. Јас најчесто поголемиот дел од денот го поминувам во изработка на накит, мојот сопруг ми помага и во работата и во домашните обврски, се работиме заедно и во зависност од потребите. Постариот син (14) откако ќе ги заврши обврските околу училиштето, создава музика, а помалиот (12) сака да биде јутјубер, па дел од денот го поминува во играње игрички. Иако долго време бевме против тоа, сепак одлучивме дека треба да му дозволиме да го работи она што го сака, но истовремено да имаме и контрола. Ќеркичката е сè уште малечка, наскоро ќе наполни 4 години и таа најмногу ми ’помага‘ со накитот, постојано работи со мене, знае да наниже монистри и со моја помош да направи парче накит. Сака да црта и има голем талент за цртање, исто така е и многу музикална, ги има наследено сите наши таленти“, раскажува оваа млада мајка на три деца.
Се разбира, имаат денови и кога не се продуктивни, а тоа најчесто се случува во зимскиот период, па тогаш знаат да се опуштат и цел ден да поминат во гледање филмови и во одмор.
„Таквите денови ни ги полнат батериите иако јас често знам да кажам дека се чувствувам како секој ден да сум на одмор, бидејќи воопшто не чувствуваме притисок и стрес. Телевизија не гледаме воопшто, дома немаме телевизор, мислам дека околу 10 години и воопшто не ни недостасува. Сфативме дека така трошиме многу време на гледање сè и сешто и дека тоа не е добро за нас. Јас не користам телефон, само во случаи кога е неопходно и треба да се јавам, всушност сите дома ги употребуваме телефоните само за најнеопходното. Најмногу се седи на лаптоп, поради тоа што ракотворбите ги продавам исклучиво преку интернет, едитирањето фотографии и споделувањето на социјалните мрежи понекогаш знае да ме задржи пред екран и со часови. Порано многу повеќе бев активна на социјалните мрежи, но денес има денови кога воопшто и не седнувам на компјутер или на крајот од денот само неколку минути одвојувам за да ги отворам пораките и таквите денови ми се најубави. За жал, децата стануваат се позависни од екраните, меѓудругото и заради училишните обврски, но се трудиме да им задаваме и домашни обврски кои ќе ги држат некое време подалеку од нив. Исто така ме радува тоа што тука сè уште има дружба помеѓу децата па поминуваат време и надвор“, ни раскажа Елена и ни доближи парче дел од нивниот живот кој иако е тука, близу до нас, е сосема поинаков од нашиот.
И многу, многу поубав, поспокоен, поедноставен, посреќен и поискрен од нашиот во големиот загаден град.