Жените забременуваат помеѓу две дози на вакцината, па ништо не им фали ниту ним, ниту на бебињата

Имам десетици пациентки кои биле вакцинирани против корона, а потоа останале бремени, а нивната бременост се развива најнормално. Имам дури и такви кои забремениле помеѓу примање две дози од вакцината, како и такви кои отишле на вештачко оплодување и сè е во ред и со жената и со фетусот. Нема докажана штета од вакцината, но има од ковид 19, бидејќи некои бремени жени починаа, вели српската докторка проф. гинеколог д-р Ана Јовановиќ, раководител на дневната болница ГАК „Народен фронт“.

0
343
Фото: Freepik

Откако масовната вакцинација во Србија започна во јануари годинава, жените кои беа вакцинирани, а потоа забременија, сè уште не стасале да се породат. Сепак, засега, е сè во ред, а проф. гинеколог д-р Ана Јовановиќ, раководител на дневната болница ГАК „Народен фронт“, наведува дека нејзиното клиничко искуство покажува дека жените не ја одложиле планираната бременост поради вакцинација.

„Имам неколку жени кои имаа непланирано зачнување непосредно пред да ја примат втората доза од вакцината. Тие беа вакцинирани дури и без да знаат дека се бремени. И немаа никакви несакани ефекти или проблеми. Фетусот се развива нормално, бременоста се одвива нормално. Нема ниту медицинско, ниту теоретско објаснување зошто да нема бременост по вакцинацијата“, наведува проф. Јовановиќ за Курир.

Таа посочува дека „нема апсолутно никакви ограничувања“ за вакцинација пред бременоста, но дека генерално, одредени професионални здруженија се согласни да се започне со зачнување еден месец по втората доза.

„Сепак, повторувам, имам пациенти кои забремениле и во пократок временски период и немало никакви ризици или проблеми. И се препорачува ако жената е веќе бремена и не е вакцинирана, тоа да го стори по првото тримесечје. Не затоа што нешто би можело да ѝ се случи заради вакцината, туку затоа што до смрт на плодот обично доаѓа во првите три месеци од бременоста, па да не се поврзува тоа со вакцината. Процентот варира во зависност од групите што ги следиме, без разлика дали бремените жени се до 30 години, до 40 или над 40 години. Колку е постара жената, толку почесто се губи бременоста во првото тримесечје заради слабиот квалитет, односно возраста на јајцето, тоа е таканаречената природна селекција“, објаснува докторката.

„Имам и пациентки кои се лекуваат од неплодност и кои направија прекин на еден месец, месец и половина за да се вакцинираат, по што останаа бремени со ин витро оплодување. Значи, тоа се жени, а со нив и мажи, т.е. семејства кои често се борат напорно за своите потомци и не се плашеа да примат вакцини, а потоа го продолжуваат процесот на вештачко оплодување, бидејќи разбираат дека вакцината е цивилизациско достигнување. Две од нив на возраст од 37-38 години беа вакцинирани во март и април, а потоа забременија со вештачко оплодување и двете се добро. Пациентите ми се јавуваат, ме прашуваат за моето мислење и ставаат точка на сите шпекулации за наводните штетни ефекти на вакцината“.

Страв од четвртиот бран

Проф. Д-р Јовановиќ посочува дека во последно време жените кои би сакале да забременат се повеќе се интересираат за вакцинација.

„Додека се повеќе луѓе зборуваат за делта видот на корона вирусот и имајќи предвид дека се ближи есента и очекуваниот четврт бран, се повеќе жени ме прашуваат дали треба да се вакцинираат. Имам многу пораки на мојот телефон од жени кои дојат и сакаат да бидат вакцинирани и такви кои планираат бременост“.

Лекарката ја препорачува вакцината пред бременоста и на жени кои не родиле и се млади, бидејќи штетата од короната, како и од секоја вирусна зараза, може да биде голема.

„Сите знаеме дека имаше бремени жени, кои, за жал, починаа поради ковид 19. Немав ниту една пациентка која почина, но имав пациентка која мораше да се породи предвреме, во 32-та недела од бременоста, и таа мораше да оди на респиратор. Едвај се извлече, има тешки постковид последици и не може да се грижи за бебето. Ги имав и со тешки клинички слики, кои беа излекувани, се породија на време, но за време на бременоста беа озрачени со скенери, користеа разни лекови, чиј ефект не беше тестиран кај бремени жени, но мораа да ги примат за да спасат глава. Исто така, имав пациентка со спонтан абортус, бидејќи жената во текот на заразата со ковид прокрвари. Повеќето бремени жени добро ја минуваат короната, но последниот бран пролетта нè научи дека клиничките слики се потешки и дека има многу повеќе компликации отколку што имаше на почетокот на епидемијата“, истакнува докторката.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]