Вклученоста на таткото во грижата за детето носи придобивки и за двајцата

Вклученоста на таткото во животот на детето, од придружба на партнерката на контролните прегледи и присуствување на породувањето, до грижа, нега и дружење со детето, носи бројни придобивки за детето во сите аспекти од неговиот раст и развој, но има бројни придобивки и за таткото.

0
339

Со својата посветеност и активно учество во животот на детето, таткото гради цврста врска со него.

Еве кои придобивки ги носи таткото кој рамноправно учествува и се вклучува во животот на своето дете, а со тоа придонесува и за себе.

Придобивки од вклученоста на таткото за детето

  1. Поголем (животен) успех. Детето кое расте со таткото кој е активно вклучен во неговиот живот, поуспешен е во животот, како во деловните, така и во останатите сегменти. Исто така, поизвесно е дека ќе има поголема самодоверба, ќе биде позадоволно и генерално исполнето.
  2. Подобри животни вештини. Детето кое расте со татко кој е активно вклучен во неговиот живот и кој е континуирано присутен во животот на детето, има поразвиени социјални вештини, подобра самоконтрола и повеќе самодоверба. Поврзаноста со таткото помага во развивање на снаодливост во непознати ситуации, излегување на крај со стресот и охрабрува истражувачко однесување.
  3. Подобри когнитивни способности. Без оглед на степенот на образование што го има таткото, неговата вклученост во животот на детето го поттикнува развојот на когнитивните способности на детето. Детето кое расте со татко кој е активно вклучен во неговиот живот, постигнува подобар успех во училиштето и почесто постигнува повисоки степени на образование.
  4. Помалку проблеми. Детето кое расте со татко кој е активно вклучен во неговиот живот  во просек има помалку проблеми, поретко се впушта во ризични, насилни и други непосакувани однесувања.
  5. Подобар родител. Кога сте активно вклучен во животот на детето, тоа има повеќе шанси да развие позитивни родителски вештини во подоцнежна возраст. Ако расте со ангажирани родители, поголема е шансата дека и самото ќе ги повторува позитивните примери на своите родители и ќе биде ангажиран и посветен родител.

Придобивки од вклученоста за таткото.

  1. Однос на доверба и сигурност. Кога сте активно вклучени во животот на детето, ќе помогнете да се изгради однос на доверба и сигурност кој ќе се одржи и подоцна, кога детето ќе порасне.
  2. Подобро поднесување на стресот. Активната вклученост во животот на детето може да ви помогне поделотворно да се справувате со стресот. Самото спознание дека работите нешто во што уживате, градејќи позитивен однос со детето, ќе ви помогне да го регулирате стресот во вашиот живот.
  3. Повеќе самодоверба. Активната вклученост во животот на детето ќе ви помогне да развиете доверба во сопствените социјални и останати вештинни. Ќе чувствувате дека имате повеќе да понудите на работа, како родител, партнер.
  4. Животна поддршка. Кога сте активно вклучени во животот на детето и градите однос на силна поврзаност, тоа е врска која трае цел живот. Кога детето ќе порасне, тоа ќе ви биде еднакво поддршка вам како  вие нему, ќе имате блиска личност на која ќе можете да се потпрете и да сметате на неа кога ќе ви биде потребно.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]