Веројатно сте ја слушнале изреката „бремена жена јаде за двајца“ или за тројца ако станува збор за близнаци. Но, дали бремените жени навистина треба да го зголемат внесувањето храна за време на бременоста? Лекарите предупредуваат дека прејадувањето може да доведе до гестациски дијабетес, пренесува The sun.
Имено, хормоните произведени за време на бременоста можат да го направат организмот отпорен на инсулин – што значи дека нивото на шеќер во крвта останува високо. Гинекологот д-р Грегори Охихоин, од нигерискиот институт за медицински истражувања, предупредува дека жените треба да бидат претпазливи кога претпоставуваат дека можат да јадат за двајца.
Тој објаснил дека жените може да доживеат желба за различна храна за време на бременоста и дека некои од нив исто така ќе имаат зголемен апетит. Како и да е, за време на бременоста треба да јадете здрава и урамнотежена исхрана и не треба да се залажувате со уверувањето дека е потребно, па дури и целосно во ред да се „јаде за двајца“.
„Некои жени одат во крајност кога станува збор за храна за двајца, а понекогаш и за четворица и јадат секакви, претежно нездрави работи. Тие имаат неконтролиран апетит и јадат надвор од контрола. Резултат на таквата исхрана е прекумерна тежина. Оваа група жени има поголем ризик од развој на гестациски дијабетес и имаат поголем ризик од компликации и тешко породување“, вели Охихоин.
Лекарот исто така објаснил дека квалитетот на храната што ја јадете е многу поважен од количината. „Протеините се најважни за вашето бебе затоа што содржат аминокиселини кои се градежни блокови на телото. Вашето тело бара 20 различни видови на аминокиселини. 12 се произведени од телото (неесенцијални аминокиселини). Останатите осум мора да ги обезбедите преку храната што ја јадете“, додал тој.
Значи, дури и ако сте внимателни и имате урамнотежена исхрана, за време на бременоста треба да обрнете посебно внимание на оваа тема. Речиси на сите бремени жени им требаат повеќе протеини, витамини и минерали како што се фолна киселина и железо и малку повеќе калории. Треба да ги промените навиките во исхраната, но никогаш не треба да јадете прекумерна количина храна.
Она што дефинитивно треба да се избегнува за време на бременоста, а со кое скоро сите лекари и нутриционисти се согласуваат се суши, алкохол и некои видови сирења. Постојат различни мислења за консумирање риба и дефинитивно не треба да претерувате со кофеин, но запомнете го златното правило: во сè бидете умерени.
Фото: Pexels