Што е маж без мустаќи?

Како заокружување на мовембер – месецот посветен на машкото здравје и движење кое кај нас сѐ уште не е заживеано, утре, во неодамна отворената галерија „Колектив“ на скопскиот плоштад, настан посветен на мажите. Влезот е слободен за сите.

0
190

Пуштањето мустаќи има многу подлабоко значење од едноставен украс за машкото лице или трендовско терање мода. Пуштањето брада и мустаќи во месец ноември, познато како движење – Мовембер има за цел да се унапреди свеста за здравјето на мажите, особено ставајќи акцент на ракот на простата и другите малигни заболувања кои го погодуваат посилниот пол.

Ноември е месец посветен на машкото здравје, но и жените се повикани да учествуваат и да им дадат поддршка на мажите отфрлајќи ги бричевите и другите средства за депилација во текот на овој месец. (Дали и вие го направивте ова?)

Движењето започна во 2003.година во Австралија од страна на неколку пријатели кои на шеговит начин посакале да пренесат многу сериозна порака – за превентивата на рак на простата. Почнале да пуштаат мустаќи и за тоа барале донации од роднините и пријателите.

Движењето првата година собрало само 30 учесници, меѓутоа, откако ги забележала Фондацијата за заболени од рак на простата во Австралија и им станала партнер, нагло пораснало и се проширило низ целиот свет.

Така Мовембер станал годишен настан во чии рамки припадниците на посилниот пол на различни начини се обидуваат да го свртат вниманието на своето здравје, особено за оние работи за кои главно „тивко“ се зборува.

Ова движење е помеѓу 100. најдобри невладини организации во светот поради своето влијание, иновативноста и одржливоста.

Правилата за учество во Мовембер наложуваат во текот на целиот месец да пуштате брада. При крајот на месецот избричете ја, но оставете ги мустаќите.

Брадата треба да биде густа и не треба премногу да се средува, затоа што целта е да се прифати влакнетоста со оглед на тажниот факт дека заболените од рак остануваат токму без неа како последица од јаките терапии.

Сите пари кои тој месец би ги потрошиле на средства за бричење, донирајте ги. Ова движење во нашата земја  сѐ уште не е заживеано, но никогаш не е доцна.

Впрочем, „Што е маж без мустаќи?“

Токму затоа, утре, од 21 часот оснивачите на Kolektiv Gallery, уметничката и креативна двојка Горазд и Стефани Христов, во соработка со  dm drogerie markt Makedonija и MegaSelfie PhotoBooth Macedonia, ги канат сите брадосани мажи во придружба на своите партнерки, пријателки, сестри, мајки, баби, братучетки, сосетки, колешки, или пак сами, да дојдат заедно со своите бради и мустаќи и да си заминат со подарок од dm и фотографија за спомен на оваа забава посветена на машкото здравје.

Се разбира, секаде кадешто има мажи со мустаќи, има и добро пиво и вкусна храна. Ова е само почеток, но желбата на организаторите е од следната година да стане традиционална и со збогатена содржина.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]