Што да не им велите на пријателките кои се борат со неплодноста

Не зборувам во име на сите жени, зборувам во мое лично име за тоа како нашата борба против неплодноста влијаеше на луѓето околу нас и како овие луѓе се обидоа да комуницираат со нас со најдобри намери, но честопати сите овие добри намери беа причина за поголема болка, вели оваа поранешна новинарка, која првпат станала мајка на 40 години

0
144

Една жена од лично искуство го кажува она што никогаш не треба да им го велите на вашите пријатели кои се борат со неплодност и советува како можете да ги поддржите.

Нè учат како да му изразиме некому сочувство за загубата на мајка, татко, брат, сестра, но не нè учат како да му изразиме поддршка на некој кога ќе го изгуби нероденото бебе или кога „само“ ќе изгуби уште еден месец чекајќи позитивен тест за бременост.

Јас го чекав моето девојче со години. За четири години поминав осум постапки за потпомогната репродукција и четири спонтани абортуси, од кои два беа особено грди. Не зборувам во име на сите жени, зборувам во мое лично име за тоа како нашата борба против неплодноста влијаеше на луѓето околу нас и како овие луѓе се обидоа да комуницираат со нас со најдобри намери, но честопати сите овие добри намери беа причина за поголема болка.

Како да се однесувате ако некој пријател се бори со неплодност?

Не ја кријте својата бременост од нив

Тишината понекогаш нè убива повеќе од зборовите, а криењето е слично на тишината. Ако сте добри пријатели и ако ја споделите веста за вашата прва бременост во моментот кога видовте + на тестот, зошто чекате со месеци за да и ја кажете веста сега кога и таа сака да стане мајка? Мислите дека ќе ја повредите затоа што вам ви успеало и по вторпат, а таа сè уште не може? Има смисла. Сепак, како мислите дека ќе ѝ биде подобро кога ќе го открие ова откако стомакот ќе ви порасне толку што повеќе нема да можете да ја криете бременоста?

На работа каде што работев, луѓето околу мене знаеја дека јас и мојот сопруг одиме на лекар за да станеме родители. Еден колега кој работеше со мене во истата канцеларија ми рече дека тој ќе стане татко неколку недели пред настанот, а една од најблиските колешки чекаше да ме извести за бременоста еден ден пред да замине на боледување поради одржување на бременоста.

Сите други знаеја, освен мене. И мојата најдобра пријателка чекаше пет месеци за да ми каже дека е повторно бремена, тоа ми го рече дури кога јас ѝ кажав дека по којзнае кој пат, повторно видов + на тестот.

Во тоа време не станав мајка, плусот наскоро стана минус. И потонав затоа што сфатив дека луѓето ги кријат работите од мене. Никој не ми ја украде бременоста, на никој не му се роди дете наместо моето. Затоа, не ми беше јасно зошто ова залудно криење. Секогаш плачев после тие новости веднаш штом ќе стигнев дома, не затоа што бев љубоморна, туку затоа што бев „шугава“, онаа што ја избегнуваат.

Ние само еднаш не се пазевме и опа – стаса детето!

Ако некој ви се отвори во врска со својата желба за дете, прилично е глупаво да му кажете на тоа: И ние еднаш се обидовме и веднаш добивме дете! Или, ќе ти го позајмам мојот сопруг, тој ми прави дете штом ме погледне. Сум го слушнала и едното и другото. Можеби мислите дека сте смешни, но не сте. Вие сте само несовесни и себични. Како овие информации му помагаат на вашиот пријател? Дали ме слушавте воопшто?

Во ситуација кога некој ќе ви се отвори и ќе ви се пожали, нема простор да влетувате и да станете центар на тој разговор, особено да ја свртите приказната и практично да кажете „пих“ на проблемот на вашиот пријател или пријателка.

Можеби Господ така сака

По првиот спонтан абортус, што за жал не го криев, затоа што претходно на сите им кажав дека сум бремена, една личност, која е голем верник ми рече нешто што никогаш нема да го заборавам. Плачев со денови после тоа.

Можеби Господ така сака. Вие сте прекрасна двојка и можеби Господ мисли дека сте доволни еден на друг, ми рече додека ја слушав шокирано, не знаејќи што да ѝ одговорам.

Ве молам, никому не му го кажувајте тоа. Префрлањето на одговорноста на Бог, кон која било трета личност и импликацијата дека некој таму не сака нешто што вие толку го сакате, не е позитивна поддршка.

А зошто не посвоите дете?

Општо е познато дека посвојувањето е како кога одиш во продавница и купуваш кукла, едноставен и безболен процес.

Оние што сакаат да посвојат дете ќе го пробаат, но оние кои сакаат да станат биолошки родители не сакаат да слушнат дека треба да се откажат од тоа затоа што има толку деца кои можат да се посвојат.

Само треба да се опуштите

Никогаш никој не се опуштил само затоа што некој му кажал дека треба да го направи тоа. Всушност, најчесто, тоа ги прави луѓето уште полути. Релаксацијата не е нешто што го добивате преку притисок, и на крајот на краиштата, од каде оваа глупост дека само опуштените жени раѓаат?

Има многу работи што ги слушнав, а најсмешно беше она дека некој можеби ни направил магија. Ајде, не им давајте идеи на жените кои се и онака емотивно ослабнати да почнат да одат по бајачки или нешто слично. Има една баба од таму и таму, прави еден чај што треба да го пиете и веднаш ќе забремениш, но никој не знае точно која е таа баба. Или треба да ги држиш нозете кренати 20 минути после сексуалниот однос. Или јадете многу ананас. Или одете на акупунктура.

И ние се боревме. Ни требаа неколку месеци.

Кога неодамна прочитав објава од една позната жена за тоа како таа и нејзиниот сопруг исто така се бореле да имаат дете и дека ги разбира жените кои се борат со неплодност затоа што и таа видела минус на тестот првиот месец, се подразбира дека бев лута затоа што таа така го банализира проблемот со неплодноста.

Не, не се борите против неплодност ако не забремените по еден или по шест месеци обидување. Не, не ги разбирате жените кои навистина се борат и посетуваат лекари, се клукаат со хормони боцкајќи се со инјекции на секој циклус, чекајќи да се спојат таа совршена јајце клетка и тој совршен сперматозоид и да се развијат во една убава бластоциста, потоа во фетус и конечно во едно живо бебе.

Но, можете да бидете поддршка.

Не избегнувајте да ја поканите таа пријателка на роденденската забава на вашето дете мислејќи дека ќе ѝ биде досадно или тажно. Не знам зошто, но некои пријатели едноставно престануваат да ве вклучуваат во важен дел од животот што вклучува и деца, сè додека на крајот самите не станете родители.

Прашајте ја пријателката кога е следниот циклус на асистирана репродукција, за да можете да одите со неа во чекалната, да ѝ купите пренатални витамини и книга, да ја однесете во кино или театар, за да ѝ помогнете навистина да се опушти и да не се чувствува осамена, прашајте ја сè за постапката низ која поминува ако видите дека сака да разговара за тоа, дозволете ѝ да ви каже сè за хормонските инјекции, за физичката и психичката болка, за зголемувањето на телесната тежина и несоницата, за гушењето во солзи и повторните спонтани абортуси.

Пријателките би требало да споделуваат и добро и лошо, да бидат тука дури и кога не е најзгодно. Ако умреше, ќе земевте неколку слободни часа за да ѝ отидете на погреб, нели? Зошто да не ѝ посветите неколку часа внимание додека е жива? Можеби сум премногу груба сега, но размислите за тоа.

Ако не сака да зборува, почитувајте го тоа. Ако таа сака да биде сама, почитувајте го тоа. Сите ние имаме свои начини на справување со тешки ситуации, а можеби и мојот начин на размислување не е ни близу до начинот на размислување на некоја друга идна мајка. Вие сте нејзина пријателка, ја познавате подобро од мене.

Само не ѝ наметнувајте некои очекувања. И не ѝ велете дека ќе биде добро следниот пат. Затоа што, што ако не биде? Не поставувајте очекувања за неа, само бидете ѝ уво за слушање и рамо за плачење. Чоколадото и виното исто така помагаат.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]