Математиката не е баук

Блаже Ангелов е 35 - годишен професор по математика и физика за основно образование од Радовиш, кој со голема посветеност, мотивација, желба и љубов кон професијата го создал својот веб-сајт „Математика за сите“. Станува збор за дополнително средство за учење математика, на полесен и позабавен начин, клик по клик.

0
565

Ако математиката ви е баук, а имате деца на училишна возраст на кои им треба помош за решавање на математички задачи и проблеми, време е да се запознаете со сајтот www.matematikazasite.com.

Одговорен за овој сајт е, кој друг, ако не еден голем вљубеник во математиката. Станува збор за Блаже Ангелов, 35 – годишен професор по математика и физика за основно образование кој од април 2009.година е вработен во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш.

„Математика за сите“ функционира од декември минатата година и е начин на кој овој посветен наставник решил да даде сопствен придонес во приспособувањето на изгледот на наставата во однос на новите генерации, но и на онлајн наставата во услови на пандемија со ковид-19.

„Новите потреби за презентирање на наставниот материјал во услови на ковид-19 ме мотивираа да размислувам за алтернативни поефикасни начини на реализирање на наставата. Сведоци сме дека сите просветни работници бевме во ситуација да импровизираме, да комбинираме различни методи, сè со цел да се приспособиме на новонастаната состојба на учење од дома.

Во потрага по добар метод, јас решив да работам со моите ученици со користење на многу внимателно креирани презентации во Power Point, кои содржат анимации, специјални ефекти, решавање задача клик по клик итн“, објаснува Ангелов.

Откако по кратка примена сфатил дека овие методи кои сега ги презентира на веб-сајтот им се поинтересни на учениците и од нив полесно учат, тоа го мотивирало да се впушти во предизвик, односно, во креирање на веб-сајт кој би бил добро подредена архива од наставни содржини во движење кои ќе ги мотивираат учениците да учат на поинаков начин.

„Овој начин им е поблизок на помладите од причина што неговото следење е поврзано со технолошките алатки кои сè повеќе ги користиме. Методот успева кај оној кој сака да научи. Уникатноста на методот се однесува на тоа дека ученикот мора сам да размислува и да ја сфати секоја последица која ќе се појави во видео презентацијата. Од една страна методот е интересен за учениците, а од друга страна на крај тие сами мора да ја сфатат поентата на содржината. Кога ќе се научи на овој начин, тое е трајно знаење“, тврди Блаже.

Но одлични се и реакциите од родителите и од децата. Секако, има и некоја забелешка, но тој е расположен и за добронамерна критика, а одзивот е одличен, па веб-сајтот веќе има своја редовна публика која континуирано расте.

За ова е потребно многу работа, но наставникот Блаже е одлучен да го исполни зацртаното и да оформи една комплетна архива која ќе биде испреплетена со тестови, квизови, дополнителни материјали, онлајн дуели меѓу ученици, натпревари итн.

„Математиката отсекогаш ми беше интересна и ми претставуваше предизвик да ја решам секоја наредна задача. Не би рекол дека секогаш беше лесно, напротив имав периоди во основно училиште кога имав тешкотии и понекогаш петката по математика ми беше недостижна. Мојата наставничка од основно образование доследно ги бараше сите критериуми кои ученик треба да ги задоволи за да добие највисока оцена, што ни помогна да стекнеме добра основа. Во натамошното образование работите одеа доста полесно“, признава нашиот соговорник.

Во дванаесетгодишното работно искуство работел со дванаесет генерации деца, различни по возраст и вели дека како и сите професори, така и тој, генерално, ги памети повеќето од своите ученици, дури и по подолг временски период.

„Низ годините сум имал ученици со најразлични способности, мотивација за учење, талент, итн. Големо е задоволството да се работи со супер талентирани ученици и за моја среќа сум имал привилегија да работам со неколкумина. Со дел од нив во годините наназад имаме освоено повеќе награди на републичко ниво. Од друга страна, голем е предизвикот да се работи со ученици кои потешко учат. Кај нив, според мене, прво треба да се работи на создавање мотивација и љубов кон науката и учењето, а дури потоа да се применуваат прилагодливи техники и методи за работа“, вели тој.

Блаже Ангелов и самиот има две деца, Јана има пет, а синчето Петар – три години. Иако се мали, тој веќе забележува дека Јана покажува голем интерес за броевите.

„Работам на проекти кои се однесуваат на деца за предшколска возраст, па Јана ми е прв критичар на работата и математичките вежби за нејзина возраст. Со неа вежбаме математички операции на магнетна табличка со дополнување или препокривање на логички плочки. Овој метод ми се покажа како најефикасен за воведување на математички операции“, објаснува Ангелов.

За тоа, дали и колку е математиката важна во секојдневниот живот, со оглед на аргументот на антиталентите за математика, дека не е потребна ако не мислат да се занимаваат со наука, Ангелов вели:

„Основната математика му е повеќе од потребна на секој човек за еден нормален човечки живот. Колку овој факт е важен веројатно најдобро знаат луѓето чии деца имаат проблеми со најелементарните математички вештини. Секако дека сите луѓе кои се занимаваат со наука директно или индиректно, важноста ја сваќаат дури откако математичките знаења ќе ги искористат во практичната работа. Веројатно сите сме ја слушнале реченицата: ‘Што ќе ми се мене тригонометриски функции’ или ‘Каде ќе применам логаритми’ и веројатно до некој степен ова е така за учениците кои не планираат да го прошират своето образование со факултетско образование. Според мене, кај нас се потребни одредени реформи во образованието, нешто како поделба по степени, каде што овие ученици ќе поминат поголем дел од времето со ‘поедноставна математика’, согласно реалните очекувања на општеството од нив“, предлага тој.

Во меѓувреме, „Математика за сите“ им е на располагање на учениците од основно и средно образование кои имаат потреба од дополнителни материјали и методи за полесно да учат математика, на студентите кои можат брзо, лесно и ефективно да лоцираат и да се потсетат на материјал кој го подзаборавиле или го пропуштиле, на родителите кои ќе се дружат малку повеќе со своите деца учејќи математика, на наставниот кадар по математика, но и на луѓето кои едноставно, ја сакаат математиката.

Веб-сајтот има главно мени кои ги содржи сите одделенија од 6 до 9 основно образование и четирите години од средно образование. Секој може многу лесно да го лоцира потребниот материјал. Освен главното мени, на левата страна имате опција да одберете област од математиката која ве интересира. На пример, геометрија, тригонометрија,…

Ако на редовните часови еден ученик може да види 3-4 примери од решени задачи, овде може да види барем неколку пати повеќе, а задачите се поделени по видови и нивоа.

Сајтот дава можност за самостојно учење и за самооценување доколку ученикот се труди да ги реши задачите со запирање на видеото во даден момент, па повторното вклучување ќе му покаже дали е во право или не.

Иако засега не се опфатени сите теми и за почеток има релативно мала дата база на податоци, Ангелов ветува дека ќе продолжи да го развива овој сајт сè додека не ги опфати сите можни математички теми и проблеми од неколку различни агли.

[better-ads type='banner' banner='999' ]