Ставањето на бебињата на стомак додека се будни е многу важно за нивниот развој. На тој начин бебињата ги развиваат своите моторички способности, ги јакнат мускулите на рацете, вратот и на трупот и се учат да го контролираат вртењето на главата што им помага при учењето да седат, да ползат и да одат.
Малечките треба да почнете да ги ставате во оваа положба со постојан надзор, на кратко, уште од раѓањето, но крајно време за истото е кога ќе забележите дека детето има сила благо да го поткрене главчето и да го врти лево-десно.
Идеално е во таа положба детето да останува по неколку минути еднаш или два пати дневно, но тоа треба сепак да го процените сами според тоа колку оваа положба му се допаѓа на вашето бебе.
Идеално време за овие вежби е после будење затоа што бебето е тогаш најодморно и има најмногу сила, а избегнувајте го ова откако бебето ќе се најаде за да не почне да повраќа.
Занимавајте го бебето за да го намамите да остане подолго во оваа положба. Обидете се да го заинтересирате со некоја играчка или со огледало. На почеток можете да му ставите под градите завиткан пешкир за полесно да се поткрева.
Често бебињата од почеток не ја сакаат оваа положба затоа што им е напорна, но бидете упорни и обидувајте се по малку секој ден.