Цицањето на палецот или некој друг прст е сосема нормално за бебињата и за малите деца. Бебињата, всушност, почнуваат да ги цицаат прстите уште во стомакот на мајката. Оваа активност им дава чувство на сигурност и на овој начин тие остваруваат контакт со околината, ја осознаваат, учат за неа и ја тестираат. Скорешните студии укажуваат дека користењето на цуцла-лажливка после двегодишна возраст на детето може да предизвика долгорочни измени во устата на децата и затоа се препорачува таа да се исфрли од употреба откако детето ќе наполни 18 месеци.
Цицањето на прстите создава притисок на страните на горната вилица и мекото ткиво од горниот дел од усната шуплина. Како резултат на сето ова, горната вилица може да се стесни, при што забите од двете вилици нема да се вклопат во соодветен загриз. Иако овој проблем може да се реши со протеза, може исто така и да предизвика проблеми во говорот, како шушкање, за кое е некогаш потребна и терапија.
ЌЕ МИНЕ ПО ВТОРАТА ГОДИНА
Но, долготрајните ефекти на цицањето на прстот не завршуваат тука. Цицањето прсти може да доведе до вкрстен загриз. На тврдото непце се јавува дупка од палецот при што забите во задниот дел од устата се подложени на поголем притисок при мелењето на храната. На овој начин се создава дисбаланс на забите, кој што влијае на структурата на устата и вилицата како што расте детето.
Децата вообичаено сами престануваат со цицање на прстите на возраст од две до четири години. Сепак, одреден процент на деца продолжуваат со цицање на прстите, лажливката или други предмети уште долго после оваа возраст.
Затоа детето треба да се носи на стоматолог за да се утврди дали забите и вилиците му се развиваат правилно.
ОДВИКНЕТЕ ГО СО НАГРАДИ
Постепеното прекратување на навиката започнува со соодветно наградување на дадени временски интервали или чекори во однос на откажувањето од цицање на прстите или лажливката. Друга интересна идеја е врзување на лажливката за балон полн со хелиум и нејзино отпловување во небото. Овој чин се поврзува со традицијата на фрлање паднати запчиња на кров, со цел да се исполнат желбите. Детето се откажува од цуцлата и за награда добива исполнување на желба. Исто така, цуцлата може да се остави во ординација кај стоматологот со цел да му се даде на некое бебе на кое му треба.
Американската Асоцијација на стоматолози препорачува детето да се поттикне на откажување од цуцлата на возраст до три години. Кај некои деца е потребна помош и од педијатарот и од родителите. Најчесто, за децата е полесно да се откажат од цуцлата отколку од цицање на прстот. Штом детето е доволно возрасно, стоматологот може да поразговара со него и да му објасни што може да му се случи со забите доколку не престане со лошата навика на цицање на прстот.
Ваквиот разговор и поддршката од родителите се најчесто доволни за најголем број од децата. Доколку, ова решение не е погодно, може користи усно помагало кое попречува цицање на прстите. Ова е сепак нормално однесување за децата и затоа не правете од него проблем. Доколку сепак сте загрижени, консултирајте стоматолог.
д-р Радмила Димовска, спец. по ортодонција