Во амбулантата во Шуто Оризари, кадешто долги години наназад немаше гинеколог, наскоро ќе почне да работи докторката Вјолце Мбиара, специјалист-гинеколог од Албанија која во Македонија доаѓа од семејни причини. Иако според најавата доктор Мбиара веќе требаше да почне со работа, после 10 години без гинеколог, пациентките од Шуто Оризари треба да почекаат уште само една недела за конечно да добијат континуирана гинеколошка здравствена заштита бидејќи подготовките за нејзиното вработување се во крајна фаза.
Вработувањето на докторката Вјолце Мбиара ќе биде трајно решение за долгогодишниот проблем, а таа добро знае каде доаѓа и со какво нетрпение ја очекуваат. И самата е мајка на две деца и смета дека, доколку постојат услови, во секое семејство би требало да има по 3-4 деца.
Неодамна сите медиуми објавија дека конечно ќе биде решен проблемот и дека амбулантата во Шутооризари ќе добие гинеколог, а во врска со вашето име се појави само информацијата дека имате долгогодишна пракса во Американската болница во Албанија. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вас, каде сте дипломирале, каде сте специјализирале, зошто си заминавте од Американската болница и одлучивте да дојдете тука,…?
Доаѓам од Албанија кадешто и ги завршив студиите на Медицинскиот факултет во Тирана, почнувајќи од 2000. година, заклучно со 2006.
По завршувањето на медицинските студии, имав двегодишна пракса во државната клиника во Тирана и тоа во период од две години ( 2006.-2008. година).
Специјализацијата по гинекологија ја завршив во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство– Koço Gliozheni и по завршувањето на специјализацијата со просек 9,9, веднаш добив понуда за работа во американската болница во Албанија кадешто работев се додека не се преселив со моето семејство во Гостивар.
Значи, од лични причини, за да бидам заедно со моето семејство, заеднички ја донесовме одлуката да дојдеме во Македонија, односно токму тоа беше и причината што дадов оставка во болницата кадешто работев и дојдовме тука заедно со фамилијата.
Додека се обидував да остварам контакт со вас, отидов и до амбулантата во Шутка, а таму и вработените и пациентите ја имаа истата дилема…се прашуваа како ќе комуницирате со вашите идни пациентки…на кој јазик? Можете ли да ни кажете дали зборувате на некој од локалните јазици?
Медицинските термини реално не се разликуваат од еден до друг јазик.
За мене како доктор најважно е заедно со пациентките навреме да ги откриеме симтомите и навремено да се излекуваат.
Сепак да потенцирам дека разбирам македонски, додека албанскиот е мојот мајчин јазик, а во самата ординација ќе биде вработен и дополнителен персонал, со што убедена сум дека комуникацијата ќе се одвива на едно посакувано ниво.
Од каде потекнувате и колку знаете за состојбите во Македонија, како дојде до вашиот ангажман во амбулантата и имате ли претстава со какво нетрпение ве очекуваат тамошните жителки?
Како што кажав, потекнувам од Албанија и по моето доаѓање во Македонија, преку медиумите запознаена сум со проблемот со недостиг на гинеколог во оваа општина. При реализирање на административни процедури во Министерството за здравство за мене како гинеколог, сосема случајно дојде до идејата токму јас да бидам долгоочекуваниот гинеколог во општина Шуто Оризари.
Можете ли да ни кажете за вашето досегашно работно искуство како гинеколог, кои се најчестите гинеколошки проблеми со кои се соочувавте во текот на вашето досегашно искуство?
Како гинеколог кој доаѓа од установа од секундарна и терциерна здравствена заштита од областа на гинекологија и акушерство, најчести гинеколошки проблеми со кои досега сум се сретнала се инфекции, контрацептивни методи, случаи со малиген и бенигнен тумор на јајници и матка.
Исто така како гинеколог кој работел во болница, секако дека сум работела и на следење на бременост, породување, постпородилна грижа и сл.
Која беше вашата специјалност досега, дали сте работеле како матичен гинеколог или пак бевте специјализирани за работа на одредени проблеми, на пример, лекување на стерилитет, или нешто трето?
Како што кажав во моето неколкугодишно искуство, имам работено во повеќе области во рамки на гинеколошка болница, а меѓу нив е и лекувањето стерилитет.
Денеска во светот се актуелни различни видови на породувања, породување дома, породување во вода, породување со епидурална анестезија, со царски рез…што им препорачувате на вашите пациентки со нормална бременост?
Во светот секако се актуелни многу новини, како тие што ги споменавте, но сепак јас како гинеколог не би препорачала породување во домашни услови, односно континуирано следење на бременоста од страна на гинеколог – секогаш е најдобриот избор.
Инаку препорака која им ја давам на моите пациенти е спонтано породување со епидурална анестезија наспроти породувањето со царски рез – секако, при нормална бременост.
Дали сте и самата мајка и што мислите колку деца е најдобро да се имаат?
Мајка сум на две деца и според мене, доколку семејството има услови, добро би било и повеќе, на пример 3 или 4.
Драгица Христова