Седумкратната српска шампионка во уметничко лизгање, Ксенија Јастшењски Симиќ, e тренер по уметничко лизгање при Школата за уметничко лизгање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, која веќе шеста година активно работи и обучува млади лизгачи, кои годинава ќе се запишат во историјата отворајќи го првиот меѓународен натпревар по уметничко лизгање во Скопје.
Благодарание на Вашиот ангажман како тренер во Македонија заживеа уметничкото лизгање како спорт. После речиси пет години напорна работа, како стојат денес работите со уметничкото лизгање во Македонија?
– Ние веќе шеста година активно работиме во Школата за уметничко лизгање при Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Првите две години трениравме на пластични панели, а потоа на вистински мраз. И покрај тоа што сезоната на мраз кај нас е релативно кратка (4 до 4 ипол месеци) сепак ,успеваме да фатиме чекор со нашите врсници од регионот и пошироко во Европа. Нашите 20тина натпреварувачи достојно ја претставуваат Македонија на меѓународните натпревари на кои учествуваме и постигнуваат се подобар и подобар пласман. Досега сме учествувале на 15тина меѓународни натпревари и имаме освоено отприлика исто толку медали во различни категории и возрасти.
На меѓународно и регионално ниво веќе сме препознаени како квалитетна конкуренција, ни останува уште во нашата држава да добиеме поголема поддршка за развој на овој спорт. Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ сиве овие години многу вложуваат и се залагаат за развој на овој спорт и негова промоција, од што веќе ги гледаме резултатите, а очекуваме и стремиме кон уште повисоки.
Во Школата за лизгање тренираат педесетина деца од 7 до 20 години. Како влијае врз телесниот и психичкиот развој практикувањето на овој спорт?
– Во моментов во Школата за лизгање при СЦ „Борис Трајковски“ тренираат 60тина деца и возрасни од 5 до 40 години. А, во Федерацијата имаме регистрирано околу 30 натпреварувачи и горди сме на нивниот талент, напорна работа и постигнати резултати. Уметничкото лизгање е категоризиран како еден од најсложените спортови, на ниво на спортската гимнастика. Уметничкото лизгање во голема мера влијае врз телесниот развој на спортистите, дефинира убава атлетска фигура, а уште поважно го подобрува и одржува здравјето на спортистите, а она што е најспецифично е што ја развива координацијата и останатите физички способности (еластичност, рамнотежа, издржливост) на телото на многу високо ниво.
Во однос на психичкиот развој, уметничкото лизгање, како индивидуален спорт во голема мера влијае врз создавање на самодоверба, самокритичност, и развива индивидуални презентациски вештини. А од друга страна, имајќи предвид дека ние тука постојано тренираме во група, на натпревари одиме во група, го развива и тимскиот дух, почитта кон другите, позитивната критичност и сл. Генерално, практикувањето на уметничко лизгање создава психо-физички здрави, стабилни и силни личности.
Од која возраст е најдобро да се почне со уметничко лизгање за професионални цели и кога може да се направи првата пируета?
– Најдобра возраст да се почне со лизгање е околу четвртата година, а за активно тренирање на уметничко лизгање во петтата година поради тоа што сите спортски вештини треба да се усовршат пред пубертетот. Во однос на пируетите и скоковите, секој спортист ова го постигнува согласно нивото на психомоторниот развој, труд, тренинзите, упорноста и секако талентот, без кој не може.
До која возраст може да се занимава со уметничко лизгање како спорт?
– Генерално, уметничкото лизгање е еден од спортовите со кои професионално рано се завршува. Во пракса најчесто професионалните спортисти завршуваат со својата натпреварувачка кариера меѓу 25та и 30тата година.
Како изгледаат секојдневните тренинзи и како се надоместуваат преку лето кога нема лизгалиште?
– Секојдневните тренинзи на нашите натпреварувачи се прилично напорни, особено затоа што сезоната на мраз кај нас е прилично кратка. Така што натпреварувачите мораат напорно да тренираат доколку сакаме да бидеме конкурентни на натпреварите на кои учествуваме, и да се развиваме во чекор со нашите врсници од другите земји. Пет пати во неделата имаме тренинзи на мраз, од кои три дена имаме по два тренинга дневно. Имаме пет пати тренинзи во сала и два пати неделно балет. Тоа отприлика се околу 12 часа тренинг неделно.
Членовите на Школата за лизгање при СЦ „Борис Трајковски“ тренираат во три групи согласно нивото на стекнати вештини во уметничко лизгање.
Во периодот кога немаме мраз (април-ноември) тренираме со слично темпо, пет пати неделно по час иполовина. Тренираме во сала, имаме балет и вежбаме со професионални ролери за уметничко лизгање. Во текот на летниот распуст одиме на висински кондициски подготовки, 7-9 дена на некоја од убавите планини во Македонија, каде работиме на кондицијата. А исто така во текот на летото одиме и на двонеделни подготовки на мраз, што е едно ново искуство за нашите деца. Минатата година бевме во Нови Јичин, Република Чешка, а пред таа во Бањска Бистрица, Република Словачка. На овие подготовки, покрај со мене, спортистите имаат можност да тренираат и со други врвни тренери, меѓународно признати и познати. Ова е од огромно значење за развојот на нивните вештини за овој спорт.
Овој месец (февруари) ќе се одржи првиот национален и меѓуклупски натпревар по уметничко лизгање во Скопје. Колку учесници очекувате и дали се сите на посакуваното ниво за да може да се каже дека во Македонија веќе имаме и професионални лизгачи спремни и за меѓународни натпревари?
– На 24 и 25 февруари за прв пат во Македонија ќе се одржи натпревар во уметничко лизгање. Ова ќе биде национален и меѓуклупски натпревар на кој покрај домашните натпреварувачи, ќе учествуваат натпреварувачи и од Република Србија, Република Словенија, Република Грција и Кралството Шведска. Ќе имаме околу 65 натпреварувачи, од кои половината домашни, а останатите од странство. Особено сме горди што ние сме тие што го организираат првиот натпревар, а со тоа и ја пишуваме историјата на уметничкото лизгање во Македонија.
Имајќи предвид дека штотуку се вративме од Европскиот куп „Софија Трофеј“, каде одлично поминавме, нашите спортисти се во одлична форма и целосно подготвени за овој натпревар.