И оваа година, од 01 до 07 август во светот и кај нас се одбележува Светската недела на доењето. Организацијата Лулка како долгогодишен партнер на WABA (World Alliance of Breastfeeding Action) подготви активности за Светската недела на доењето.
Дел од активностите за Светската недела на доење ќе бидат реализирани во соработка со Комитетот за доење при Министерството за здравство. Лулка како организација која работи на промоција, поддршка и заштита на доењето за првпат беше поканета и зема учество на состанокот на Комитетот за доење. На овој начин се отвора можност за идна поблиска соработка со Министерството и поефикасна промоција на доењето. И мотото на Светската недела оваа година е „Сите заедно да го одржиме доењето“ преку воспоставување партнерства и вмрежување за поголем ефект и посериозно делување за поддршка на доењето.
Во текот на Светската недела на доењето, Лулка ги отвора вратите за сите трудници и мајки кои имаат потреба од совет и поддршка за доењето. Во текот на сите 7 дена од организацијата ќе одговараат на прашања кои ќе пристигнат по електронски пат, а на отворениот ден, во сабота на 06.08.2017 година, ќе обезбедат бесплатна поддршка на доењето, за сите кои ќе дојдат во просториите на Лулка.
Оваа година, во соработка со EFCNI, ќе се посвети внимание и на значењето на мајчиното млеко за предвремено родените бебиња.