Синдром на оттуѓување на децата од родителите

Последиците од оддалечувањето од едниот родител под притисок на другиот неретко оставаат неизбришливи траги во детето.

0
1325

Оттуѓувањето на детето од родителите е процес и последица од психолошката манипулација со детето, кое покажува неоправдан страв, непочитување или непријателство кон родителот и/или кон другите членови на семејството. Тоа е препознатлив и раширен облик на психолошко малтретирање и насилство во семејството над детето и отфрлените членови на семејството, кое се јавува речиси исклучиво во случаи на развод или разделба, кој ги поткопува основните принципи на Општата декларација за правата на човекот и Конвенцијата за правата на детето. Најчесто причина е родителот кој сака да го исклуи другиот родител од животот на своето дете, но за оттуѓувањето можат да придонесат и други членови на семејството или пријателите, како и стручњаците кои се занимаваат со семејство (вклучувајќи ги психолозите, социјалните работници, адвокати и судии). Тоа често доведува до долгорочно, па дури и трајно оттуѓување на детето од едниот родител и другите членови на семејството, па како многу непријатно искуство од детството има за последица  значително зголемен ризик за менталното и физичко заболување на детето. Ричард А. Гарднер врз основа на своето клиничко искуство од работата до децата на разведени родители, го вовел поимот синдром на оттуѓување од родителите во 1980.година.

Често како причина за останување во бракот или како причина за развод, луѓето го наведуваат доброто на децата. Не постои поголема жртва од онаа која сме подготвени да ја направиме за сопственото дете, барем така велат повеќето родители. Но што се случува кога несогласувањата со брачниот партнер ќе достигнат такво ниво што се друго ќе стане од секундарно значење?

Дали е воопшто можно луѓето во страстните кавги и меѓусебни недоразбирања да заборават на доброто на своите деца па победата во кавгата со брачниот партнер останува единствено важна? Иако многумина ќе кажат дека грижата за потомството е вродена, а доброто на децата е секогаш на прво место, праксата за жал покажува дека тоа не мора да биде секогаш случај.

Ретко кој родител ќе признае отворено, но често се случува во борбата со сегашниот, или веќе бившиот, брачен партнер, еден од родителите да почне да го усмерува детето против другиот. Некогаш од желба да го повреди брачниот партнер, некогаш само за да го сочува детето после разводот на бракот, родителот прави детето да почне да го гледа својот друг родител како непријател. Во и онака веќе трауматичната ситуација на разводот, кога е детето преплавено со болка и тага, ваквото однесување на родителите му го оневозможува на детето нормалниот процес на тагување и спонтано излекување, му помага сите свои негативни афекти да ги пренесе на „омразениот“ родител и на тој многу штетен начин, да се обиде да се ослободи од истите. Не само што последиците од ваквото однесување врз односот на детето со родителот од кој се одвојува, се катастрофални, туку последиците се видливи и на самото дете, особено кога станува збор за помлади деца со се уште недоволно развиени и чувствителни структури. Последиците од оддалечувањето од едниот родител под притисок на другиот неретко оставаат неизбришливи траги во детето.

Стратегиите со кои родителот приоѓа за да го сврти детето кон себе и воедно, против поранешниот сопружник се бројни и разновидни. Можат да бидат свесни или не, зачестени и константни или повремени. Во синдромот на оттуѓување од родителите е ставено секое однесување со кое детето се оддалечува од едниот родител под влијание на другиот, од она кадешто само се зборува лошо за родителот пред детето, па до тоа дека детето намерно и директно се инструира на омраза кон едниот родител и му се ускратува контактот со него. Затоа и се зборува за различни нивоа на оттуѓување од родителите.

Овој синдром е воведен како нов поим во психологијата во 1987 година и од тогаш е прифатен и изучуван како еден од начините на кои родителите можат да го попречуваат нормалниот раст и развој на сопствените деца. Бројни истражувања се спроведени за што појасно да се специфицираат симптомите на овој синдром , па врз основ на нив истиот да може да се открие и навремено да се отстрани, затоа што се покажало дека без навремено откривање  доаѓа до неповратни оштетувања во односите помеѓу детето и родителите.

Во светот, ефектите од бришење на еден од родителите кои во психијатријата се нарекуваат PAS (Parental Alienation Syndrome) сериозно се третираат и од науката и од законот.

[better-ads type='banner' banner='999' ]