Сува уста или ксеростомија се јавува кога плунковните жлезди лачат помало количество на плунка. Речиси и да нема човек на планетата кој нема почуствувано сува уста во одреден момент во животот.
Причините се најразлични.
Најчесто се јавува како резултат на дехидратација на организмот. Високите температури летно време, сувиот воздух во загреани простории, потоа дишењето со отворена уста навечер додека спиеме, особено кога сме настинати и носот е затнат, придонесуваат за појава на оваа состојба. Пушењето, конзумирањето на поголеми количини на алкохол, стресот и нервозата исто така влегуваат во групата на причинители.
Земањето на одредени лекови како несакана нуспојава даваат сувост на устата. Такви лекови се антидепресивите, лекови против алергија и настинки (антихистаминици и деконгестиви), диуретици.
Потоа, одредени болести како што е дијабетот, реуматоидниот артрит, Sjogren синдромот, инфекции со HIV вирусот , малигни заболувања , инфекции на плунковидните жлезди, исто така доведуваат до оваа состојба.
Чувство на жед, пецкања во устата, црвен или обложен јазик, отежнато џвакање на храната, отежнат говор, рагади на аглите на усните, непријатен здив се само дел од симптомите.
Заради намалено чистење на забите зачестена е појавата на кариес, се забрзува деструкцијата на забите, појава на гингивит и габични инфекции. Исто така можно е и пореметување на чувството за вкус.
Прв чекор во терапијата на ксеростомијата е зголемена хидратација на организмот. Употреба на гуми за џвакање и бомбони кои го стимулираат лачењето на плунката.
Правилна исхрана , внес на зеленчук и овошје што содржат повеќе вода во својот состав. Откажување од лошите навики како што е пушењето и внесот на алкохол.
Потоа, редовно одржување на оралната хигиена, четкање како на забите, така и на јазикот, употреба на течности за испирање на усната шуплина.
Доколку се забележи дека употребата на одреден лек придизвикува појава на некои од овие симптоми , во консултација со лекар да се намали дозата или да се смени со друг лек.
Потребна е редовна контрола на основното заболување и редовно земање на препишаната терапија.
Пишува: Јасмина Трајковска – Пети