Др. Кариста Луминер-Розен, авторка на книгата „Родителството почнува пред зачнувањето“ (Parenting Begins Before Conception), ги спомнува истражувањата кои покажале дека бебињата во стомакот имаат емоционални и интуитивни способности да ја почувствуваат љубовта на своите родители.
„Бебињата можат да видат, да слушнат, да пробаат, да почувствуваат, да помнат и да размислуваат пред да се родат“, вели оваа докторка која има холистички пристап кон зачнувањето, пренаталното здравје, подготвувањето за породување и раното родителство. Таа исто така наведува истражувања кои покажале дека бебињата после раѓањето можат да ја препознаат музиката што ја слушале додека биле во стомакот. Музичкиот вкус се формира пред раѓањето. Според едно поново истражување, бебињата не само што реагираат на гласот на својата мајка, туку веќе во стомакот почнуваат да учат и јазик. Др. Патриција К.Кухл, авторка на студијата која покажала дека новороденчињата веќе неколку часа по раѓањето го разликуваат својот мајчин од некој друг јазик, истакнува: „Најважната порака за младите мајки е таа дека нивните бебиња слушаат, учат и памтат во текот на последните стадиуми на бременоста. Нивните мозоци не го чекаат раѓањето за да почнат да впиваат информации“.
Во согласност со тоа, современите пренатални психолози тврдат дека бебето уште пред раѓањето ги обликува ставовите за животот, затоа што она што мајката мисли и чувствува влијае на состојбата на детето. Дури и повеќе од тоа. Се покажало дека на развојот на бебето влијае и емоционалната состојба на таткото.