Откако го објавивме текстот со наслов „Татковците стануваат поодговорни родители од мајките“ се јавија со реакција од здружението „Една може“, а сега и од Детската амбасада „Меѓаши“.
Во продолжение ја објавуваме реакцијата на „Меѓаши“.
Размислувавме цел ден дали да се огласиме и кој начин би бил најсоодветен а да не се зголемува тензијата и чувството на повреденост кај сите инволвирани страни.
Пред се, најпрвин би сакале да изјавиме дека во ниту еден миг ниту имаше намера ниту беше кажано нешто со намера да ги повреди самохраните мајки. Во општеството во кое живееме да се биде мајка и да се исполнуваат мајчинските обврски воопшто не е лесно и свесни сме дека да се биде самахрана мајка е уште многу потешко. Во текот на нашата работа сме помагале и им помагаме на многу мајки.
Исто така се надеваме дека сите критики кон Меѓаши и сето она што е кажано не е со намера да повреди и навреди и дека делувањата на сите инволвирани страни е во интерес на децата.
Да појасниме што всушност се случи. На прес конференцијата која се оддржи на , 17.05.2017, Првата детска амбасада имаше прес конференицја по повод Меѓународниот ден на детските СОС линии и шестмесечниот СОС извештај учествуваа Драги Змијанац, Јана Зенговска, Кристијан Павловски и Катерина Конеска.
Притоа истакнавме неколку работи:
Во периодот од ноември 2016 до мај 2017 на СОС телефонот за деца и млади, се регистрирани 44 контакти , со кои подоцна дополнително сме комуницирале вкупно, вклучувајќи го и првичниот контакт, 132 пати. Дополнителната комуникација е со цел да ги информираме дојавувачите какви мерки се преземени од наша страна, кои се одговорите од надлежните институции, како и нивните известувања до нас за сите настанати промени во пријавениот случај.
Вкупниот број на регистрирани јавувачи во дадениот период е 44. Од нив само 4 се деца кои се јавиле да се информираат за своите права, да се информираат во однос на некои свои проблеми со кои се соочуваат во текот на развојот или пак да пријават сомнеж за можно прекршување на своите права.
Врз основа на информациите кои ги имаме добиено за можни прекршување на детските права и кои се структурирани според бројот на деца кои се опфатени во овие случаи, станува збор за вкупен број од 50 деца, каде што постојат сомневања за можно прекршување на некое нивно право.
Како најкарактеристични податоци кои можат да се издвојат за децата кои се опфатени во пријавените случаи, за можни прекршувања на нивните права, регистрирани во Детската амбасада Меѓаши се:
- Бракоразводни постапки – 27 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки.
- Семејно насилство – 10 деца од вкупниот број на деца потенцијални жртви биле незаштитени и изложени на насилство во своето семејство.
Во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година се обратиле 16 лица од женски пол и 25 лица од машки пол. Според табелата, може да се констатира дека кај мажите се зголемува свесноста за потребата од пријавување на можни прекршувања на детските права и потреба за информирање за истите, со цел да постапат во најдобар интерес на детето.
По пресот порталот ,,Мајка и дете” побара индивидуална изјава од Кристијан. Нашиот практикант помеѓу останатото изјави дека е „фасциниран од тоа што татковците во последно време се повеќе се вклучуваат и стануваат се поодговорни родители” без тоа да биде кажано во однос кон мајките, ниту имаше намера да биде претставено како татковците да се поодговорни од мајките.
Нападите и дискредитирањето на Кристијан според неговата возраст, практиканство, неискуство итн., како и нападите на Меѓаши воопшто, ги сметаме за неадекватни и неконструктивни.