За три проценти е зголемен бројот на предвремено родени деца во однос на лани, во земјава, рече денеска на прес конференција на која се одбележа Светскиот ден на прематуритетот, 17 Ноември, директорката на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова.
Најмалото бебе кое преживеало и има комплетно здрав психофизички развој е родено во 25-та гестациска недела со тежина од 670 грама и должина од 32 сантиметри.
– 25-тата гестациска недела за нас веќе не е енигма. 17 Ноември е ден на нашите вистински херои со неколку стотини грама и со огромна желба за живот, кои доаѓаат на Клиниката од целата земја. Потребна е заедничка соработка на гинеколозите, педијатрите, неонатолозите и родителите за да се справиме со овој проблем – рече Софијанова и додаде дека во моментов 13 предвремено родени деца добиваат нега на Клиниката, каде наскоро ќе се отвори нов центар за предвремено родени бебиња.
Причините за предвремено раѓање може да се најдат и кај мајката и кај плодот. Затоа се потребни редовни гинеколошки контроли и контроли на развојот на плодот.
Бебињата, пак, кои се родени предвремено најчесто имаат проблем со моториката, со проодувањњето, со проговорувањето. Според Софијанова, 80 проценти од предвремено родените бебиња кои се следат до нивната тригодишна возраст имаат комплетно уреден психомоторен и физички развој.
Според статистиката, од предвремено родените бебиња 25 отсто имаат проблеми со видот, 5-10 отсто со слухот.
Од овие бебиња 45% се родени меѓу 32-37 гестациска недела, 25% меѓу 28-32 недела, 20% меѓу 26-28 недела, 8% меѓу 24-26 недела и помал процент пред 24. недела.
За предвремено родено дете се смета бебето родено пред 37. гестациска недела.