ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ДЕЦАТА ДА НАЈДАТ ПРИЈАТЕЛИ

0
454

Децата почнуваат да ги забележуваат другите деца на околу 9 месеци, а на една година го воспоставуваат првиот контакт, со тоа што лицето од доверба мора да биде во близина за да се чувствуваат сигурно. На возраст од околу една и пол година веќе почнува одредена интеракција, во вид на забележлива желба детето да се приближи на другите деца. Тие почетни фази на играње можат да бидат мошне неспретни па дури и непријатни, бидејќи учењето на социјалните вештини е долготраен процес. Сепак, до третата година, децата со врсниците главно играат на начин во истиот простор да играат посебно, фокусирани секој на своја игра. 

Дури кога ќе наполнат три години децата ги стекнуваат своите први пријатели. Тригодишните деца неретко свои пријатели ќе ги нарекуваат децата кои се малку постари од нив, а кои ги импресионираат со својата игра. На таа возраст, децата кои се во градинка, ќе почнат да се дружат со врсниците, кои ги опишуваат како деца кои ги сакаат и со кои со задоволство си играат. Колку што се децата постари, важен дел од пријателството станува и заемното помагање и делење.

КАКО ДА ГО ПОТТИКНЕТЕ ДЕТЕТО ДА ИМА ПОЗИТИВНИ ОДНОСИ СО СВОИТЕ ВРСНИЦИ?

Домот е местото каде се почнува. Децата дома набљудуваат и учат како да делат, како да разговараат со другите… Дали имаат вашите деца позитивни односи со своите браќа и сестри? Дали имаат позитивен однос со вас?

На меѓусебните односи кај помалите деца и развивањето на нивните пријателство, битно влијае нивниот однос со родителите. Доколку растат во стабилно и поттикнувачко опкружување, поголема е веројатноста дека ќе имаат повеќе пријатели и подобро ќе се снаоѓаат во социјалните односи и ситуации. Затоа, покажувајте му на своето дете љубов и избегнувајте критики, за да има самодоверба вашето дете.

Иако сите предуслови можат да бидат исполнети, некои деца потешко склопуваат пријателства. Со вистинското поттикнување и поддршка, и тие можат да најдат пријатели.

КАКО РОДИТЕЛИТЕ МОЖАТ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА ДЕЦАТА ВО ПРОНАОЃАЊЕТО ПРИЈАТЕЛИ?

Родителите треба да дознаат кој е во групата во градинката или одделението на нивното дете. Секако ќе дознаете повеќе доколку ги запознаете родителите на тие деца. Подоброто запознавање можете и самите да го предложите преку некоја забавна активност: прослава на роденден, заедничко одење во театар, гледање цртани филмови, собирање и размена на сликички, заедничко одење во градинка или училиште. Сигурно има уште родители кои би сакале да се поврзат со вас.

И во паркот или игротеката веројатно ќе бидете во можност да се поврзате со некое семејство на врсникот на вашето дете. Родителите понекогаш мислат дека децата автоматски ќе ги склопуваат пријателствата. Пријателството тешко се развива ако пријателите не се гледаат редовно, па понекогаш добро е кога ќе се вклучат и родителите.

При вклучувањето на родителите, важно е родителите да пронајдат најдобар начин за посредување. Тоа треба да биде дискретно, со почитување на посебностите и желбите на децата.

Слободните активности (што посебно може да им помогне на надарените деца кои знаат да бидат на некој начин изолирани), исто така отвораат можности за запозавање на другите. Пријателството се заснова на заеднички интереси, па низ таквите активности често се создаваат пријателства. Доколку кај детето забележувате одредени афинитети, насочете го кон активности кои тоа го потенцираат бидејќи таму ќе бидат и децата со кои ќе се разберат.

Доколку детето е срамежливо и повлечено, не се обидувајте веднаш да го приближите на поголемата група на деца, туку кон едно или две деца, а потоа малку оддалечете се. Дадете им на децата доволно време да се обидат да воспостават контакт, а дури ако тоа не се случи, малку помогнете. Притоа, не инсистирајте. Децата мора да имаат доволно слободен простор во изборот на пријатели.

Разговарајте со детето за пријателите и пријателството. Читајте и раскажувајте приказни, погледнете цртан филм на таа тема… На тој начин ќе дознаете што вашето дете сака и колку пријателството му е важно. Понекогаш децата, во некои периоди на растење, се нурнати во свој свет, па дружењата не им се толку важни. Затоа, внимавајте своите потреби и желби да не ги замените за детските.

Помогнете му на детето да научи да се приклучи во групата, како да си игра кога нему ќе му дојде редот и да ги почитува правилата. Тоа наједноставно ќе го направите преку игри дома односно низ игри на претворање во кои ќе „играте“ улоги.

Воспитувачите или учителите можат да им помогнат на повлечените деца во група полесно да склопат пријателство. Поразговарајте со воспитачите. Тие ќе ви го изнесат своето мислење кое треба да го сослушате бидејќи се во можност да ја согледаат ситуацијата од помалку субјективен агол.

Посредувањето на родителите не значи дека треба да ги решавате проблемите на детето наместо детето, туку треба да му бидете советник и поддршка. Од секоја животна ситуација може да се извлече нешто добро, првенствено искуство и поука. Најважно е да направите се што е во вашата моќ за детето да не се чувствува неуспешно, а тоа по потреба го вклучува и советувањето со психологот.

УШТЕ НЕКОИ ПРАШАЊА…

Како да се поставите кај неискреното однесување?

Децата знаат да кажат: „Ти си мојот најдобар пријател!“, а недолго потоа тој „најдобар пријател“ да го игнорираат или дури да ги озборуваат. Таквата ситуација особено е тешка за детето кое доживува неискреност. Тоа нема врска со популарноста во групата. Децата понекогаш така се однесуваат бидејќи се во потрага по најдобар пријател, а понекогаш се работи за нивниот став. Без оглед во која улога детето се нашло, за тоа треба да разговарате. Доколку вашето дете се чувствува отфрлено, насочете го на дружење со некое друго дете. Доколку, пак, забележате дека вашето дете ги отфрла другите, обидете се да дознаете што стои зад тоа.

Развивајте ги своите социјални односи, покажувајте кон другите разбирање и сочувство и негувајте ги своите пријателства. Помогнете им на децата да ги сфатат своите и туѓите чувства.

Исто така, објаснете им на децата дека секое пријателство има свои подеми и падови. Сите сме искусиле несогласувања и кавги со пријателите.

ДАЛИ ТРЕБА ДЕТЕТО ДА ГО ПОТТИКНУВАТЕ ДА БИДЕ ПОПУЛАРНО?

Речиси сите деца сакаат да бидат популарни. Родителите треба да го поттикнуваат детето да развива своја посебност, а преку тоа и свој сопствен стил. Начинот на кој децата понекогаш се опишуваат самите себе, на возрасните може да им звучи смешно: „Јас сум супер!“, но таквата изјава им овозможува да бидат задоволни со себе. Активно слушајте ги децата и дозволете им слободно да ги изразуваат своите чувства и ставови, секако, без со тоа да ги повредувате другите.

[better-ads type='banner' banner='999' ]