Шведскиот институт и Амбасадата на Шведска во Скопје ја иницираа програмата за учење низ игра и заштита на правата на детето Ритој.
Иницијативата на Ритој за размена на играчки овој месец ќе се спроведе првпат со 100 деца од скопските градинки кои ќе си разменуваат и подаруваат играчки. Една од целите на оваа активност е децата да стекнат искуство за основите на одржливата потрошувачка преку игра и забава.
Преку активностите на Ритој за размена на играчки, децата избираат од своите играчки со кои тие веќе не си играат и ги разменуваат за печати во нивната Ритој книшка. Овие печати потоа можат да се користат за децата да ги заменат со други играчки. За време на настаните за размена на играчки, децата можат и да поправаат или да креираат иновации составени од скршени играчки во Ритој лабораторијата, или преку иницијативата „Дар од срце“ да донираат играчка за дете кое било принудено да ја напушти својата земја.
– Ако се фокусираме на нашите деца и на идните генерации, ќе помогнеме да се изгради поодржлив и поубав свет исполнет со љубов за сите нас. Ова е идејата која го мотивираше социјално претпријатие Ритој кое е наградено во Шведска, а кое во наредниот период ќе се спроведува и во Македонија – соопшти Амбасадата на Шведска.
Ритој ќе соработува со организацијата Save the Children и ќе организира посета со игра на Транзитниот центар во Гевгелија, каде донираните играчки од децата од Македонија ќе бидат предадени. Со педагошките вежби на Ритој децата, исто така, ќе научат и за нивните права според Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации.
Во врска со активностите за размена на играчки во Скопје, партнерите во проектот ќе одржат заеднички семинар и работилница на 23 февруари. Фокусот ќе биде да се истражи пристапот како компаниите, јавниот сектор и невладините организации во Македонија преку соработка можат да креираат одржлив и приемчив свет за децата од сегашната и идните генерации. Неколку шведски компании во Македонија веќе изразиле интерес да поддржат повеќе Ритој активности за децата од Македонија.
Во Шведска Ритој има опфатено повеќе од половина милион деца преку активности за размена на играчки, изложби и организирани нетоксични места за игра.