Заради големата зависност од технологиите и гаџетите, дел од младите наместо во паркови, игралишта или на море, ќе го поминат летото затворени во четири ѕида и во виртуелниот свет на интернетот, компјутерите и паметните телефони.
Управителката на едно училиште од Вашингтон одлучила да ја намали зависноста на учениците од телефоните на интересен начин – им понудила сто долари на сите ученици во седмо и осмо одделение во своето училиште (станува збор за околу 160 деца) кои во текот на летото секој вторник ќе бидат комплетно офлајн и „слободни“ од екраните.
Значи, до почетокот на новата учебна година секој вторник нема да смеат да користат телефони, таблети, компјутери, видео игри па дури ни да гледаат телевизија па на тој начин ќе добијат еден ден неделно за сосема поинакви активности – одење во природа, читање, играње и слично, односно, се што ќе посакаат, само да не е врзано со гледање во екрани.
Управителката Диана Смит за Вашингтон Пост рекла дека не ѝ се допаѓа тоа што се телефоните денеска постојано присутни во животите на децата и на младите и дека им треба помош за да можат барем на еден ден, да излезат од виртуелните светови, а таа помош е – 100 долари. Кога станува збор за 160 деца, потенцијалниот трошок за управителката изнесува 16.000 долари, но таа вели дека денеска голем број млади не можат да издржат без телефон ниту еден час, а не пак еден ден, такашто не се грижи дека нејзините трошоци би можеле да бидат преголеми.
За да ги добијат парите, на учениците им е потребен доказ дека целосно апстинирале од гаџети и телевизија секој вторник, а тој доказ би бил потпишана изјава од личност постара од 21 година. Иако децата би можеле да се договорат со родителите или со роднините и да ги наговорат да потпишат изјава, а тие да не се придржуваат до правилата, сепак управителката смета дека тоа нема да биде слуѕчај со оглед на тоа што и родителите го делат нејзиното мислење.
Еден ученик со кој зборувале новинарите на Вашингтон Пост е уверен дека ќе може да издржи еден ден во неделата без телефон, компјутер, телевизија и видео игри. Тринаесетгодишниот Мајлс Тилер вели дека тој и онака не поминува многу време со телефон, но дека поминува многу време играјќи видео игри. На новинарите им рекол дека станува збор само за еден ден во неделата и дека мора да смисли што ќе прави во текот на тој ден, додека неговата мајка смета дека тоа ќе биде добар предизвик за децата и дека ја интересира каков ефект ќе има овој предизвик врз учениците и нивното користење на гаџети.
Што мислите вие за овој потег, дали претерала со паричната награда или пак ситуацијата со телефоните е толку надвор од контрола што на младите навистина треба да им се понудат пари за да можат да издржат барем еден ден да бидат офлајн и да прават непто друго освен типкањ ена мобилен, сурфање по интернет, гледање телевизија и играње игри?