Децата понекогаш знаат да бидат многу напорни, па родителите многу често им попуштаат кога овие ќе се расплачат за да ги реализираат своите намери и желби. Ги издвоивме за вас најчестите изјави со кои вашето дете знае да ве излуди.
1. Toa e мое!
Без оглед дали е единец или има брат или сестра, веројатно вашиот единец во повеќето случаи ќе одбие да ги дели своите работи. Тоа не значи дека е размазен или себичен туку детето се плаши дека ако нешто им даде на братот, на сестрата или на некое другарче, повеќе нема да го види. Затоа може да се случи да направи сцена и да се расплаче.
Како да реагирате:
Многу е важно да не се жестите и да бидете неутрални. Сепак, тешко дека ќе можете да ја игнорирате ситуацијата па затоа е најдобро да го уверите детето дека тоа што ќе го даде ќе му биде вратено. Во крајна линија можете да се договорите за колку време ќе ја добие и да му гарантирате дека ќе му купите друга ако не биде вратена.
2. Здодевно ми е!
Заедно со детето направете листа на достапни игри доколку му стане здодевно!
Веројатно секој родител ќе се изнервира кога ќе слушне нешто вакво. Меѓутоа, децата не се виновни за тоа затоа што едноставно за некое време тие се заситуваат од сите играчки што ги имаат или си бараат друштво затоа што им е здодевно да бидат сами.
Како да реагирате:
Најдобро е да бидете однапред спремни за ваква ситуација. Пред да изјави детето дека му е здодевно, направете заедно листа на сите достапни игри и играчки. Без оглед на тоа што ви е најлесно да му пуштите цртан филм или да му дозволите да игра на компјутер, избегнувајте го овој вид на забава колку што можете повеќе.
3. Не е фер!
Кога на детето ќе му забраните нешто, во најдобар случај тоа само ќе се налути и ќе каже дека не сте фер, но може да се случи и да го покаже својот „незгоден“ карактер. Без оглед на тоа како ќе изреагира на забраната, повеќе од очигледно е дека е вознемирено, а вие сте обично исфрустрирани, во недоумица дали да попуштите во ситуација кога се се случува на јавно место.
Како да реагирате:
Важно е да останете мирни и сталожени и да му објасните на детето дека не може да биде се по негово. Обидете се што побргу да го смените амбиентот за да заборави што побргу на непријатната ситуација. Подоцна доколку е потребно позборувајте со детето за ситуацијата, дозволете му да каже што му попречило, а вие објаснете зошто сте му забраниле нешто.
4. Сакам сега!
Родителите многу често им попуштаат на децата кога кога ќе се расплачат за да ги остварат своите намери и желби
Децата се понекогаш многу упорни во своите намери и желби. Не престануваат да инсистираат на пример да им дадеме колаче пред ручек. Без оглед на тоа колку сте одлучни да го задржите својот став, во повеќето случаи ќе пошуштите, затоа што повеќе не можете да го слушате неговото молење и плачење…Секако, сето тоа со задолжителна констатација дека е ова последен пат, или дека може, ако изеде се што сте му спремиле за ручек!
Како да реагирате:
Останете доследни! Повторете два пати нем а потоа обидете се да му го одвлечете на детето вниманието од колачите такашто ќе почнете да зборувате за нешто сосема друго!
5. Не можеш да ми наредиш!
Најчесто во афект децата зборуваат нешта кои инаку не би ги рекле, се лутат, ви зборуваат дека не ве сакаат, а причина за таквото однесување е вашата забрана. Во тие ситуации никако не треба да одговарате на провокациите, колку и да посакувате да му кажете дека можете да му наредите!
Како да реагирате:
Никогаш не му одговарајте на детето и не ја продолжувајте расправијата. Без оглед на се вие сте тие кои одлучуваат и секако треба да му го дадете на детето ова на знаење но на малку поинаков начин. Понудете му повеќе опции. Ако на пример не му дозволувате да излезе надвор, понудете му да одбере дали сака да гледа цртан филм, заедно да читате книга или да редите сложувалка. На тој начин детето ќе ја задоволи својата потреба за воспоставување на контрола и на донесување на одлуки.