Денеска кога статистиките зборуваат за зголемување на бројот на разводите, се наметнува прашањето, како нешто што за нашите родители беше најчесто трајно и стабилно, во денешно време станува само кратка авантура и што вели еден српски психотерапевт (Небојша Јовановиќ), и браковите, како и се друго, кратко траат.
„Ниту автомобилот, ниту машината за перење не траат како некогаш, упатени сме на кинеска роба со краток век, па метафорички можеме да кажеме дека во вакви околности и браковите ни станаа кинески – неквалитетни и краткотрајни„, вели тој за Експрес.нет.
Накусо, луѓето се се повеќе усмерени на кратки задоволства и работи кои многу агресивно ни се наметнуваат на сите нивоа, а не само кога станува збор за емотивните односи.
Несреќни бракови не создава недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство. Вака германскиот филозоф Фридрих Ниче своевремено се осврнал на проблемите во заедницата помеѓу мажот и жената појаснувајќи дека „тајната на добриот брак е во талентот за пријателство“.
Ова е актуелно и денеска, кога не само што многу двојки живеат во несреќни бракови, туку и разводите се се побројни, но и побрутални, потрагични. Не само што се помалку умееме да живееме како луѓе со оној кој сме го избрале и сме го сакале (или барем сме мислеле дека го сакаме), туку не умееме ниту како луѓе, пријателски, или барем цивилизирано, да се разделиме.
А се е дополнително комплицирано и многу потрауматично, кога се тука децата. Речиси сите стручњаци кои се занимаваат со разводите и со нивните психолошки последиви на детето ќе ви кажат дека моделот на заедничко старателство врз децата е најдобар. Овој модел подразбира дека родителите остануваат родители и покрај тоа што престанале да бидат партнери, и времето поминато со детето треба да биде во најголема можна мера рамномерно распоредено и мајката и таткото заеднички и со договор да го извршуваат своето родителско право и да се договараат за издржувањето на детето. Бројни се истражувањата за важноста на улогата на мајката, односно, таткото во развојот на детето, како и оние кои покажуваат дека може да дојде до емотивни и психолошки последици ако детето расте без еден од родителите.
Затоа, најдобри родители се родителите, односно, оние кои треба да го разберат значењето од меѓусебна соработка, а не да дозволат одлуката за нивните деца да ја носи суд врз основа на мислење на вештаци, центри за социјална работа и слично. Често како причина за останување во брак или како причина за развод, луѓето го наведуваат доброто на децата. Сите родители се колнат дека се подготвени на секаква жртва за сопственото дете, но што се случува со ова кога недоразбирањата со брачниот партнер ќе достигнат такво ниво што се друго, па дури и доброто на децата, добива секундарно значење? Можно ли е довчерашните брачни партнери и родители во меѓусебните кавги да заборават на доброто на своите деца, па единствено важна станува „победата“ која треба да ја извојуваат во битката со партнерот?
Иако многумина ќе кажат дека грижата за потомството е вродена, а доброто на нашите деца е на прво место, праксата покажува дека тоа, за жал, многу често не е случај. Ретко кој родител ќе признае отворено, но често се случува во борбата со сегашниот или веќе поранешен брачен партнер, еден од родителите да почне да го усмерува детето против другиот родител. Некогаш ова се прави од желба да се повреди партнерот, некогаш само за да се сочува детето после разводот на бракот, но без оглед на причината, ваквиот родител прави се за детето во својот друг родител да почне да гледа непријател. Како резултат на ова се случува оттуѓување и оддалечување на едниот родител под притисок на другиот, а тоа, се разбира, остава неизбришлива трага на детето. Постојат бројни стратегии со кои родителот се обидува да го сврти детето кон себе, а против поранешниот партнер. Ова може да се свесни или несвесни, чести и константни или само повремени обиди, а во нив се вбројуваат сите однесувања со кои детето се оддалечува од едниот родител под влијание на другиот, од она кога само се зборува лошо за родителот пред детето, па до тоа детето намерно и директно да се инструира на омраза кон едниот родител и да му се ускратува контактот со него.
Секако, родителот кој го прави ова, редовно има безброј аргументи со кој го оправдува своето однесување, а притоа, убеден е дека сето тоа не го прави заради себе, туку токму за доброто на детето. За жал, на крајот, по „победата“ на едниот родител над другиот, добиваме како резултат голем број деца оттуѓени од едниот родител, кои во себе, сакале да признаме или не, ги носат лузните целиот живот.
Затоа, драги мајки и татковци, преиспитајте се себеси и размислете што ќе мислите за сето ова после 10, 20, 30 години и во каков човек и родител ќе порасне вашето дете!
Д.Х.