На СОС телефоните на Меѓаши, наместо деца, се јавуваат родители

Една од основните причини за ова е недостапноста на телефонот, односно, тоа што е бесплатен само за корисниците на Телеком. Инаку, најголемиот број случаи се однесуваат на деца кои не сакаат да се гледаат со едниот родител, а контактот мораат да го остваруваат под притисок на Центарот за социјална работа и од страв дека доколку не го почитуваат тоа, нивниот старател би можел да оди во затвор.

0
333

Јана Зенговска, психолог и веќе седум години координатор на СОС телефонот на Мешаѓи (0800 1 2222), вели дека иако ретко, со оглед на тоа што телефонот не е бесплатен за сите телефонски оператори во државата, туку само за корисниците на Телеком, децата, иако е телефонот наменет првенствено за нивните потреби, се јавуваат многу поретко, во однос на возрасните.

„Децата најчесто се јавуваат кога се навистина очајни и немаат каде да се обратат. Сме имале случај кога деца од 8-9 години се јавувале за да пријават физичко насилство од страна на родителите, за да се посоветуваат како да се заштитат или за да споделат нешто, па се до барање совети за најразлични љубовни проблеми, здрава храна и диети.

Сепак, најчесто се јавуваат да кажат дека не сакаат да се гледаат со еден од родителите во текот на бракоразводната парница. Не сакаат да се гледаат со родителот на кој не му е дадено старателство, а станува збор за деца жртви на семејно насилство или деца кои се чувствуваат предадени од едниот родител и не сакаат во тој момент да остварат контакт со него, а центарот за социјална работа ги притиска да го сторат тоа. Децата најчесто бараат совет како го избегнат ова, бидејќи, од друга страна пак, се плашат дека доколку не го испочитуваат договорот за видување, нивниот старател (примарниот родител), би можело да оди во затвор. Така тие најчесто прашуваат како да не отидат и што можат да направат. Ги советуваме да го кажат отворено своето мислење во центарот за социјална работа, да се обратат таму  затоа што е тој единствен орган за старателство и тој кој одредува начин и решение за видувањата, ги советуваме како да го надминат конфликтот, но не можеме да им ветиме ништо што не е во наша надлежност или е законски неможно. Не ги лажеме и не им даваме преголеми очекувања“, вели Јана.

Инаку, според неа, загрижува односот на родителите и нивниот страв за презентирање и заштита на било која форма на прекршување на правата на децата и нивната одговорност за заштита на своите деца.

Најтрауматично искуство за неа е случајот кога се јавил родител за да каже дека се сомнева дека неговото дете е сексуално злоупотребувано во воспитна установа, но по нејзината насока за тоа каде да го пријави случајот и што да направи, родителот одбил со образложение дека не сака затоа што доколку пријави, неговото дете ќе биде етикетирано и ќе има слаби оценки.

„Најчесто родителите како споменатиот се јавуваат за да им олесни и да ја префрлат одговорноста на некој друг, но ние сме немоќни со оглед на тоа што, во конкретниот случај на пример, не знаеме ниту за кое училиште станува збор. Кога се е анонимно, немоќни сме. Инаку, во случаи кога е тоа во интерес на детето и доколку државните институциите побараат, ние им ги даваме информациите со кои располагаме“, вели Зенговска.

Според неа, иако најмногу од случаите се однесуваат на семејно насилство, на прекршување на правата на децата во бракоразводни парници, има и многу случаи кога се доаѓа директно во „Меѓаши“ и се бараат основни средства за живот.

„Сиромаштијата е многу голем проблем во Македонија. Доаѓаат и бараат храна, облека, живеалишта, и ние помагаме и во тој хуманитарен дел, им обезбедуваме училишни материјали, им обезбедуваме волонтери кои им даваат часови од оние предмети во кои се слаби, итн., бидејќи самото тоа што семејството е во социјален ризик, од психолошки аспект значи и дека може многу лесно да се случи понатаму во животот децата многу лесно да влезат во социјален ризик и малолетничка деликвенција“, вели таа.

[better-ads type='banner' banner='999' ]