„Меѓаши“: За да се заштитат децата педофилите мораат да се кастрираат!

Најголем број од пријавените случаи на СОС телефоните на „Меѓаши“ се за деца-жртви во бракоразводните постапки на нивните родители, за семејно насилство, сиромаштија и сексуална злоупотреба. За жал, љубовните проблеми на децата се на последно место

0
208

Првата детска амбасада во светот Меѓаши на денешната презентација на извештајот за работата на СОС телефонот за деца и млади за периодот ноември 2016 до мај 2017.година, меѓудругото, апелираше за задолжителна хемиска кастрација на педофилите. Според директорот на Меѓаши, Драги Змијанац, праксата покажува дека во 75 отсто од случаите педофилите го повторуваат делото откако ќе ја одлежат затворската казна. Хемиската кастрација, која во Македонија со закон е воведена во 2014 година, сѐ уште не профункционирала во пракса
„Според законските одредби, во моментов, хемиската кастрација е на доброволна база, ако на насилникот му е ова прво дело. Сега тој може да избере сам хемиска кастрација, ако сака да му се намали затворската казна. Кастрацијата е задолжителна само во случаите кога педофилот го повторил делото. За да нема нови деца жртви на истите насилници, бараме хемиската кастрација да биде задолжителна уште при првиот случај на педофилија“, вели Змијанац.
Инаку, Првата детска амбасада во светот Меѓаши во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година остварила 44 контакти со дојавувачи за вкупно 50 деца потенцијални жртви на кршење на детски права, од кои 27 случаи на кршење на правото на детето во текот на бракоразводни постапки и десет случаи на семејно насилство.
Во случаите кога децата се жртви во бракоразводните постапки на нивните родители, најмногу се прекршува правото на детето за видување со еден од родителите.
„Децата се жртви во овие ситуации, бидејќи постојат родители, кои свесно, или несвесно, го користат своето дете како средство во меѓусебните препирки. Останатите деца се жртви на психичко и физичко насилство, или негрижа од сопствените родители“, вели Змијанац.
Децата пак, кои се жртви на семејно насилство, секојдневно се изложени на омаловажување, навреди, тепање, или пак не им се задоволени егзистенцијалните потреби, како мерка за дисциплинирање и воспитување, која за жал ја користат нивните родители.
Според Змијанац, загрижувачки е тоа што по 24 години работа на СОС телефонот, нема подобрување на состојбата со почитување на правата на децата во пракса и сме сведоци на тоа кога детето и сторителот на делото се на улица, а државните институции не постапиле согласно протоколите за заштита на децата.

„Во многу случаи зборуваме за сексуална злоупотреба на деца, во последно време од постар на помал малолетник. Поразително е кога знаете дека насилството е регистрирано во училиштата, не е дојавено на време во центрите за социјална работа и полицијата, родителот нема доволно информации што му се случува на детето или не ги забележува промените во однесувањето, задоцнето реагира до полицијата, а полицијата за време на викенд не ангажира судска медицина и малолетнички инспектор за да ја докаже вината и се пролонгира пет или шест дена од настанувањето на случајот“, изјави Змијанац.
Според извештајот на Меѓаши кој го претстави Јана Зенговска, психолог и координатор на СОС телефонот 0800 1 2222, најголем број дојавувачи се машки возрасни лица и од урбани средини. Четири од дојавувачите се деца, а по националноста, најголем број или 41, се од македонска, три од албанска и еден од ромска националност. Јавувањата се преку телефон, фејсбук страната или преку електронска пошта.
Според Зенговска, кај нас на СОС телефоните наместо деца, многу повеќе се јавуваат родители. Една од главните причини за ова е недостапноста на овие телефони. Имено, СОС телефонот на Меѓаши е бесплатен само за корисниците на Телеком, додека со хармонизација со европскиот број 116 111 ќе стане достапен од било кој фиксен и мобилен оператор бесплатно. Самата достапност ограничува одредена популација на деца да се јават.
СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 постои 24 години и досега се регистрирани 20.581 повик.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]