Една неодамнешна студија покажала дека модерните родители сакаат пријателски однос со своите деца. Податоците покажуваат дека дури 73 проценти од родителите претпочитаат пријателски и разигран пристап, наместо строг и дистанциран, пренесува The Sun.
Истражувањето кое опфатило 2.000 родители во Обединетото Кралство покажало дека има промени во родителството во споредба со претходните децении. 87 проценти од денешните родители веруваат дека благиот пристап е подобар за менталното здравје на децата. Три четвртини од родителите не очекуваат нивните деца секогаш да се однесуваат најдобро, односно според точно дефинирани граници, туку сакаат да се забавуваат растејќи.
Од друга страна, постарите родители веруваат дека таквиот стил на воспитување создава деца со недостаток на почит (29 проценти) и дека децата нема да ги знаат границите кога ќе пораснат (45 проценти). Само 37 проценти од постарите родители го гледаат своето дете како пријател. Една четвртина од постарите мајки и татковци сметаат дека третманот на децата како пријатели е „мрзлив пристап“ кога станува збор за родителството, додека една петтина велат дека тоа покажува недостаток на асертивност.
Модерните родители се опуштени и поттикнуваат независност
„Да се биде разигран, позитивен родител е важно затоа што создава спомени што траат цел живот. Минатата година беше многу тешка за децата, а опуштениот, самоуверен и поврзан родител им помага на децата да се чувствуваат поддржано, што е добро за нивната општа благосостојба и менталното здравје. Родителите треба да создадат силна врска која поставува одлична основа за доживотниот однос родител-дете“, вели експертката за родителство Сју Аткинс.
Анкетата исто така покажала дека најчестите техники на родителство за постарите родители вклучуваат учење да се почитуваат постарите лица (62 проценти), да се занимаваат со домашни работи (49 проценти) и да се испраќаат во нивната соба (41 проценти). Пред неколку години, децата беа охрабрувани да јадат со своите семејства (46 проценти), строго се придржуваа кон режимот на спиење (40 проценти), а лошото однесување беше казнувано (35 проценти).
Спротивно на тоа, современите родители ќе го наградат доброто однесување (54 проценти), ќе им овозможат на децата независност и слобода да учат од сопствените грешки (48 проценти) и ќе одвојат време за глупирање и за играње (46 проценти). Денешните мајки и татковци игнорираат блага непослушност (30 проценти) и им дозволуваат на децата да јадат каде и кога сакаат (17, односно, 13 проценти).
Фото: Unsplash