Mакедонски тинејџери добија глобално признание и 20 илјади долари за мобилна апликација

Тимот составен од тинејџери е еден од петте победнички тима што ќе добијат стручно менторство и 20.000 долари почетни финансиски средства за проширување на својата иницијатива - мобилната апликација Speak Out која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртвите од врсничко насилство

0
799

Денеска во Њујорк, УНИЦЕФ и партнерите ги објавија петте победници во светот на предизвикот Generation Unlimited. Тимот „АндроМета“, составен од македонски тинејџери, со мобилната апликација Speak Out – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство – е меѓу оние кои ќе добијат стручно менторство од партнерите на Generation Unlimited и по 20.000 долари почетни средства за проширување на својата иницијатива.

Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030. година.

„Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

„Преку соработка, тие не само што се фаќаат во костец со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација, туку и учат нови преносливи вештини како што се вештините за решавање проблеми, иновација, претприемништво кои ќе им помогнат да одржат чекор со променливите барања на пазарот на трудот на утрешницата и ќе придонесат за просперитет на државата.“

Во младинскиот предизвик Generation Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји за да побараат одговор на неодложното прашање: како да се постигне секој млад човек да добие образование, вештини и оспособеност за изградба на подобра иднина?

„SpeakOut е мобилна апликација која ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден“, вели Александра Поповска (18 години), лидерка на тимот. „Имам чувство дека возрасните не веруваат секогаш во нашите способности, но искуството не доаѓа само со годините, туку со правење работи што се важни. Младите можат да направат промена.“

Земајќи предвид дека иако талентот е универзален, можностите не се, младинскиот предизвик Generation Unlimited беше осмислен за поддршка на младите кои имаат одлични идеи, но немаат ресурси да ги претворат во стварност.

„И самиот сум доживеал насилство, па ова искуство на некој начин ми помогна во процесот на изработка на апликацијата,“ вели Матеј Плавевски (16 години), член на тимот. „Можноста за континуирано учење во процесот на развивање е најдобриот дел од предизвикот Generation Unlimited. За мене беше интересно и да се научи дека понекогаш, за да функционираме, не мора да се согласиме околу сѐ, дури и по подолга дискусија. Може само да се согласиме дека не се согласуваме и да се почитуваме.“

„Младите се способни да внесат огромна промена ако имаат волја и мотивација да ги прифатат можностите околу себе, и ако научат да се здружат и да соработуваат. Еден поединец не може да направи промена во општеството, но кога повеќе луѓе работат заедно, може да се постигне речиси сѐ,“ вели Дарио Стојанов (16 години), член на тимот.

„Многу другари на училиште ме прашуваат како дознавме за предизвикот и дали може да се приклучат – мислам дека почнуваат да ме гледаат поинаку, но во позитивна смисла. Она што им го велам е дека треба само да се почне, а потоа сè ќе си дојде на свое место,“ вели Амра Личина (17 години), член на тимот.

„Гледам многу промени и кај нас самите, сега имаме многу повеќе самодоверба, почнавме да веруваме во себе,“ вели Данче Петрушевска (18 години), член на тимот.

Со оглед на тоа што денес во светот има 1,8 милијарди млади луѓе, Generation Unlimited претставува динамично глобално партнерство кое се базира на експертизата на младите луѓе, претставниците од влади, мултилатералните организации, приватниот сектор и граѓанското општество за да инспирира итни инвестиции во образованието, обука за вештини и зајакнување на брзо растечката глобална популација на адолесценти и млади луѓе на возраст од 10 до 24 години.

Generation Unlimited обединува повеќе партнери за да работат заедно и да дадат поддршка на решенијата кои се докажани и имаат потенцијал да дадат пошироки резултати, како и за да се изработи платформа за споделување на знаење и учење, а и на младите да им се овозможи простор за вклучување и заедничко творење.

Оваа недела Светска банка објави дека обезбедува инвестиција од една милијарда долари за младите луѓе во светот и дека во партнерство со УНИЦЕФ ќе ги усогласи средствата со Generation Unlimited.

[better-ads type='banner' banner='999' ]