Многу мајки се трудат исклучиво да ги дојат своите бебиња, а не се свесни дека таквиот став во одделни случаи може да остави трајни последици врз здравјето на детето. Имено, разни кампањи и слогани вродиле со плод и позитивно влијаеле на големиот број на мајки ширум светот да се свртат кон доењето и притоа да не се кријат.
Меѓутоа, во некои случаи, инсистирањето исклучиво на доење на бебето се покажало како опасно.
Покрај позитивните страни на горе споменатите кампањи, постои и една лоша, а тоа е дека мајките кои не сакаат или не можат да дојат се озложени на преголем притисок и се чувствуваат „виновни“ доколку не успеат во тоа. Тие тогаш се колебаат со воведување на дохрана дури и тогаш кога таквото дохранување е неопходно за бебето да не гладува.
За да ги „разбудат“ мајките, да им ја кренат свеста и да им испратат порака дека хранењето на бебињата со млечна формула не е знак на слабост или работа на избор, докторката Кристи дел Кастило-Хеги и неонатолошката медицинска сестра и советник за доење Џоди Сигрејв-Дали, ја основале фондацијата „Хранењето е најдобро“ (Fed is best) со цел да се спречат случаите на ненамерно изгладнување на доенчињата и за да му се спротивстават на опасниот растечки тренд на хоспитализација на бебињата заради компликации со доењето, кои предизвикуваат жолтица, хипогликемија и дехидрација, што сето заедно има негативен одраз врз мозокот на новороденчето.
Секоја петта родилка не произведува доволно млеко во текот на првите неколку денови од животот на детето, заради што помеѓу 10 и 25 отсто исклучиво доени бебиња значително губат на тежина во првите денови. Недоволно млеко кај 10 до 18 отсто од бебињата предизвикува жолтица, а кај 10 отсто о хипогликемија, што може да доведе до развојни компликации.
Мајките во првите денови од животот на своето дете се наоѓаат во постпородилна состојба и се преплавени со многу емоции, а постојано се предупредувани на бебето во никој случај да не му нудат шише со вештачко млеко затоа што на тој начин ќе го изгубат инстинктот за цицање или пак вкусот на мајчиното млеко повеќе нема да им се допаѓа, како и дека, ако постојано дојат, ќе имаат се повеќе млеко и дека луѓето се совршено еволутивно прилагодени за успешно доење. Сето ова не оди во прилог на погоре споменатиот податок дека секоја петта жена не произведува доволна количина млеко.
Докторката Кристи објаснува дека бебињата низ историјата умирале токму затоа што некои мајки не можеле да ги дојат ниту пак имале замена за мајчинско млеко. Таа и самата кажува дека заради притисокот, исклучиво за доење, нејзиното дете завршило на интензивна нега и подоцна му дијагностицирале повеќратни невролошки развојни пореметувања.
„Нашиот педијатар ни рече дека можеме или да го храниме со формула или да почекаме моето млеко да надојде четвртиот или петиот ден по породувањето. Очајно сакајќи да го дојам, го доев неуспешно уште еден ден за при посетата на советникот за доење да заклучат дека воопшто не создавам млеко. ТОа беа четири дена мачење и два дена речиси постојано доење според упатствата од прирачникот за доење“.
Таа им препорачува на мајките неколку методи за да ја спречат изгладнетоста кај бебињата: разчно измолзување пред хранењето за да бидат сигурни дека имаат довоно млеко за бебето, секојдневно мерење на тежината и следење на напредокот и секојдневно мерење на нивото на шеќер во крвта заради спречување на хипогликемија. Исто така, потребно е и подобро запознавање на родилките со опасностите од дехидрација, жолтица и хипогликемија, и со последиците кои овие состојби можат да го предизвикаат.
„Кампањите за исклучиво доење губат од вид еден многу важен факт, а тоа е дека основна работа е – бебето да биде нахрането“, заклучува Кристи дел Кастило-Хеги.