Кога тато свири џез, а мама тажно пее…

Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, професионално и приватно сплотени, освен професионалци-музичари и ѕвезди, се и прекрасни родители на Јана и на Јован

0
1624

Бендот „Љубојна“ одамна веќе ги освои Македонците, а свои обожувачи и слушатели има и секаде кадешто досега настапувале, а настапувале навистина многу и низ целиот свет: Торонто, Њујорк, Москва, Истанбул, Венеција, Рим, Париз, Марсеј, Солун, Кан, Германија, Словенија…, а зимава ги очекува и турнеја во Австралија.
На сцената Оливер е во цврста прегратка со неговиот инструмент – контрабасот, но во приватниот живот, негов „контрабас“ е Вера, по чијшто моќен вокал овој бенд стана препознатлив и оригинален.
Минатата година Љубојна прослави 15 години од основањето, а 11 од нив, Вера и Оливер се во брак, во прекрасна музичко-семејна заедница во која главните улоги ги имаат нивната првенка, 10-годишната Јана и 5-годишниот Јован.
Со Верче и со Оли разговаравме за нивниот професионален живот, но и за приватниот, за децата и за начинот на кој функционира ова четиричлено семејство надвор од сцената.

Веројатно е голема среќа кога ќе успеете да најдете некој со кого сте на иста бранова должина и приватно и професионално…Вие двајцата сте добар пример за ова. Како функционираат Вера и Оливер дома…надвор од музиката?

Многумина не прашале истово. Надвор од музиката сме дома со и околу музиката, јасно е дека тоа е нашиот живот, и целото движење и фокус е на нашите професии.
Работниот ден до максимум ни е исполнет и засега некако ни личи на воен распоред.
Затоа што поголемиот дел од денот го поминуваме во кола, и ни е посветен на обврските што ги имаат децата како, училиште, градинка, базен, вежбање, и.т.н
На крајот на работниот ден се скубнува малку од најубавото, кратко и бесценето слободно време и дружба со децата.

Колкава е разликата помеѓу децата, како функционира вашето семејство, како ви се поделени обврските, кој што прави?

Јана има десет години, таа е нашата прва љубов, петто одделение, а Јован има пет, оди во градинката и е омилена „фаца“во фамилијата. Двајцата пливаат, Јана е повеќе по спорт, дизајн и визуелни уметности, а Јован по музика и продукција. Омилени играчки му се: пијано, слушалки, микрофон, процесор и лупер. Се правиме заеднички во однос на нивните слободни активности и желби, но често знаеме и да си посветуваме внимание за машки и женски дружби од типот: татко-син и мајка-ќерка.

Колку ве смени родителството како личности, се сеќавате ли на „претходниот живот“ и што се се смени од тогаш до сега?

Сé се смени и доби за 360 степени поинаков ракурс. Првенствено сфативме дека љубовта кон музиката не е најголемото нешто на светот, а потоа дека сме среќни што имаме баби и дедовци на помош ха,ха,ха… Откако почнаа да растат, почнавме полека да се потсетуваме на животот претходно, но со една поинаква блажина и радост. Ја носиме истата младешка свежина, но поспокојна и попитома.

Дали Верче ги доеше децата и до кога, колку ѝ се наоѓаше тато околу останатите обврски околу децата, односно, околу поголемото кога дојде на свет и помалото дете?

Да, ги доев и двете деца речиси до нивната прва година. Динамиката на нашиот живот е таква што не мериме кој, колку и кога помага. Во принцип нема машки и женски работи, кој што знае, тоа и прави и кога има време, се разбира. Инаку, треба да им доделиме, пред сé, огромен златен пехар на нашите родители кои несебично помагаат за целото ова време. А пак Јанче беше веќе порасната кога се роди Јован и за многу работи беше самостојна, такашто многу ни олеснуваше и ни помагаше во грижата за Јован.
Сега исто така многу си помагаат еден на друг.

Што ви паѓаше најтешко кога беа децата помали?

Како што кажав и претходно – Баба и дедо FOREVER !!! И кога беа бебиња и сега. Имало и многу тешки моменти кога сме онлајн постојано заради тоа што додека сме на пат, некое од нив се разболело или уште потешко, едното е во болница, а ти глумиш радост пред публика и даваш сé од себе на сцена. За среќа тие моменти се поретки. Но не верувам дека и во убавите моменти на децата им било лесно да бидат без нас кога сме морале да ги оставаме. Тие немаат романтично доживување за нас. За нив ние сме мама и тато и дома и на сцена и пред луѓе, и на крај, се чека топлата прегратка на мама, помош за домашното, одење на лулашки, супите, салатите и малите деликатеси на тато…

Дали дома практикувате некој посебен режим на исхрана, или им дозволувате на децата понекогаш „забранети овошја“?

Во принцип се трудиме да им пренесеме здрав начин на исхрана, здрави и органски додатоци на исхрана. Ги штедиме од лошите влијанија на стандардизираната медицина, а помагаме да го градат имунитетот преку хомеопатија. Течна храна, вода, зеленчук и овошје е правило, а останатото е секој ден различно. Дозволуваме сé, што не значи дека тоа ни се допаѓа, меѓутоа, тие и самите не бараат храна на која не се навикнати како: мајонез, сендвичи, заситена мрсна храна, преблаги торти, смоки, такашто, воглавно им држиме некое темпо.

Дали дома постојано се слуша музика и колкаво е вашето влијание врз музичките вкусови на децата, колку сте „во тренд“ со нив, како ги усогласувате музичките вкусови?

Мислам дека се среќни што имаат можност преку нас да запознаваат разни артисти, а истовремено да ги следат трендовите на нивните генерации. Тоа паралелно сознавање дава музичка повеќеслојност, го освестува и изострува критериумот за музика и што е најважно, музиката станува една целина и се губи стереотипната крутост. Инаку, воглавно, бидејќи голем дел од времето поминуваме заедно во автомобил, се слуша музика по нивен вкус, такашто апсолутно ги следиме, и учиме од нив.

Со оглед на тоа што ќерката е во возраст кога веројатно има свои музички идоли и вкусови, како ве доживува вас двајца, дали децата доаѓаат на вашите концерти, мислите ли дека е можно некое од нив да ве наследи во музичките води?

Кога беше помала Јана, знаеше да ми рече: Ти мамо не пеј, многу ти е тажен гласот. А кои песни ќе ги пееш денес на концерт? Јас набројувам и таа вели: А таа не може, многу е тажна… Почна да доаѓа на нашите концерти на шест-седум години и веќе е наш главен критичар. Еднаш ми рече: Мамо, на концертов си облечена како панк-рок дива! И јас велам: Не ти се допаѓа? Не, само малку ми е чудно!? Ѝ велам: Така сакав јас! Израз е на тоа дека во нашата музика се среќаваат многу стилови и естетики и можеш истовремено да бидеш и дива и рок и панк, и да сфатат дека музиката е подвижна и жива… Јана ми одговара: Ааа…лајк! Ти честитам мамо, ти си првата која ова вистински искрено го направила и го започнала! Мислам дека ова сѐ кажува и поважно е од тоа дали ќе посака да влезе во музичките води. Бидејќи она што ни недостасува и што е огромна дупка во културата, е тоа дека се нема изградено доживување за музика, особено за автентичната, а критериумите за музика од таму тргнуваат, и се градат и негуваат од мали нозе.

Кој од вас е построг во воспитувањето со оглед на тоа што најчесто во сите семејства, едниот родител е секогаш попопустлив, а другиот построг?

Факт е дека Верче е почесто со децата и по природен пат таа им е поавторитативна, но не можам да кажам дека сме строги родители. Повеќе се трудиме да има соработка и толеранција некако со договор, иако на моменти е тешко. И двете деца имаат индивидуалистичка црта и тука многу ги почитуваме. Но ја носат целата енергија и емоција од нас, која кога ќе излезе од две умни главчиња е тешка за справување.

Што има ново кај вас на професионален план, винил изданието, следни концерти и проекти?

Винил изданието е веќе во продажба и во Југотон и во Литиум и во Апотека. Работиме на еден краток анимиран филм и се подготвуваме за битолскиот Фестивал на музика од светот. Бидејќи летото ни беше исполнето со концерти и патувања, во моментов одмараме со тоа што подготвуваме и нови песни, а се спремаме и за турнеја во Австралија зимава.

Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]