Врсничкото малтретирање е голем проблем во светот и околу четвртина до третина од учениците пријавуваат дека биле малтретирани во училиште. И додека еден изолиран случај на вакво малтретирање може лесно да се надмине, за многу деца тоа е долга, ужасна кампања на постојано вознемирување и повредување.
Дури и најстабилните деца можат да имаат проблеми да се справат со тоа, а малтретирањето кај нив може да предизвика депресија, вознемиреност, да се одрази врз здравствената состојба, па дури и да дојде до напуштање на училиштето.
Затоа, во Финска, во контекст на изнаоѓање на решение за проблемот, го поставиле прашањето: што би направиле ако видите како малтретираат некого?
Тие откриле дека одговорот што луѓето го даваат е навистина важен.
Финска има еден од најуспешните образовни системи во светот, па затоа не изненадува тоа што го користеле ова прашање во однос на малтретирањето за да направат нова и супер ефективна програма за спречување на силеџиството во училиштата.
Програмата за борба против малтретирањето се нарекува KiVa, што е скратеница од „kiusaamista vastaan“, што значи „анти-булинг“.
Оваа програма вклучува многу различни ресурси, но, еден од најинтересните аспекти е тоа како програмата се фокусира на обучувањето на случајните сведоци на малтретирање. Наставниците не се секогаш наоколу, така што не можат секогаш да помогнат. Но, другите ученици можат.
„Нашите наоди покажуваат дека на малтретираните деца – оние кои се соочуваат со малтретирање неколку пати неделно – најмногу може да им се помогне со подучување на набљудувачите, на случајните сведоци, односно, на другите ученици да им бидат поддршка“, вели професорката на UCLA, Јаана Јувонен, во неодамнешната анализа на ефикасноста на KiVa програмата.
Еден од најинтересните начини на кои KiVa ги учи учениците на емпатија е преку компјутерски игри и симулации.
Во една од игрите, децата ја преземаат контролата над цртаните ликови, кои се ставени во различни ситуации на силеџиство со кои би можеле да се сретнат во училиште.
„На пример, тие би можеле да бидат сведоци на инцидентот со малтретирање и тие треба да одлучат што да прават, дали да ја бранат жртвата или да направат нешто друго“, изјавила Јохана Аланен, менаџер за меѓународни проекти на KiVa.
„Постојат различни опции за тоа како да се одбрани жртвата“, објаснува Аленен. „Нивниот избор има последици и води до нови ситуации.
Во основа, програмите се еден вид на приказни за изнаоѓање на сопствени авантури и им овозможуваат на децата да видат какви последици можат да произлезат од одредени активности, во виртуелниот свет.
На учениците им се дава и совет и повратни информации за тоа што да му се каже на некој кој е малтретиран.
Во играта, учениците можат да практикуваат како да бидат убави кон некој и какви убави работи може да им кажете на некој кој би сакал да биде вклучен во групата или е ново во училиштето”, рече Аленен.
Со тоа што децата ќе ги прашаат што ќе прават во одредени ситуации и ќе дадат повратни информации и совети за тоа, програмата може да им помогне на учениците да бидат почувствителни и да ги поддржат жртвите на малтретирање.
И податоците покажуваат дека програмата работи многу добро.
И не само тоа, туку раните податоци покажуваат дека програмата, исто така, може да помогне да се намали депресијата и да се зголеми самодовербата кај децата кои веќе биле малтретирани.
Сега кога Финска ја прифати KiVa како нивна национална програма против малтретирањето, таа се тестира и во други земји – Италија, Холандија и Велика Британија – и се оценува во Соединетите Американски Држави.
Заплашувањето е траен, ужасен проблем што е тешко да се елиминира. И веројатно нема да има еднократно решение, но програмите како KiVa покажуваат дека дури и на млада возраст, емпатијата е една од најдобрите алатки со чија помош треба да го направиме светот подобар.