Како е да се биде родител во Данска? (2 дел)

Се прашувате зошто Данците полесно се одлучуваат на родителство и зошто имаат повеќе деца? Се прашувате како е во Данска регулирана семејната политика и на кои начини државата им помага на родителите и го поттикнува наталитетот?

0
735

Типичен ден во градинка

Децата во данските градинки се поделени како и кај нас, во две групи. Во едната се оние од 0-3 години, а во другата децата од 4-6 години. Децата во училиште тргаат со 6 години или најдоцна со полни 7. Помал број деца ги чуваат дадилки во своите домови, но бројот на деца кои една дадилка може да ги чува не надминува 5. Програмите во градинките ставаат акцент на активностите. Низ разни проекти на отворено и во затворено, децата учат низ игра. Меѓутоа, данските градинки се посебни по тоа што се инсистира на престој на отворено. Сите имаат дворови и игралишта, а особено се популарни т.н. градинки во природа. Овие градинки се наоѓаат во шумите или на село и немаат никаков цврст објект. По децата често доаѓа организиран автобус и ги вози во градинката во природа, а потоа попладне им ги враќа на родителите на договорена локација. Ваквите градинки имаат дрвена колиба или засолниште, но децата се прават на отворено без оглед на температурата на воздухот. Надвор си играат, трчат, пеат, јадат ужинка но и спијат. Бебињата стари едвај една година, завиткани и убаво изнаоблечени минуваат по осум часа на свеж воздух исто како и постарите дечиња. Всушност, не е невообичаено бебето во количка да се остави да спие во двор или на балкон. Тоа го прават сите. Не е чудно ниту да се шетате низ град или да посакате да се напиете кафе во некое кафуле а детето да го оставите во количка пред кафулето да спие на свеж воздух.

Зошто го прават тоа? Затоа што знаат дека е тоа најприродниот и најдобар начин да им го изградат имунитетот на децата. Ако се затоплени нема да настинат заради студениот воздух, туку заради бактериите и вирусите кои најмногу ги има токму во затворените простории. Данците се посебно горди на своите вечерни градинки за родителите кои работат попладне или во ноќни смени. Сите училишта и градинки имаат организиран дневен престој за децата чии родители работат до подоцна. Интересно е што во Данска не постои „баба сервис“. Секако, има исклучоци и бабата ќе помогне ако е детето болно, а родителот не може да добие слободен ден, но никој не очекува од бабите да станат дадилки. Тоа едноставно не е обичај.

Цени во градинките

Различно организираното чување на децата влијае и врз цените, а цените по малку се разликуваат и од една до друга градинка. Имено, родителите плаќаат само третина од цената на градинката. Две третини плаќа локалната управа, односно, градот или населеното место во кое живеат. Градинка за дете од 0-3 години ќе чини околу 375 евра месечно, а за дете од 4-7 години околу 280 евра (во цената е вклучена и храната). Ако родителот сам приготвува храна, градинката за дете од 4-7 години ќе биде уште поефтина, околу 225 евра. Чувањето во приватен ангажман, во куќата на дадилка чини околу 330 евра месечно (храната е вклучена во цената). Поентата е во тоа дека цената на градинката не e повеќе од 15% од нето платата.

(Продолжува)

[better-ads type='banner' banner='999' ]