Кога станува збор за односот родител-тинејџер постојат вистински стратегии за подобра комуникација кои имаат ефект само е потребно да го најдете соодветното решение за вас и вашето дете. Еве некои реалистични предлози кои ќе ви помогнат да не полудите и да останете поврзани со вашиот тинејџер.
Ако ви се чини дека детето малку ви полудело, знајте дека сте во право
Може да ви се чини како наеднаш да ви влегол дома вонземјанин и во право сте. Вашето дете минува низ големи физички, когнитивни и емотивни промени. Прилагодете го нашинот на вашето родителство кон овој посебен момент и „новото дете“ кое ви е дома.
Образувајте се
Кога чекаат бебе мајките многу читаат, посетуваат различни курсеви и докторираат на нега на бебето. Зошто не би читале и на тема одгледување на тинејџер? Колку подобро го разберете адолесцентското однесување, подобро ќе се снајдете во улогата на родител на еден тинејџер.
Не претерувајте!
Тинејџерите доживуваат ненадејни промени на однесувањето, поинттензивно ги доживуваат работите и имаат претерани реакции затоа што мислат дека родителите им се вознемирени или лути. Обидете се да изброите до три пред да почнете разговор со вашиот адолесцент и настојувајте да не го кревате гласот. Објаснете им дали сте лути или не затоа што би можеле погрешно да ве протолкуваат. Настојувајте да не го осудувате секој нивни потег – тоа најмногу ги нервира. Ако ви треба време прво да се смирите, слободно излезете да се издувате.
Внимателно бирајте ги битките што ги водите
Тинејџерите ја доведуваат во прашање секоја неправда што ќе ја почувствуваат. Тие ќе се караат окоилу се и сешто. Добро размислете што е она за што не сакате да попуштите. Сигурно не сакате да се расправате околу секоја ситница, па затоа кога станува збор за ситници, прогледајте им низ прсти. На пример, враќањето дома во одредено време може да биде ваш приоритет додека средувањето на собата е помалку важно. Најдобро е да нема расправија околу работите кои се важни за безбедноста на вашето дете или семејните вредности. Воспоставете правила и инсистирајте да бидат испочитувани.
Најдете нешто (било што) заедничко
Целта е да најдете начини да се вклучите во животот на вашето дете. Тоа ве сака во својот живот, иако ви се чини дека не е така. На вашиот тинејџер му е потребен водич – вие. Разговарајте за неговите интереси, за музиката што ја слуша, за спортот, за омилената серија. Тоа може да ви овозможи да откриете што се случува во животот на вашето дете.
Влезете во светот на тинејџерите
Ако мислите дека сте надвор од сите текови купете некое тинејџерско списание и поведете разговор на некоја од темите кои ќе ги видите таму. Прашајте го вашето дете што мисли за нив.
Користете технологија
Допишувајте се со пораки со вашиот тинејџер. Погледнете кои апликации ги користи и научете да ставате музика на ајпод. Целта е да се вклучите во животот на вашиот тинејџер.
Посетете ја неговата зона
Ако сакате да разговарате одете на место на кое знаете дека тоа ужива, трговски центар, најдобрата сендвичара во градот, и слично. Детето таму ќе биде најопуштено затоа што ќе се чувствува како на своја територија, и ќе биде поподготвено за отворени разговори.
Редовно комуницирајте
Не дозволувајте распоредот на детето да влијае врз вашата комуникација и поврзувањето. Најдете момент за краток разговор, дури и навечер, кога целото семејство е во дневна соба или во кујна. Прашајте го што ќе се случува следниот ден, какви с енеговите планови, дали нешто му треба, дознајте како му поминал денот, бакнете го.
Опишувајте ги своите чувства
Новите истражувања покажуваат дека предтинејџерите и тинејџерите (особено машките) тешко ги распознаваат изразите на лицето. Ова доведува до тоа често да ги мешаат чувствата како лутина и замор, на пример. А тоа може да влијае врз вашиот однос. Доволно е да ги опишете вашите чувства (Можеби ти изгледам луто но само имав напорен ден и се чувствувам исцрпено).
Дружете се со родителите на нивните пријатели
Повикајте ја на кафе мајката на неговиот пријател или пак целото семејство на скара. Адолесцентите можат лесно да се оддалечат од родителите. Спречете ги во тоа и на овој начин бидете присутни во неговиот живот.
Не се откажувајте!
Немојте никогаш да ја прекинувате комуникацијата со вашето дете. Ако ви се распоредите толку различни што ретко се среќавате, комуницирајтре преку пораки, на телефон, на хартија, …Задолжително настојувајте на сите можни начини да му покажете дека сте тука за него.