Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија го спроведува Проектот „Со читање до лидерство“, финансиран од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД. Проектот се спроведува во сите основни училишта во Република Македонија со цел да придонесе за подобрување на јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, зајакнување на педагошките вештини на наставниците и подигање на свеста кај целата заедница за важноста од јазична и математичка писменост.
Проектот „Со читање до лидерство“ нуди иновативни и креативни пристапи и активности, како што се: Караван на букви и броеви, Библиотека на тркала и Дигиталната библиотека со соодветни материјали за учење. За првпат во државата се спроведуваат инструментите за мерење на постигањата по јазична и математичка писменост, ЕГРА и ЕГМА, со што ќе се обезбедат резултати кои ќе дадат јасна слика за постигањата на учениците по јазична и математичка писменост и ќе поттикнат дијалог за унапредување на воспитно – образовната работа во училиштата.
Во рамките на проектот „Со читање до лидерство“ се одржуваат работилници за обука на родителите и наставниците за изработување на сликовници. Досега се организирани вакви работилници во 100-тина основни училишта од сите региони на државата и на истите учествуваат родители и наставници. Последната работилницa за сликовници со математички теми беше одржана во ОУ „Луиг Гуракуќи“ – Желино во петокот, на 2 декември.
Заедничкото читање сликовници со нашите деца или ученици претставува можност за заедничко дружење и учење. Сликовниците ни откриваат нови перспективи. Сликовниците ни помагаат да го откриеме задоволството на истражувањето, да ја совладаме вештината на учење, да учиме како да најдеме вистинска информација, како да дојдеме до нови идеи или да ги прошириме и збогатиме оние кои веќе ги имаме. Книгите нè поттикнуваат на акција. Тие можат да ни дадат идеја да создадеме нешто ново, да отидеме некаде, да разговараме со другите луѓе и да обрнеме внимание на нештата, настаните и луѓето околу нас. Дозволете им на децата слободно да ја користат својата имагинација. Смислете интересни активности по читањето на сликовниците. Проширете ги темите за разговор кои ги нудат овие текстови. Поставувајте отворени прашања кои го поттикнуваат критичкото мислење кај децата и ја развиваат нивната креативност.
Читањето сликовници е само мал чекор во процесот на континуирано учење кој трае цел живот и треба да бидеме горди што им помагаме на нашите деца во тој процес. Ова е само првиот чекор на долгото патување низ светот на фантазијата. Уживајте во читањето со своите деца и водете читачки дневник кој можете да го симнете тука и да го пополните со книгите кои сте ги прочитале заедно со вашите деца, а подоцна и тие самите.