Новото дете стаса дома, сите се возбудени, но некој е и љубоморен. Нормална ситуација е постариот брат или сестра да чувствуваат љубомора поради доаѓањето на новото бебе во семејството.
Иако за време на бременоста веќе сте разговарале на оваа тема со него, бидете подготвени за она што ве чека. Доаѓањето на новиот член во семејството може да биде трауматично искуство за вашето постаро дете. Особено кога мајката ќе ја снема на два-три дена од дома, а потоа ќе се појави со бебе во раце.
Овие неколку совети ќе ви помогнат во новиот однос со вашето постаро дете.
Наместо вие, вашиот сопруг или друг близок нека го внесе бебето дома
Вие веднаш прегрнете го вашето сега веќе постаро дете, бакнете го и кажете му колку ви недостасувало.
Нека се чувствува како херој во очите на новороденчето (и во своите сопствени очи)
Повикајте го детето кај себе и кај бебето насамо, а ако имате повеќе деца, направете го ова со секое дете посебно. Запознајте го своето постаро дете со бебето. Обраќајте му се на бебето зборувајќи му ги сите убави работи што ги сакате кај своето постаро дете, пофалете го и посакајте тие самите наскоро, кога малку ќе потпорасне, да се запознаат подобро.
Децата мора меѓусебно да се поврзат
Ако вашето постаро дете е одвоено од бебето, тешко ќе развие чувство на блискост. Обидете се да ги зближите такашто ќе го минуваат времето заедно. Дозволете му на постарото дете да го придржи бебето, секако, под ваш надзор. Стручњаците тврдат дека детското главче испушта феромони кои помагаат кон него да се однесуваме заштитнички. Колку повеќе време поминуваат заедно, толку нивниот однос ќе биде подобар.
Сите ваши деца нека бидат свесни дека нивното место во семејството е многу важно
Кажете им колку сте среќни поради нешто што тие прават, колку е тоа важно. Забележете ги како важен член од семејството. Разговарајте често за тоа.
Постарото дете ќе ве тестира за да биде сигурно дека се уште го сакате
Обидете се да ја намалите можноста од конфликт со постарото дете колку што е тоа можно. Сепак, внимавајте да не претерувате затоа што некои граници мора да постојат. Правилниот баланс е клучен.
Ова не е време кога на постарото дете треба да му објаснувате дека мора да порасне
Тоа што сега имате мало бебе, не значи дека вашето постаро дете мора да порасне преку ноќ. Почитувајте го како и претходно, давајте му многу љубов и дозволете му да се чувствува како дете без срам.
Задржете ја рутината
Децата сакаат рутина. Обидете се да ја задржите рутината во животот на вашето постаро дете колку што е тоа возможно. Секоја промен на рутината во животот на вашето постаро дете во овој момент може лошо да влијае врз него.
Никогаш не го оставајте новороденчето само со постарите деца
Не можете да очекувате дека вашето постаро дете целосно ќе ја контролира љубомората. Не го оставајте насамо со бебето. Ако забележите насилно однесување кон бебето, обидете се да му го свртите вниманието со некое прашање или со разговор.
Не дозволувајте се да се врти околу новороденчето
Обидете се вашето постаро дете да не добие чувство дека се се врти околу бебето, иако тоа можеби и е така. Во комуникацијата со него не нагласувајте дека ќе му се посветите нему „кога ќе завршите со бебето“. Обидете се да го преформулирате ова и да кажете дека ќе дојдете „за некоја минута“ или нешто слично.
Читајте му книги за браќа и за сестри
Читањето на вакви текстови ќе го поттикнат на размислување и ќе му овозможат да сфатат дека е нормално да имаат брат или сестра. Искористете го тоа да ги дефинирате чувствата кои вашето дете моментално ги чувствува. Помогнете му да ги дефинира своите чувства, било да се позитивни или негативни
Очекувајте жалење
Нормално е вашето постаро дете да чувствува жалење за она што изгубило – ексклузивното право на вас, статусот на единствено дете. Сетете се како сте се чувствувале вие кога сте раскинале некоја долга врска. Вашето дете се чувствува илјада пати потешко. Вашето дете тагува. Тешко му е да ги изрази своите чувства и му треба ваша помош за да излезе на крај со нив. Дозволете му да плаче во вашата прегратка и помогнете му да најде начин за да се чувствува подобро. Покажете му дека иако го изгубил својот статус на единствено дете, неговата мајка се уште го сака и сака тоа да се чувствува подобро.
Поттикнете му ги чувствата за бебето
Многу истражувања покажуваат дека кога родителите ги поттикнуваат постарите деца да го гледаат новороденчето како вистинска личност користејќи ги своите чувства, тие повеќе се зближуваат со бебето и се чувствуваат заштитнички кон него. Обидете се со нешто од следново:
1. Изгледа дека бебето сака кога му пееш
2. Види, пробува да ја мрда устата како тебе, мислам дека те имитира
3. Баш ме интересира дали на бебето му се допаѓа оваа музика?
4. Мислам дека ѕвончето на врата го прешлаши бебето.
Останете блиски со постарото дете
Обидете се да поминувате време со секое од вашите постари деца секој ден, а кога ќе дојде некој во посета, дозволете му на гостинот да го држи бебето а вие посветете му се на постарото дете. Ако пак го држите бебето во раце, разговарајте со постарото дете. Кога доите, повикајте го да седне покрај вас, разговарајте или прочитајте му приказна. Тие моменти ќе им останат во убав спомен. Понекогаш новата ситуација може да биде тешка, но со малку труд и со многу љубов, наскоро сите ќе функционирате како совршен тим.