Поради високите температури и обилното потење, може да дојде до дехидрација. Притоа, ако телото на време не се хидратизира, последиците можат да бидат сериозни – хипертермијата, односно, многу високата телесна температура можат да предизвикаат болки во мускулите, мачнина, замор, главоболки, а потоа и дезориентација или губење на свеста што е знак за топлотен удар. Децата, а особено оние помлади од 4 години, се чувствителни на високите температури затоа што не ја исфрлаат топлината од телото со потење како возрасните и не пијат доволно за да ја надокнадат изгубената телесна течност. Еве пет начини како да ја спречите хипертермијата.
Доволно течности
Студиите покажуваат дека 2/3 од децата во спортските кампови се дехидрирани и пред вежбањето. Детето би требало да се напие чаша вода пред тренингот или пред да оди да си игра и две чаши после тоа.
Внимателно одбирајте ги напитоците
Стручњаците препорачуваат вода, но и спортски напитоци. Во водата можете да додадете и некое свежо овошје затоа што децата сакаат различни вкусови. Избегнувајте напитоци кои содржат кофеин како што се на пример, купечките ледени чаеви, па подобро направете им домашен леден чај, а избегнувајте и напитоци од типот на кока кола затоа што делуваат како диуретици и децата полесно ги губат течностите.
Поттикнете го детето на движење
Tоплината е многу тешка за децата кои не се навикнати на тоа. Им требаат неколку денови за да с енавикнат, а на оние деца кои не се во форма, не се занимаваат со никаков спорт или имаат прекумерна тежина, им требаат и до 6 недели. Обидете се и вие со нив да возите велосипед барем 30 минути.
Лесна облека
Децата треба задолжително да носат капи и лесна памучна облека, широка, со светли бои и тенки слоеви.
Внимавајте на времето
Помеѓу 11 и 17 часот децата не би требало да излегуваат на сонце. Тогаш УВ зраците се најсилни па лошо влијаат на детската кожа, а температурите се неиздржливи. Ако нема потреба да одат некаде, тогаш најдобро е во овој период да ги задржите дома или под сенка, но сепак со доволно течности во близина.