КАКО БЛИЗНАЦИТЕ ДА СПИЈАТ ВО ИСТО ВРЕМЕ?

0
1683

Веројатно милион пати сте чуле – со близнаците неволјата се удвојува, но и забавата. Меѓутоа, тешко е да се запаметат забавните моменти кога еден од секојдневните проблеми со кои се соочуваат родителите што имаат близнаци или повеќе деца родени истовремено е како да се натераат бебињата да спијат истовремено.

НА СПИЕЊЕ ВО ИСТО ВРЕМЕ

Да воведете истовремен распоред на спиење на новороденчињата претставува многу важен потег, кој и вам ќе ви даде малку простор за одмор. Ако вашите близнаци спијат во различно време, тоа значи дека постојано ќе биде будно едно од нив или двете што ќе ве преморуваат.

СМИРУВАЧКА РУТИНА НА ЛЕГНУВАЊЕ

Воведувањето смирувачка рутина за во кревет, како топла када, приказна за добра ноќ или неколку минути гушкање, масирање на грбот и тивок разговор, ќе ви помогне да ги подготвите вашите близнаци за спиење. Ако се држите до секојдневната рутина, вашите бебиња наскоро ќе го научат сигналот што значи смирување и одење во кревет.

ЗАВИТКАЈТЕ ГИ

Стариот обичај за завиткување на бебињата во меко ќебе им помага да се чувствуваат безбедно и смирено. Меѓутоа, не ограничувајте се со ќебиња. Може да ги завиткате бебињата во маичка или во горен дел од пижами, која тукушто сте ја соблекле, така што ќе им направите топла атмосфера во која ќе го чувствуваат и мирисот на вашето тело.

ВО КРЕВЕТ КОГА ИМ СЕ СПИЕ

Научете ги самите да заспиваат овозможувајќи им сонот да им дојде во креветчето – наместо да ги успивате во раце, а потоа да ги ставате во кревет. Многу педијатри не препорачуваат да ги нишате бебињата пред да паднат во сон бидејќи кај нив може да се развие условен рефлекс дека тоа е знак за заспивање.

ДА НЕ СПИЈАТ ЗАЕДНО

Бебињата чувствуваат удобност кога се допираат меѓусебно, а близок физички контакт ги смирува. Тие ќе лазат еден кон друг, ќе се гушкаат, па дури и ќе ги шмукаат дланките на другиот. Никој не може да каже до која возраст треба да спијат заедно иако обично се препорачува до тримесечна. Кога ќе ги одделите во посебни колепки, овозможете им да се гледаат.

ПРВО УСПИЈТЕ ГО МИРНОТО БЕБЕ

Ако еден од близнаците е погласен, а другиот е посмирен, може да паднете во искушение прво да се обидете да го успиете плачкото. Меѓутоа, советниците советуваат да го практикувате обратното. Тие објаснуваат дека постои опасност мирното бебе да не го добие потребното внимание. Пред да се фокусирате на „врескачот“, осигурете се дека тивкото бебе е средено и сместено. Не грижете се дека еден од близнаците ќе се разбуди пред другиот. Најголем дел од близнаците не реагираат на плачот на нивното братче или сестричка, дури и ако се во иста просторија.

БЛИЗНАЦИТЕ СПИЈАТ ЦЕЛА НОЌ

Педијатрите тврдат дека шемата на спиење често зависи од тежината на детето, а не од возраста. Идентичните близнаци обично истовремено почнуваат да преспиваат преку целата ноќ. Кај двојазичните близнаци шемите за спиење може да се понезависни, особено ако се со различна големина или темперамент. Еве и еден мал совет: ако едниот близнак заплаче навечер и сака да јаде, разбудете го и другото бебе.

БЕЗ БУДЕЊЕ НОЌЕ

Тоа може да го изведете така што ќе се обидувате да обезбедите што посмирена атмосфера. Собата нека биде благо осветлена, а во текот на ноќта не играјте со децата и не разговарајте со нив, освен ако не е неопходно. Може да ги учите самите да се смируваат така што ќе им дадете по една мека играчка или ќебе со кои ќе заспиваат. Тие предмети ќе им помогнат на децата повторно да заспијат.

ДНЕВНА ДОЗА ГУШКАЊЕ

Не плашете се дека ќе ги разгалите бебињата со претерано практикување на овие нешта додека се будни. Цуцлата е одличен начин да се задоволи бебешката потреба да цица. Некои истражувања покажале дека татковците, со нивните големи раце и силна, нежна прегратка, често може да ги смират децата, дури полесно и од мајките.

ПЛАЧОТ ДА НЕ ВЕ РАЗОЧАРУВА

Понекогаш бебето плаче попладне или навечер, и тоа без некоја одредена причина. Обидете се да го смирите со секоја техника што ќе ви дојде на памет: топла када, масажа, завиткување во ќебе, мирна музика, клацкање и слично. Побарајте помош од пријателите и семејството или, пак, најдете професионалец што ќе умее да го смири плачот. Запаметете, кај најголем дел бебиња плачењето престанува кога ќе наполнат три месеци, затоа издржете јуначки.

ОДДЕЛНИ СОБИ

Како што вашите близнаци растат, сe почесто ќе се случува, наместо да спијат или да дремнуваат, времето да го користат за игра и за разговор. Некои родители откриваат дека доделувањето посебна соба на секој близнак ќе ги скрати ноќните активности и секој член на семејството ќе добие можност за одмор.

[better-ads type='banner' banner='999' ]