ЕНДОМЕТРИОЗА И НЕПЛОДНОСТ

0
2388

Ендометриоза е болест при која ендометриумот (внатрешниот слој на матката, кој секој месец се гради и се одлупува во тек на менструалното крвавење) мигрира надвор од матката во други делови на телото. Овие нови жаришта на ендометриум продолжуваат да се развиваат и крвават во тек на менструалниот циклус, што резултира со внатрешно крвавење, дегенерирање (разградување) на крвта и околното ткиво, појава на инфламаторна реакција на околината и формирање болни сраснувања и лузни.
Ендометриозата се класифицира во бенигни болести, иако се опишани мал број случаи кај кои настанала малигна трансформација на ендометриотичното ткиво. Постои нешто поголем ризик од одредени карциноми кај жени со ендометриоза.
Локализација. Ендометриозата може да се лоцира речиси на сите делови од телото, но најчесто се имплантира на јајчниците, јајцеводите, мочниот меур, тенкото и дебелото црево, ѕидот на матката и на перитонеумот (стомачната обвивка) на малата карлица. Во многу ретки случаи може да се најде на невообичаени места, како белите дробови, лузни од оперативни постапки (по царски рез) и на ѕидот на вагината.
Честота. Статистички, ендометриозата се јавува кај 3-10 проценти од жените во репродуктивниот период, а од жените што се соочуваат со проблемот на неплодност, 25-35 проценти имаат ендометриоза.
Причини. Се уште не е најдена вистинската причина за појава на ендометриозата, ниту начинот да се спречи нејзиното појавување. Оттаму, таа претставува голем дијагностички и терапевтски предизвик.
Постојат повеќе теории за нејзиното настанување, како теориите за ретроградна менструација, целомска метаплазија, наследност, имунолошката теорија, генетската и др., но ниедна не ја објаснува појавата целосно. Најчесто за настанување на ендометриоза е потребно влијание на повеќе фактори.
Симптоми. Кај голем број пациентки е можно отсуство на каква било симптоматологија. Појавата на симптомите не зависи од тежината (раширеноста) на болеста. Најчести симптоми што може да предизвикаат сомнеж за присуство на ендометриоза се секундарна дисменореја (болна менструација), диспареунија (болка во тек на сексуален однос), пелвична болка (хронична или повремена болка во долниот дел на стомакот), различни цревни или уринарни симптоми и друго.
Симптомите се варијабилни и најчесто неспецифични и може да предизвикаат донесување погрешна дијагноза. Најчести погрешни дијагнози се друг тип цисти на јајчниците, воспаление на слепото црево, вонматкина бременост, цревни проблем и др.
Дијагноза. Основно е добивање точни и исцрпни податоци од пациентката за нејзините тегоби (кога почнале, како се јавуваат, во кој период од менструалниот циклус, колку се силни симптомите, итн). Гинеколошкиот преглед и ултразвукот не се дефинитивни средства за дијагностицирање на ендометриозата, но може да помогнат во напипувањето и визуализацијата на жариштата, онаму каде што е можно тоа. Помага определување на тумор маркерот Ца-125 во крвта, кој најчесто се користи при дијагностицирање на оваријален карцином, но е покачен кај 30-60 проценти од пациентките со ендометриоза. Лапароскопијата е златен стандард за дијагноза, а воедно и третман на пациентки со ендометриоза. За дефинитивна дијагноза е задолжителна хистопатолошка анализа од оперативниот материјал.
Лекување. Се уште нема сигурен и дефинитивен лек за ендометриозата. Но, третманот може да ги подобри субјективните тегоби на пациентката, да ја намали болката и да влијае врз можноста за забременување. Секоја пациентка кај која е дијагностицирана ендометриоза треба да се разгледува индивидуално. Одлуката за типот на третманот се донесува по земање предвид на сите фактори од страна на пациентката, а тоа се изразеноста на симптомите, возраста, особено дали репродукцијата е завршена или не.

НЕПЛОДНОСТ

Ендометриозата е еден од факторите што влијаат врз можноста за забременување. Статистички е докажано дека кај 25-35 проценти од жените што се лекуваат од неплодност, причината за тоа е присуството на ендометриоза. Иако при ендометриозата јајцеводите речиси по правило се проодни, механички може да биде спречен преносот на јајце-клетката или сперматозоидите кон нив, имунолошки да се оневозможи оплодувањето итн. Ендометриозата може да предизвика и оштетување на јајчниците и значително да ги намали нивните резерви, што е особено прогностички лошо од аспект на фертилноста. Сепак, ендометриозата не е апсолутна пречка за забременување ако останатите испитувања се во ред. Ако двојката претходно не планирала бременост, разумен е периодот од 6-12 месеци обидување за забременување, а потоа преземање терапевтски мерки кон ендометриозата како реална причина за неплодност.
Пациентки што немаат план за забременување и имаат изразени симптоми кои потекнуваат од ендометриозата најчесто се кандидати за медикаментозна терапија. Основната цел на овие лекови е да овозможат намалување на жариштата на ендометриоза и намалување на болките. Во прва линија тоа се оралните контрацептивни таблети кои помагаат да се намали жариштето на ендометриозата, со што се намалуваат и симптомите кои потекнуваат од него. Во комбинација со нив се користат и нестероидните антиинфламаторни лекови кои ги намалуваат крвавењето, воспалителната реакција и болката. Може да се употребат и посилни хормонски препарати, прогестагени, агонисти на ГнРХ или даназол.
Кај пациентките со неплодност, како и во случаите во кои медикаментозниот третман е неуспешен, се применува хируршки (лапароскопски) третман, со основна цел – отстранување на чоколадните цисти од јајчниците како и другото ендометриотично ткиво, отстранување на сраслините, реконструкција и воспоставување нормални анатомски односи меѓу органите и ткивата во малата карлица. Лапароскопскиот третман овозможува постигнување најдобри резултати од аспект на забременување (50-70 отсто) ако останатите испитувања кај двојката се во ред.
Затоа најважна, но и најтешка задача за докторот при операцијата е максимално штедење на ткивото на јајчниците и реставрација на нормалните анатомски односи, што значи зачувување на репродуктивниот потенцијал и шанси за забременување по природен пат. Ако бременост не настапи во рок од една година по оперативниот зафат или ако постојат и други фактори за неплодност, ин витро-фертилизација е следниот чекор кон постигнување бременост.
И покрај се, ендометриозата има тенденција за повторување, 5-20 проценти во рок од пет години по хируршкиот зафат. Следејќи ги советите на Вашиот гинеколог, тоа време треба да се искористи максимално за достигнување на саканата цел.

[better-ads type='banner' banner='999' ]