Не дозволувајте сите утрински обврски да паднат на ваш грб. И децата, па дури и најмалите, можат да ви помогнат, а истовремено и да стекнат добри навики. Секако, обврските и задолженијата поделете им ги во согласност со возраста како и во зависност од тоа колку време имате.
4-7 години
Ако имате деца на оваа возраст дајте им задача да си ги соберат играчките, да ги стават валканите алишта во корпата за таа намена, да ги нахранат домашните миленици и да помогнат во раскревањето на масата после појадокот. Наградете ги со бакнеж, пофалете ги и заблагодарете им се на помошта. Ќе се чувствуваат корисно и ќе бидат среќни што ви помогнале.
8-10 години
Нешто поголемите деца веќе можат сами да си направат појадок, да си го раскренат креветот, да го полеат цвеќето, да го изнесат ѓубрето. Можете да ги мотивирате со картичка со „поени“ – кога ќе соберат доволно поени однесете ги некаде кадешто ви кажале дека би сакале да одат или купете им нешто што им се допаѓа.
11-14 години
Децата на оваа возраст веќе би можеле да го прошетаат кучето, да ги раскренат садовите, да измијат садови, да подготват нешто полесно за појадок за сите. Нив најверојатно најмногу ќе ги израдува ако з аова добијат мал бонус на џепарлакот.