Дали вашето дете е премногу чисто?

Се повеќе се верува дека токму недостатокот на одредени микроби е виновник за порастот и зачестеноста на алергиите и астмата кај децата.

0
352

Родителите се стари непријатели на бактериите. Ги дезинфицираат масите, играчките и количките во супермаркетите за да ги заштитат децата од опасните микроби.
Ова е природен инстинкт, но очигледно отишол предалеку и сега веќе сериозно го загрозува имунитетот на детето.

Научниците допрва почнаа да го разбираат значењето на милионите микроби кои го сочинуваат човечкиот микробиом, вели Џонатан Ајзен, микробиолог од калифорнискиот универзитет Дејвис и додава дека антибиотиците и домашните средства за дезинфекција ги убиваат добрите бактерии кои им помагаат на нашите тела да се одбранат од болестите. Се повеќе се верува дека токму недостатокот од одредени микроби е виновник за порастот на зачестеноста на алергиите и астмата кај децата.
„Нашата кожа, се што ќе изедеме како и сите отвори на телото се изложени на микроби, а ние постојано ги уништуваме, што доведува до краткорочни и долгорочни последици“.
Луѓето од земјите во развој, кои растат во помалку стерилно опкружување, јадат непреработена храна и поминуваат повеќе време со други луѓе и животни, имаат поразновидни микроби во цревата и многу многу помалку алергии. Овие наоди одат во прилог на „хигиенската хипотеза“, што значи дека инфекциите кои ќе ги заработиме во детството како последица од несовршена хигиена го јакнат нашиот имунитетен систем и го подготвуваат да не заштити подоцна во животот.
Секако, не треба да се биде невнимателен затоа што некои микроби можат да бидат опасни за децата, па треба да ги држиме подалеку од површините на кои се сече свежо месо и од кујнските садопери, кои се обично највалканите места во домот. Исто така, и вецето е место кадешто детските рачиња не би требало премногу да се врткаат.

Првите месеци се клучни за идното здравје

Микробиомот почнува да се формира уште во матката, а првите месеци од животот се клучни за идното здравје. Така, бебињата родени по вагинален пат при мунувањето низ родилниот канал ги собираат здравите микроби, кои бебињата родени со царски рез тешко можат да ги стекнат. Затоа тие пет пати почесто добиваат алергии отколку бебињата родени вагинално и имаат 15% поголем ризик од дебелеење.
Студиите утврдиле дека на децата кои живеат во преголема чистота им недостасуваат микроби со одредени рецептори кои на имуниот систем му говорат да создадат антитела против одредени патогени. Кога тие рецептори не се стимулирани, нема заштитна реакција туку доаѓа до оние алергиските. А тогаш е доволно да се појави некој алерген – кикирики, полен, прашина – и детето има алергиски напад.
И мајчиното млеко е клучно за развојот на микробиомот. Сложените шеќери од млекото ја хранат бактеријата Bifidobacterium infantis, која бебето ја добива од мајката. Кога оваа бактерија ќе се размножи, таа го штити бебето од опасните бактерии. Кога детето не цица, нема ни храна за оваа бактерија, па новороденчето е изложено на опасни микроби.

Колку чистота е вистинската мерка?

Неодамна во Шведска е спроведено истражување кое покажало дека децата во семејствата кои рачно ги мијат садовите имаат значително помалку егземи и помалку алергии отколку оние од семејствата кои користат машина за миење садови. Други студии покажале дека децата кои живеат со кучиња и со мачки се поздрави затоа што животните им пренесуваат корисни микроби.
Децата во развиениот свет се раѓаат во стерилни родилни сали, си играат во дезинфицирани градинки и јадат добро измиени намирници. Во детството пијат антибиотици 10-20 пати. Иако на тој начин се зачувуваат многу животи, децата останѕуваат без многу важни микроби, објаснува Ајзен.
„Родителите треба да размислуваат како градинари и како еколози. Не е важно само да се хранат децата и да се чуваат од опасности – треба на некој начин да се одгледа и екосистем“, вели тој.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]