Една од често истакнуваните предности на доењето е тоа што е бесплатно. Нема купување на млечни формули, шишенца, стерилизатори… Природата едноставно сѐ прави самата.
Меѓутоа, не се сите трошоци парични, што добро го знаат мајките кои доеле. Доењето бара енергија и време, а за вработените жени, истрајувањето во доењето може да влијае врз кариерата и врз финансиската состојба на семејството.
Овие „скриени трошоци“ на доењето можат да се обвинат за релативно нискиот процент на мајчино млеко во исхраната на бебињата ширум светот.
Имено, извештајот на Светската здравствена организација за 2017.година покажува дека ниедна држава во светот не ги исполнува препорачаните стандарди кога станува збор за доењето.
Промовирањето на доењето се спроведува на различни начини веќе долга низа години, но резултатите на тие кампањи не се баш охрабрувачки. Меѓутоа, н Новата студија објавена во списанието JAMA Pediatrics открива дека постои уште еден начин да се зголеми процентот на доени деца – со плаќање на доењето.
Во истражувањето научниците се обиделе да утврдат што би се случило кога во областите во кои процентот на доени деца е помал од 40 отсто, на мајките би им се плаќало да ги дојат своите бебиња.
Повеќе од 10.000 мајки од Англија ја добиле следната понуда – ако своето бебе го храните исклучиво со доење, ќе бидете наградени со ваучери од 50 долари за купување на потребни работи за бебето.
Произлегло дека финансискиот поттик бил делотворен – плаќањето на доењето довело до пораст на бројот на доени бебиња.
Како што велат авторите на студијата, доењето е особено слабо распространето помеѓу посиромашните жители во богатите земји, кои имаат доволно пари за да влијаат на овој начин врз исхраната на бебињата.
Франција е уште една земја која успешно го користи финансискиот поттик за да го промовира доењето, нудејќи им на мајките кои дојат платен одмор.
Слични резултати има и истражувањето спроведено во Порторико, кадешто „бонусите“ за доење значително го зголемиле процентот на мајките кои дојат во текот на првите шест месеци од животот на бебето.
Доењето е значајно за општеството затоа што доените деца помалку се разболуваат и помаку страдаат од хронични здравствени проблеми.
Проценка на Светската здравствена организација е дека зголемената стапка на доење би можела да спаси 520 илјади детски животи годишно и да донесат заштеда од 300 милијарди долари во следната деценија, на трошоци за лекување.